1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доста е од Блатер-системот!

Јоша Вебер/превод: БГ29 мај 2015

Со големо шоу започна 65. Конгрес на ФИФА, но ќе заврши со фарса: повторниот избор на Сеп Блатер. Сепак, има знаци на надеж, смета Јоша Вебер

Фотографија: Reuters/L. Foeger

Ништо не е променето. Барем таков треба да биде впечатокот. Конгресот на ФИФА започна во четвртокот со спектакл: тапанари, виолинисти, оперски певци, рапери и млади брејкденс танчери - да наброиме дел од нив - заиграа на бината на циришкиот театар, додека водечките функционери со внимание следеа. Годинашниот, особено значаен Конгрес на светскиот фудбал, започна со големо шоу, но ќе заврши со голема фарса.
Новото крунисување на Јозеф Блатер за крал на фудбалот е завршена работа. За жал. Откако ги обезбеди гласовите од Азија, Африка и некои помали земји, Блатер си го загарантира мнозинството. По некоја кривична истрага и жестоки протести, тука и таму. Апсурдна ситуација. Блатер е одговорен за системот на провизии и услуги, кој го воведе заедно со претходникот на функцијата Жоао Авеланж, но се прави недоветен. Тој не можел сѐ да контролира, вели Блатер, дистанцирајќи се од функционерите кои ги нарекува своја „ФИФА фамилија“. И притоа успева да ја одржи на своја линија оваа фамилија, и покрај откажувањата од Европа поради обвинувањата. Неверојатна способност на малиот швајцарски конферансије, кој и на 79 години ја има моќта за манипулација. Не смее да се дозволи да се наруши репутацијата на ФИФА, вели Блатер.

Јоша Вебер

Време е за промени

Со оваа тактика Швајцарецот триумфираше и на изборите во 2011 година, и покрај бројните критики и обвинувања за корупција - во внатрешноста на швајцарскиот Хален стадион (местото на одржувањето на конгресот на ФИФА - н.з.) се крие таен свет. Но, овојпат е поинаква состојбата. Точно е дека ФИФА и нејзиниот врв веќе преживеаја слични кризи. Веќе имаше обвинувања за мито во милионски суми, корумпирани функционери исто така, а имиџот на Светската федерација е веќе долго разнишан. Слични напади, како актуелните обвинувања против високите функционери на ФИФА, исто така беа присутни. Но, новина се масовните државни истраги на неправилностите во ФИФА во САД и во Швајцарија, како и бурата од незадоволство низ целиот свет. Два фактора кои би можеле, веројатно и би морале, да предизвикаат промени.
Паралелните истраги на њујоршкото обвинителство и на швајцарското сојузно обвинителство се долго очекуваната шанса за нов почеток на врвот на светскиот фудбал. Она што од Блатер и од неговите следбеници беше означено како „лоша вест“, во суштина е благослов за фудбалот. Конечно и пошироката јавност ќе дознае дека ФИФА со години е проткаена со корупција, дека телата за контрола, како таканаречената Етичка комисија, во најдобар случај се слепи, и дека еден човек ја има политичката одговорност за тоа - оној кој веќе 34 години контролира сѐ во ФИФА: Јозеф С. Блатер.
Неговиот реизбор не може да се спречи. Премногу од тоа профитираат малите фудбалски федерации преку пари и услуги. Но затоа опозицијата во Европа, засилена со последните обвиненија, не смее да се предаде. Напротив: заедно со моќните спонзори, кои за првпат отворено и’ се закануваат на ФИФА со откажување, и поддржани од многу фрустрирани навивачи, УЕФА и симпатизерите мораат да покажат дека постои алтернатива за корумпираниот Блатер-систем и дека нејзините закани за бојкот на Светското првенство мора да се сфатат сериозно.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми