1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Достоинствено” повлекување или “спасувај се кој може”?

4 септември 2007

По 4 ипол години британските трупи преку ноќ ја напуштија последната база во Басра на југот на Ирак. Премиерот Браун вели дека работата била одамна планирана, но не може да го намали симболичното значење на тој чекор

Од повлекувањето на Британците од БасраФотографија: AP

Вистински вредно да се забележи не е дека Британците ја напуштаат Басра, вториот по големина ирачки град, туку дека се’ уште се таму. Оти тие, како и Американците, сакаа одамна да се повлечат - планираа веќе неколку месеци по крајот на војната земјата повторно да биде предадена во ирачки раце, со враќање на редот, мирот и стабилноста по соборувањето на Садам Хусеин. Четири години поминаа оттогаш, а Ирак и натаму е крвава катастрофа.

Тоа не го велат коментари во медиумите, ниту опозициони политичари кои сакаат лошо да ја прикажат работата на владата. Тоа го велат професионалци од фронтот, високи по ранг британски офицери, кои мораат да се помират со тоа дека своите сопствени луѓе ги праќаат во смрт. Тие не ја ставаат под прашање војната, тие не даваат политички оцени, туку чисто професионални и сето едноставно го сметаат за дилетантско. Еден генерал зборува за “интелектуална објава на банкрот на САД”, друг за смртоносни недостатоци, а уште пред повеќе месеци врховниот воен шеф на британската армија јавно изјави дека ситуацијата веќе не може да се контролира.

Но, нека не ве наведе на погрешни заклучоци масивната британска критика на сметка на САД. Тоа не значи дека Британците подобро ја прават работата, туку дека за високите офицери на нејзиното височество, се разбира, е полесно да ги критикуваат Американците, отколку сопствените политички шефови од Вестминстер. На Гордон Браун тоа воопшто не му одговара. Токму во моментот кога сака да плива независно од Вашингтон, критиката на генералите го принудува на солидарност со САД. Заедничката политика во Ирак претставува успех, вели британскиот премиер, иако, токму како и Џорџ Буш, знае дека е тоа лага и оти воопшто немаат контрола ниту поим како треба работите да одат понатаму.

Британското повлекување “на рати” не мора да се интерпретира како разијдување во англо-американската политика во Ирак – на обете страни тоа е политика “спасувај се кој може”, само стратегиите во Вашингтон и Лондон се различни. Американците испраќаат се’ повеќе војници оти веруваат дека со самото мноштво ќе можат да изнудат мир, како што на крајот ја добиваа секоја војна со материјална и технолошка надмоќ.

Британците запонаа “достоинствено повлекување”. Басра е почеток, тука нема залажување. Недвосмислени се индициите за скорешно целосно британско повлекување, иако новиот премиер Гордон Браун се воздржува тоа јасно да го каже. Едноставно, премногу е поволна пригодата за дистанцирање од воениот премиер Тони Блер.

Одамна не е прашање дали беше грешка навлегувањето во Ирак, туку дека би било неодговорно сега да се напушти. Офицерите од лице-место велат и дека “Ирачаните ни оддалеку не се во состојба да ја преземат одговорноста за безбедноста на земјата”. Но, за Британците е важно, ако премиерот ги враќа војниците дома, тогаш тоа по можност да биде пред Божик. Тие слики на крајот се бројат, оти Ирачаните не избираат британски премиер.

Холгер Зенцел

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми