1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доцна е за можноста „не гласам за никого“!

18 октомври 2016

Парламентот се распушти и не постои можност за измени во Изборниот законик кои би ја предвиделе можноста „не гласам за никого“, или други опции кои постојат во изборната практика во повеќе земји, велат експерти.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Потребни се измени во Изборниот законик за да може на гласачкото ливче да се додадат и други можности, како на пример „не гласам за никого“, како што вчера предложи ВМРО-Народна Партија, укажуваат експерти. Со оглед дека парламентот вчера се распушти, не постои можност да се гласаат измени во Изборниот законик кои би предвиделе ваква или други изборни опции, кои постојат во изборната практика во повеќе земји. Ваквиот став го потврдува Дарко Алексов, директор на на граѓанската асоцијација МОСТ, која со најголем број акредитирани набљудувачи ги следи изборните процеси во Македонија, но е упатена и во странските искуства во оваа сфера.  

„Опцијата 'никој од гореспоменатите' (none of the above) може да се сретне во различни држави во светот, како на пример Индија, Грција, Украина, Шпанија и други. Во Велика Британија има неколку партии и граѓански организации кои заговараат овозможување на ваква опција на гласачкото ливче. Летонија, пак, има систем со отворени листи, кој овозможува да се дадат и негативни гласови за оној кандидат кој гласачот не сака да биде избран. За да се воведе ваквата опција на гласачкото ливче, потребна е измена на Изборниот законик“, посочува Алексов.

Фотографија: MIA

Голем број неважечки ливчиња

Мотивите поради кои ВМРО-НП ја предложи оваа можност, произлегуваат од утврдените проблеми во досегашната изборна практика. Партијата смета дека со определбата „не гласам за никого“, реално ќе може да се види колкав е бројот на граѓани кои не веруваат во ниедна политичка опција, при што ќе се одбегне можноста тие да бидат обележани дека не гласале, а со цел да не бидат изложени на притисок од големите партии.

„Со ова големиот процент на неважечки ливчиња кој се движи помеѓу 3 - 4 отсто од вкупниот број излезени гласачи, значително ќе се намали. Исто така, целосно ќе се елиминира и можноста членовите на гласачките одбори при броењето на гласови со едно пречкртување на важечкото гласачко ливче истото да го претворат во неважечко, со што директно се влијае на крајниот резултат од гласањето“, наведе ВМРО-НП во образложението, додавајќи дека таквата практика долги години наназад успешно се применува во многу држави во Европа и светот.

Изборните циклуси во Македонија ги потврдуваат ваквите забелешки на ВМРО-НП. Проблемот со големиот број неважечки ливчиња често пати оставал многу сомнежи, поради брзината и леснотијата со која едно важечко ливче може да се претвори во неважечко. А статистиката покажува дека нивниот број не е мал. На пример, во првиот круг од претседателските избори во 2009 година имало дури 32.383 неважечки ливчиња. На претседателските избори во 2014 година нивниот број бил 23.428. На локалните избори во март 2013 година, само во Скопје имало 13.074 неважечки гласачки ливчиња, односно 4,69 отсто. Процентот на неважечки гласачки ливчиња бил највисок во општина Гази Баба - 6 отсто. Во Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров, Илинден, Шуто Оризари се движел меѓу 5 и 6 проценти.

Фотографија: MIA

Изборни рокови

Со оглед дека парламентот вчера беше распуштен и веќе не се можни измени на Изборниот законик, предлогот на ВМРО-НП останува да биде разгледан и имплементиран за следниот изборен циклус - локалните избори во март 2017 година. Денеска се очекува претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, да ја потпише одлуката за распишување на предвремени парламентарни избори за пратеници во Собранието на Македонија на 11-ти декември. Демократскиот Сојуз уште вчера, по распуштањето на парламентот, го повика Вељаноски веднаш да ги распише изборите, со цел Државната изборна комисија (ДИК) и другите државни институции навреме да ги почнат обврските.

„Независно што претседателот има можност уште неколку дена (до 27.10.2016 година) да развлекува, сметаме дека е коректно и во интерес на сите граѓани и партии тоа да го направи вечерва (17.10 - н.з), со што ќе започнат да течат законските изборни рокови. Само за потсетување, за да се објават некои закони, со авион ги носеа на потпис кај Ѓорге Иванов до Подгорица“, реагираа од партијата.

Откако Вељаноски денеска ќе го стави потписот на одлуката за избори, и официјално почнуваат да течат изборните рокови. За предвремени парламентарни избори, роковите што се пропишани со Изборниот законик може да се скратат за пет дена, освен за изборната кампања, која задолжително мора да трае 20 дена. Од ДИК велат дека тие се подготвени за спроведување на изборите. Пред една недела, пртседателот на ДИК, Александар Чичаковски и шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорката Нина Суомалаинен, потпишаа Меморандум за соработка, кој се однесува на заедничките активности на ОБСЕ и ДИК за периодот 2016 - 2017 година, за зајакнување на капацитетите на изборната администрација. Претходно, во текот на септември, ДИК ја заврши првата обука за обучувачи за избори. Тој новоформиран тим на обучувачи учествува во спроведувањето на програмата за каскадни обуки на изборните органи. Во организацијата на оваа обука, ДИК беше поддржана од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми