1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојдени за да останат: Европа и нејзините мигранти

Рајна Бројер
24 мај 2019

Европа без миграција? Едноставно не оди, вели раководителката на Виртуелниот музеј за миграција. Во депото се сместени касети од Турција, весници од Унгарија, писма од Полска – приказни за дојденците во Германија.

Köln DOMiD – Dokumentationszentrum und Museum über die Migration in Deutschland e.V. | Sandra Vacca
Фотографија: DW/R. Breuer

Сандра Вака става ракавици, се качува на едно мало столче и го отвора патентот. Позади стојат црвени плочки со работни позиции на турски јазик: автомеханичари, металопреработувачи, пакери. „Ова се оригинални плочки од централната канцеларија во Истанбул во која тогаш се пријавувале работници гастарбајтери. Луѓето биле регрутирани во матичната земја. Ова се работни позиции кои биле барани во Германија, места за кои имало голем недостиг на работна сила и се барале голем број на работници“, раскажува Вака.

Таа раководи со проектот „Виртуелен музеј на миграција“ во Документацискиот центар и Музеј за миграција во Германија (ДОМиД) кој се наоѓа во Келн. За таа цел кураторскиот тим интервјуираше луѓе со и без миграциско потекло. Нејзината и останатите приказни од архивата на ДОМиД ќе бидат раскажани во Виртуелниот музеј на миграција: дигитално, интерактивно, интересно. Корисниците може да кликаат низ различни децении и да видат бројни лични животни приказни. „Сакавме одново да ја раскажеме приказната на Германија преку перспективите на мигрантите бидејќи нивните искуства се претежно непознати. Секоја приказна е важна. Сите овие работи што ги чуваме во депото, од бокалот, преку книгата па сѐ до касетава раскажуваат некоја миграциска приказна“, вели Сандра Вака.

Сандра Вака раководи со проектот „Виртуелен музеј на миграција“ во Документацискиот центар и Музеј за миграција во Германија (ДОМиД) Фотографија: DW/R. Breuer

Семејна приказни: одраз на германското општество

Експонатите кои може да се видат во Виртуелниот музеј се внимателно спакувани и складирани во депото на здружението ДОМиД. Колекцијата почнала да се собира пред триесет години, во 1990 година, кога турските мигранти го основале здружението. Во меѓувреме тука се складирани околу 150.000 експонати од целиот свет.

Повеќе:

Денот кога тетка ми замина во Германија...

Гастарбајтери: годината стана вечност

„Често луѓето мислат дека немаат што да раскажат, но откако ќе си поприкажат со нас, ќе ги разгледаме фотографиите и ќе пронајдат по некој експонат, почнуваат да ги раскажуваат приказните поврзани со нив и сфаќаат колку се важни, интересни и разновидни нивните животи." Тоа се предмети како пасош, во кој првата дозвола за престој им е залепена како налепница, школско свидетелство без оценки, бидејќи ако ученикот не знае германски во првите години не се оценува. Тоа се приказни на дојденци. Но има и друга страна. „Расизмот и справувањето со него е важна тема кај нас. На пример, ние го имаме обвинението и транспаренти од демонстрации на Трибуналот ‘Раскин со НСУ-комплексот', интервјуа со засегнати и со други објекти во нашата архива кои фрлаат светлина на оваа страна на приказната“, вели Вака. Под една стаклена кутија се наоѓа радиото на семејството Генч, чие живеалиште во Солинген беше запалено во 1993 година. Пет лица загинаа во подметнатиот пожар.

Експонатите кои може да се видат во Виртуелниот музеј се внимателно спакувани и складирани во депото на здружението ДОМиДФотографија: DW/R. Breuer

Една касета за родителите, две боксерски ракавици за децата

Сандра Вака ни ги покажува нејзините омилени експонати. „Тоа е една касета од таканачените 'куферски деца'. Тоа се деца кои растеле со баби, тетки или други роднини додека родителите им биле на работа во Германија – од една година, станувале две, три, четири, а понекогаш и десет. Тие им испраќале касети наместо писма за да може да им го слушнат гласот. Имаме една касета на која се слуша како пее девојче. Една од многуте емотивни приказни“, вели Вака. Покрај нив стои друг експонат – две боксерски ракавици кои пред две години се најдоа во депото. Тие се оштетени и кожата им е испукана. Ги донираше Боро Марковиќ. „Со овие ракавици тренираа многу луѓе. Без разлика дали сме од исток, запад или југ, сите сме луѓе," раскажува Марковиќ, кој со години тренира бокс. Тој дошол во Германија во 1975 година како дете на гастарбајтери од Босна и Херцеговина, тогаш дел од поранешна Југославија. Во 1988 година семејството се враќа назад во старата татковина. Но, неколку години подоцна таму започнува војната и во 1993 година Боро Марковиќ, овојпат како бегалец, повторно се враќа во Германија. Оттогаш живее во едно мало гратче во близина на Келн. На прашањето што е негов дом, тој со насмевка одговара: „Фудбалскиот клуб Келн“, вели и гордо го покажува дресот на ФК Келн. Како интеграциски работник за здружениетоБИКУП тој се обидува да гради мостови: културолошки, јазични, општествени. Само со вакво поврзување може да функционира интеграцијата и мирниот соживот, како во Германија, така и во Европа.

Секоја мигрантска приказна е посебнаФотографија: DW/R. Breuer

Музејот на турнеја

И боксерските ракавици на Боро Марковиќ може да се видат во Виртуелниот музеј на миграција кој беше лансиран пред една година. Оттогаш Сандра Вака е на турнеја низ Германија и го презентира проектот во 18 градови. Како на дете на италијански мигранти, родена во Франција и веќе десет години живот во Германија, оваа тема ѝ лежи на срце. „Јас сум некаков вид европско дете. Миграцијата е конститутивен дел од европската историја, минато и иднина, и ние мора за тоа отворено да зборуваме од сите аспекти. Многу деца на мигранти од втора или трета генерација преку изложбата за првпат ги гледаат или слушаат приказните на своите баби и дедовци, бидејќи често во овие семејства не се зборувало многу за минатото и сопственото миграциско искуство. Затоа е важно да ги пренесуваме овие приказни преку интервјуа и експонати."

Нејзина најголема желба: да води вистински реален музеј. Во депото на ДОМиД има доволно експонати. Во тек се преговори со градот за нешто вакво. Исто така интересот за таков еден Музеј на миграција е голем. А и релевантноста. Дотогаш изложбата може да се погледне на страницата на Виртуелниот музеј на миграција.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми