1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојдено времето за „паметни фабрики“

Ролф Венкел/ Симе Недевски17 септември 2013

Паметни фрижидери или телевизори комуницираат меѓу себе. Смарт-технологијата е одамна одомаќена во домаќинствата. Но тоа не е случај и во фабричките хали. Браншата има намера тоа набргу да го промени.

Фотографија: dapd

Германските производители на алатни машини со задоволство се опишуваат како срце на германската индустрија. На крајот од краиштата станува збор за стручњаци кои конструираат алатни машини без кои останатата индустрија не може да ги произведува машините по кои Германија е позната во целиот свет: од автомобили, преку авиони, до медицинска техника. За индустријалците ширум светот неделава во германскиот град Хановер започна најважниот настан на годината - ЕМО, на кој преку 2100 излагачи од 43 земји ги претставуваат своите најнови достигнувања на полето на индустриски и алатни машини.

Извозна локомотива

Фотографија: picture-alliance/dpa

На прво место, според бројот на излагачи, се разбира е домаќинот. „Германија е на самиот врв“, вели гордо Вилфрид Шефер, директор на Здружението на производители на алатни машини, кое воедно го организира овој саем. Претпријатијата кои се занимаваат со производство ширум светот се наоѓаат пред исти предизвици. Имено, нивните консументи очекуваат, без оглед на местото на производство, што е можно поквалитетни прооизводи кои сепак ќе имаат пристапни цени, а кои истовремено би биле произведени со што е можно поголема заштеда на ресурси и на енергија.

Паметна фабрика

Во последно време од посебна важност е токму енергетската ефикасност на алатните машини. „Речиси две третини од енергијата ја трошиме на тоа машините да ги држиме во погон. Ќе биде голем успех ако ни појде од рака барем мала заштеда на овие огромни количества енергија“, вели Беренд Денкена, професор на Институтот за алатна техника на Универзитетот во Хановер. Но денес повеќе не е доволно да се производуваат штедливи машини. Муштериите од индустријата очекуваат сеопфатни решенија кои би ги обединиле и осамостоиле производните процеси. „Паметна фабрика“ односно "Smart Factory" гласи волшебната формула, која на годинешниот саем во Хановер е тема број еден.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Показател на состојбата во стопанството

„Во моментов се служиме со технологии кои веќе имаат најдено примена во секторот на производи за широка потрошувачка. Значи ние поврзуваме компоненти, секој дел е целосно самостоен, но може да комуницира со други машини. Тоа донесува целосно нов концепт и ни овозможува флексибилност која ни е итно потребна во индустријата“, објаснува Детлев Цилке од Германскиот центар за истражување на вештачка интелигенција во Карлсруе. Во развојот на концептот "Smart Factory", Германија има отидено чекор понапред од останатите машинопроизведувачки велесили, како Кина или Јапонија. „ Ние без сомнеж сме водечки на ова поле, но и другите нации не спијат. Јужна Кореја неодамна покрена сличен истражувачки процес“, вели Цилке. Машинопроизводителите се надеваат дека наредната година ќе донесе подобрување на пазарот. Трендот покажува раст на побарувачката што е добро и за целокупното стопанство. Машиноградбата и натаму се доживува како показател за економските движења од која може да се види како му оди и на остатокот од индустријата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми