Затворска казна или ослободителна пресуда за Бојан Јовановска и Катица Јанева? Јавноста ја чека пресудата за високопрофилниот случај.
Реклама
Денеска треба да биде изречена пресудата за случајот „Рекет", предмет кој од лани летото го апсорбира вниманието на јавноста заради профилот на лицата инволвирани во него. Фокусот беше насочен пред се кон обвинетата, сега веќе поранешна специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, која од симбол на недежта за достижност на правдата стана антипод на сето тоа. Истрагата за случајот ја затекна Јанева во тешки семејни моменти. На денот кога беше приведена (21-ви август 2019) почина нејзината мајка. Сега, пресудата ја дочекува неколку дена по смртта на нејзиниот татко, долгогодишен судија и претседател на гевгелискиот суд. Помеѓу тие два приватни моменти, она што ја интересира јавноста е - дали, зошто и како починал професионалниот морал и интегритет на една јавна обвинителка, обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, кривично дело за кое претходно таа ги гонеше прекршителите од високите политички кругови. Мебелот во вредност од 296.040 денари кој Јанева го добила на подарок од првообвинетиот, само ја потенцираше кариктуралноста на примањето на подарокот, имајќи предвид дека неговата вредност беше идентична на месечен приход на обвинителката со сите додатоци.
Прашањето „Зарем, заради парче мебел?“, остана одвишно, кога ќе се земат предвид големите бројки. Имено, првообвинетиот - неформалниот сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски (Боки 13) е обвиненет за две кривични дела: „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, а Зоран Милески - Кичеец за помагање на кривичните дела што ги сторил Јовановски. Обвинителството ги товари Јовановски и Кичеец дека земале 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да му ја олеснат положбата во истрагата на СЈО за предметот „Империја“. Каква била улога на Јанева во тој триаголник?
Уште пред да почне судскиот процес, снимките од овој настан јавноста ги виде откако беа објавени на веб-порталот на италијанскиот весник „Ла Верита“.
Милески во старт ја призна вината и доби казна затвор од 3 години, чија правосилност ја чека на слобода. До денес не се знае каде завршила фамозната торба од марката „Луј Витон“ во која биле изнесени дел од парите изнудени од Камчев. Случајот ќе добие судски епилог, но без јавноста да го слушне сведочењето на единствениот кој ја призна вината - Зоран Милески. Обвинителството сметало дека нема потреба од негово сведочење бидејќи веќе има доволно докази, а тоа не го побараа ни обвинетите, чија одбрана се темелеше на оспорување на обвинувањата на Милески.
Над 30 рочишта за овој случај поминаа во изјави на обвинетите кои повеќе се занимаваа со пикантерии во односите меѓу нив, отколку на суштината на обвинението и на одбраната. Јовановски, кој на првите рочишта се појавуваше прилично изнемоштен, а неговиот адвоката тврдеше дека имаа сериозни здравствени проблеми, крајот на судскиот прпоцес го дочека во друго издание - без знаци на какви било здравствени проблени и со најава: „За вас можеби ќе биде банално, некои аналитичари можеби ќе сметаат дека сум полудел, но од овој момент кажувам дека пред вас стои следниот лидер на оваа земја и планирам да се занимавам со политика“.
И тој, и Јанева, се изјаснија дека се невини и дека не ги сториле делата за кои се товарат, со став дека целиот случај е исконструиран со цел да се урне Специјалното јавно обвинителство. Јовановски, во контекст на неговите амбиции изјави дека ќе го надмине и Тито (Јосип Броз), а пред десетина дена и Јанева се надмина себе си: во знак на протест за истрагите против неа се соблекла во просториите на Дражавниот завод за ревизија, останувајќи во долна облека.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.