1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче Банк во голема криза

Хенрик Беме
28 септември 2016

Најголемата германска банка ја потресуваат најголеми проблеми во нејзината историја. Дали на крајот ќе ја спасуваат даночните обврзници, се прашува авторот на коментарот, Хенрик Беме.

Logo Deutsche Bank
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

„Би ми било срам кога во криза би прифатил државни пари“. Така во октомври 2008. година зборуваше Јозеф Акерман, тогашен шеф на најголемата германска банка. И тоа во екот на големата финансиска криза која го потресе светот, а посебно банките.

Денес знаеме дека таа помош на Дојче Банк (ДБ) и не и’ беше потребна. Оваа германска комерцијална банка тогаш заработуваше многу добро- и тоа со помош на гигантски трикови во работењето. Лошо е само што ДБ сѐ до денес мора да ги сноси последиците од тие трикови, камуфлажи и измами. Банката беше (или уште е) вмешана во околу 7.800 правни спорови во целиот свет. Мораше да плати казни или отштети во милионски, па дури и во износи во милијарди. Тоа се пари кои би  биле потребни единствената германска финансиска институција со меѓународна репутација сега да се подготви- за иднината.

Наскоро „отпад“

Всушност, ова околу реномето веќе и не е точно. Вредноста на акциите од 2009. година опадна за цели 90 насто и во моментов се движи околу 10 евра по акција, што е најмалку во историјата. Пресметано, тоа значи дека банката е вредна малку повеќе од 14 милијарди евра. Споредено глобално, ДБ е на 78. место и се наоѓа во друштво со банките од Малезија и Бразил. Акциите на Дојче Банк неодамна, поради падот на вредноста, се исфрлени од берзанскиот индекс Euro Stoxx 50. ДБ денес е поволна можност за странски инвеститори! Единствено што никој не сака да ја купи, бидејќи во нејзините биланси се кријат обврзници и други хартии од вредност од вкупна вредност од 1,7 милијарди евра.

Хенрик Беме

Тешко е да се замисли што би се случило ако оваа банка доживее колапс. Последица би била нова светска финасиска криза. Дојче Банк е дел од глобалниот финансиски систем- и тоа неговиот високоризичен дел. Меѓународниот Монетарен Фонд еднаш ја нарече „најголема закана“ за тој  систем. ДБ е на списокот од 30 банки релевантни за опстанок на целиот систем, а тоа се, значи, институти кои, во случај на колапс, би можеле да предизвикаат пад на целиот систем како кула од карти.

Убиствени барања од САД

Па како тогаш некој да инвестира во Дојче Банк, посебно ако се земе  предвид фактот дека уште не се решени големите проблеми од минатото? Тука се и натаму неразјаснетите обвинувања за перење пари во Русија, при што евентуалните казни би биле тешки милијарди. А на маса е барањето за отштета од 14 милијарди долари од американското Министерство за правосудство- се работи за грешки уште пред финансиската криза.

Сега секако, може да се шпекулира дали тие 14 милијарди  се „одмазда“ за европските барања упатени кон Епл за плаќање данок- со приближно иста сума. (Што е веројатно бесмислено.) Но таа теза сепак не може туку-така да се игнорира, бидејќи токму Американците со хипотекарните кредити најпрво надуваа огромен меур од сапуница, а потоа ризиците ги спакуваа во симпатична обвивка и им ги „подметнаа“ на странските банки (во ред, тие не мораа да ги купуваат). И сега на сцена настапуваат Американците и наплатуваат отштета. И тоа и кај домашните, и кај странските банки. (Да, да, овој свет е лош!)

И на крајот- даночните обврзници?

Без разлика на тоа што е од сето ова е  вистина и колку Дојче Банк на крајот навистина ќе мора да им плати на Американците: 14 милијарди долари Дојче Банк едноставно не може да плати. На инвеститорите не им се допаѓа идејата за зголемување на основниот капитал, односно издавање на нови акции, бидејќи во тој случај дополнително би се намалила цената на хартиите од вредност. И сето тоа не би се исплатело, бидејќи: кој воопшто би сакал да купи акции од таа банка? Шпекулативни хартии, ништо повеќе.

Така целиот тој сплет на околности доведе до тоа одеднаш повторно да се зборува за онаа „зла“ идеја- имено за државна помош. Секако дека двете страни, и Дојче банк и германската Сојузна влада итно се потрудија да ги демантираат тие гласини и да ги наречат шпекулации. Но целата работа не е толку едноставна: секако дека банката може да се одвои од својот инвестициски сектор и така би можеле да се „соберат“ некои пари. Но една работа е апсолутно сигурна: доколу ДБ навистина се најде во големи проблеми, може да се појде од тоа оти на крајот банката ќе мора да ја спасуваат даночни обврзници. Без оглед на тоа што владите во светот, а во прв ред Ангела Меркел, некогаш го ветуваа. А ветија дека даночните обврзници никогаш повеќе нема да мораат да спасуваат некоја банка. Каква глупост!

 

Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми