1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче банк - крајот на една икона

Хенрик Беме
9 април 2018

Во шефовската фотелја на Дојче банк повторно седнува нов човек. Со него е поврзана надежта дека сега сѐ ќе се подобри. Негова задача ќе биде да ја спаси банката од пропаст, коментира Хенрик Беме.

Deutschland Deutsche Bank in der Krise
Фотографија: Reuters/K. Paffenbach

Не поминаа ни три години откако во јуни во Франкфурт одекна медиумската бомба - Аншу Џаин, Британецот со индиско потекло, заминува од челната позиција во Дојче банк. На негово место дојде друг Британец, Џон Крајан, донесен од страна на Паул Ахлајтнер, шеф на Надзорниот одбор. Крајан беше целосна спротивност на Џаин, вистински „воркохолик“, зад грб го нарекуваа „Мистер намуртенко“.

Крајан се фрли на работа, се држеше во позадина, со месеци не курсираше ни една единствена негова актуелна фотографија. Британецот ги прочисти билансите со железни метли, се помири со рекордна загуба од близу седум милијарди евра. Скова нова стратегија, беше променето речиси комплетното раководство на банката. Крајан од патот отстрани вистински големи карпи, во прв ред скапите правни спорови во САД. Да се потсетиме само на жешката есен 2016. година: над банката се надвиснуваше казна од 14 милијарди долари, која би ја одвела во пропаст. Во Берлин веќе се дискутираше за евентуална државна помош. Заслуга на Џон Крајан е што не се остварија најцрните сценарија.

Хенрик Беме

Човек без среќа

Тој постојано молеше за трпение, потребно е време да се санираат бројните гревови од минатото. Но, за несреќа - грешеа и многу други банки, мораа исто така да плаќаат милијарди високи казни. И додека другите, првенствено американските големи банки, повторно почнаа вредно да заработуваат пари, Дојче банк постојано тонеше на меѓународната ранг-листа. Светскиот врв, кој некогаш се имаше во вид, дефинитивно исчезна од хоризонтот на Дојче банк.

Кога точно се случи крах на релација Крајан - Ахлајтнер, шефот на Надзорниот одбор, отстрана гледано не може да се каже со сигурност. Веројатно, кратко пред Божик 2017. година, кога стана јасно дека Крајан трет пат по ред не може да презентира годишна добивка на банката. Всушност, даночната реформа на Доналд Трамп беше причина што од фактичкиот плус настана минус. Но, тоа очигледно никого не го интересираше. Очигледно Ахлајтнер во целина беше незадоволен од постигнувањата на Крајан. Само еден пример: поради Брегзит неопходната преселба на 4.000 банкари од секторот на инвестиции од Лондон (во најголем дел во Франкфурт) бавно напредува. Што не е чудо, зашто раководниот тим на проектот во 90 проценти се состои од Британци. Одговорен: Џон Крајан.

Повеќе: 

Дојче Банк „крвари“ поради проблемот со перење пари

Дојче банк си ги бара парите од менаџерите назад

Дојче Банк во голема криза

Враќање кон корените?

Сега на челната позиција во Дојче банк повторно доаѓа Германец, човек кој пред 30 години почнал како практикант во една нејзина филијала во Билефелд. На Кристијан Зевинг не треба да му се завидува на работното место. Дотолку повеќе што дел од крупните акционери уште претходно настапија со мислење дека Зевинг уште не е доволно зрел за шефовската позиција. Тоа не се нарекува баш претходна доверба. Но, јасно е и нешто друго: со персоналната одлука шефот на Надзорниот одбор, Ахлајтнер повлекува пресвртен потег, кој нема да остане без последици по стратешката ориентација на банката. Значи, помалку инвестмент-банкарство, а повеќе банкарска работа на домашниот пазар? Повеќе „германска“ банка? 

Токму тука демнат стапиците за новиот шеф. Повторно временски интензивна потрага по нова стратегија, која ќе ги исцрпува силите. И тоа во време кога конкуренција забрзано натамошно напредува. И идејата со домашниот пазар не е едноставна работа. Во Германија постојат преку 1600 банки. Многу од нив одамна се уходани во деловниот модел - финансирање на бизнисот на средно-големите претпријатија, тука никој не чека на луѓето од Дојче банк. А и големите германски концерни одамна се вртат кон други банки кога станува збор за фузии или преземање фирми.

Дојче банк, некогашната икона и финанисер на германското стопанство, самата себеси одамна се редуцираше на просечност. Курсот на акциите е само виц, угледот нагризан. Банката е кандидат за преземање, но никој не сака тоа да го направи. Следниот, кој треба да си ги собере парталите, е Паул Ахлајтнер. Дојче банк во ваква состојба никому не му е потребна. Ахлајтнер имаше доволно време тоа да го промени, а ништо не постигна. 

 

Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми