1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче банк: Радикална терапија со неизвесен исход

Хенрик Беме/превод: Ж.А.20 октомври 2015

Новиот шеф на Дојче банка преку радикални преструктуирања сака најголемата германска банка повторно да ја врати на патеките на успехот. Неговиот курс е храбар, но и ризичен, смета Хенрик Беме.

Фотографија: dapd

Џон Крајен не сакаше долго да чека. Всушност, за крајот на октомври беше најавена конференција за новинари на која 54-годишниот Британец сакаше да ги претстави своите планови за реструктуирање на германската парична куќа број 1. Но, најважните одлуки се веќе познати, а Надзорниот одбор ги поддржа на двочасовната седница во неделата, 18.10. Кадровскиот карусел се движи со толку запрепастувачка брзина, што центрифугалната сила веќе исфрли некои личности од нивните фотелји. Цели две страници од вкупно четири од соопштението за медиуми беа полни со нови имиња и надлежности. Имиња на оние кои доаѓаат и оние кои си одат (или мора да си заминат). Првенствено, на оние топ-менаџери кои на било каков начин беа вмешани во скандали во минатото.

Хенрик БемеФотографија: DW

100 дена тешка работа

Крајен, кој на должноста директор е од 1 јули оваа година, очигледно се фрлил на работа со многу елан. Или подобро речено, се впуштил во расчистување. Тој сфатил дека нему, кој нема силна база во „кулите близначки“ во франкфуртскиот финансиски кварт, му се потребни нови луѓе за да може да ги оствари своите цели. Неговиот претходник Аншу Џаин, заедно со ко-шефот Јирген Фичен, се надеваше некако да се снајде низ тешките времиња обележани со судски процеси и казни во милијардски износи, како и исцрпувачките судири со надзорните тела. Тоа беше повеќе од јасно на собирот на акционери во мај.

Кратко потоа, на почетокот на јуни, Џаин поднесе оставка. Фитчен остана уште некое време, но нов шеф стана Џон Крајен. „Отсега веќе не се сметаат зборовите, туку делата“, тоа беше се‘ што можеше да се чуе од неговата уста. И практично, во првите 100 дена на новата должност од него не се чу ништо, немаше настапи во јавност. А потоа уследија две „бомби“ за помалку од две недели. Прво, најавата за рекордна загуба од 6,2 милијарди евра во третиот квартал на 2015 година и сега, конкретни планови за реструктуирање на финансиската институција. И тоа какви планови.

Без гаранција за успех

Новиот водечки тим, кој околу себе го собира Крајен, би требало да го отежне функционирањето на старите врски и познанства. Уште поважно од сите кадровски одлуки е новото структурно позиционирање на банката. Така, се истакнува првенствено новата позиција на инвестиционото банкарство. Секторот кој под водството на Аншу Џаин, за волја на вистината, произведуваше профит за Дојче банк, но и кој на оваа институција и‘ ги подари најголемите проблеми.

Крајен диктира запрепастувачко темпо. Ќе биде потребна голема уметност во тој процес на огромни реформи да ги придобие вработените и да не искрши премногу порцелан. Јасно е и тоа-кадровскиот карусел тукушто започна да се врти. Тоа што почна да се случува на рамништето на топ-менаџментот, наскоро би можело да се пресели и неколку скали пониско. Загрозени се илјадници работни места.

Како Џон Крајен во таква ситусација сака да одржи висока доза мотивација на вработените во банката и да постигне тие да го следат на патот на планираните промени? Конференцијата на 29 октомври сепак ќе биде одржана. На неа Џон Крајен сака првпат да и‘ се презентира на јавноста и да ги објасни своите планови. Можна е претпоставката да се чуе нова „бомба“. Сепак, без оглед на целокупниот елан на новиот шеф на Дојче банк, засега се‘ е во најави. Акционерите се‘уште аплаудираат. Но, тие сакаат наскоро да видат успеси. А таа гаранција Џон Крајен не може да им ја даде.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми