1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До азил со помош на лажни татковци

Константин Клајн
28 јули 2017

Може ли да се заработат пари со признавање на туѓи деца како свои? Мажи со германско државјанство, според сомневањата, за пари лажно признавале татковство за деца на жени кои бараат азил.

Deutschland Beratung für Flüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Simon

Според истражувањата на германската радио-телевизија Берлин-Бранденбург, се чини во германската престолнина функционира деловен модел според кој туѓи деца, за пари, се признаваат како свои. Тоа не е легално, но е тешко сузбивањето со правни средства.

Виетнам-таун се наоѓа во источниот дел од германскиот главен град, овде за заедницата има сѐ со што може да се тргува, па и- германски мажи. Германци, за добри пари преземаат татковство на виетнамски деца. Активисти за човекови права, полицијата и обвинителството претпоставуваат дека зад ова се крие безкруполозен бизнис.

„Се сомневаме дека во голем број случаи постои злоупотреба на признавањето татковство, во меѓувреме познати ни се лица кои имаат признато и над десетпати татковство, на пример“, вели Мартин Штелтнер од Обвинитетсвото во Берлин.

Само во една куќа за згрижување жени, во берлинскиот кварт Шенеберг, живеат околу 70 виетнамски бремени жени и мајки, кои сакаат да останат анонимни. Една од нив, да ја наречеме госпоѓа Лох, има 23 години и била во осми месец од бременоста кога во ноември 2016 година добила привремен азил поради мајчинство. Неколку дена претходно кај нотар потпишала договор за признавање на татковство заедно со Германецот Роберт К.

Детето е родено на почетокот на јануари и автоматски добило германско државјанство. Мајката смее да остане во Германија - легално. Дека 28-годишниот Роберт К. е вистинскиот татко на детето, е крајно сомнително. Тој и неговиот пријател ни се закануваа со тепање кога се обидовме да поразговараме со него.

Се прашуваме во каква согласност се неговите постови на Фејсбук и виетнамското дете: тој е симпатизер на десничарско-радикалната партија НПД, повеќепати е кривично казнуван, меѓу другото и поради практикување на Хитлеров поздрав.

Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Peters

Само во Берлин во последните месеци се регистрирани близу 700 случаи на злоупотреба на правото на татковство. Лажните татковци, нотарите и адвокатите, како што се претпоставува, касираат до 5.000 евра од бремените жени, татковците не плаќаат алиментација, бидејќи тие често живеат од социјална помош.

Овој вид бизнис, кој функционира и со жени од Африка и од Источна Европа, е раширен низ целата земја, претпоставува Оле Шредер, државен секретар во Сојузното министерство за внатрешни работи.

„Гледаме дека тоа има широки размери, црните бројки се високи, службите за странци ни испраќаат укажувања дека лажните татковци на овој начин заработуваат големи суми. Значи, овде е во прашање  голем криминал“, вели Шредер.

Германскиот уставен суд во 2013 година не им дозволи на службите во сомнителни случаи да вршат оспорување на татковството, стравувајќи од тоа дека децата ќе останат без државјанство. Беше прифатено - оној кој го признал татковството - останува татко, сеедно дали станува збор за биолошкиот родител или не, истакнува Мартин Штелтнер од Обвинителството во Берлин:

„Признавањето татковство е легално, затоа, од правен аспект, немаме никаква можност за покренување истражна постапка.“

Инсајдери се надеваат дека сепак овој модел ќе биде запрен, зашто во иднина, службите за странци, ако постои сомнеж за злоупотреба, можат да бидат активни. Бундестагот и Бундесратот неодамна усвоија соодветен пакет закони. Тоа е важно и од причина што постојат индиции дека засегнатите жени подоцна се принудувани на проституција, зашто влегле во зависен однос со германските лажни татковци и луѓето кои ги влечат конците зад овој бизнис.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми