1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До кохезија со амнезија за 27-ми април?

14 декември 2017

Византиски претконгресни игри во Белата палата, нова амнестија од вилата „Водно“ или само шпекулации? Магла е надвисната над политичките процеси.

Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Дали Груевски со неговата оставка политички веќе се испазарил за негова амнестија и до Конгресот формално ќе игра улога на жесток опозиционер или оставката е предуслов за да почне пазарењето за поширока амнестија?

Ова се шпекулативните прашања што се вртат во јавноста, особено по притворите за 27-ми април, во пресрет на  декемврискиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ за избор на нов лидер,  но и по потврдата дека пратениците од оваа партија нема да учествуваат во парламентарните тела и заседанија.

„Во базата нема јасна слика какви се намерите. Ако Груевски две недели пред Конгресот го одредува курсот на дејствување на партијата - со бојкот на парламентот и протести за ослободување на притворените за 27-ми април, тоа значи дека на следниот лидер му остава упатство да го продолжи истиот курс, во спротивно ќе биде доживеан како предавник. Од друга страна, го слушам Антонио Милошоски како вели дека помалку е битно новото име за претседател на партијата, а повеќе е битен новиот концепт за делување на партијата. Тоа значи дека не се согласува со сегашниот концепт. Од друга страна, се појавува со Груевски на протести и ги дели неговите ставови. Кој е тогаш новиот концепт? Членството е збунето. Не знаеме какви игри се играат во врвот, но сѐ повеќе има сомнеж дека некои за нешто лично се пазарат, и дека партијата на тој начин ќе биде омаловажена и фрлена на колена“, вели партиски член.  

Високи партиски функционери не сакаат да зборуваат за ваквите сомнежи, со став дека моментот е чувствителен, дека течат подготовки за Конгресот и дека каква било изјава во овој момент може да биде погрешно протолкувана и да направи штета во внатрешните односи.

Членството е збунето - какви игри се играат во врвот на ВМРО ДПМНЕ? Никола Груевски на протестиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Во офанзива кај дипломатите

Партијата која лани во декември во ироничен стил ги прераскажуваше средбите со странските амбасадори, сега е посветена на средби токму со дипломатските претставници во барањето спас за притворените пратеници. Последна во низата е средбата на лидерот во заминување, Никола Груевски, со амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад, на која разговарале за актуелната состојба и стратегиските интереси на Македонија. Како што соопшти партијата, Груевски потенцирал дека власта спроведува политички прогон и реваншизам врз сите оние кои различно мислат, а како доказ за тоа ги посочил приведените за настаните од 27-ми април. 

„Во притвор се наоѓаат невини луѓе, a во исто време кога се носи амнестија за над 1.000 затвореници и се ослободуваат убијците на децата на Смилковско езеро. Се апсат пратеници со цел да се оневозможи нивно присуство во парламентот. Политичкиот прогон се случува и во поширока смисла, a СДСМ преку СЈО креира непостоечки обвиненија. Над 150 луѓе од ВМРО-ДПМНЕ се предмет на судска, полициска и политичка хајка, зад која се кријат политички мотиви“, му се пожалил Груевски на норвешкиот амбасадор, и порачал дека мора да престане политичкиот прогон и да се стави крај на гушењето на демократијата.

„Во ваква една атмосфера на страв, закани и уцени невозможно е земјата да се посвети на вистинските стратешки интереси како што е членството во НАТО“, потенцирал Груевски.

Условување на поддршката на реформските процеси во парламентот во замена за амнестијаФотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Ќе ги извадиме од притвор

Во ваквите пораки на Груевски аналитичарите препознаваат условување на поддршката на реформските процеси во парламентот во замена за амнестија , стопирање на какви било истраги, но и на започнатите судски процеси. Тоа произлегува и од истите три барања кои партијата ги истакнува во сите изминати денови: Безусловно запирање на сите процеси на политички прогон; Итно и безусловно стопирање на малтретирањата, теророт и изживувањето кое го прави СДСM; Итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со политички прогон.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа и од Хелсиншкиот комитет за човекови права да се заложи и да дејствува за заштита на опозициските пратеници и да ја осуди злоупотребата на полицијата и обвинителство во пречекорувањето на нивните овластувања при притворањето на пратениците. Притоа соопштија дека секојдневно остваруваат средби со меѓународни и домашни институции кои ги информираат за прекршувањете на законските постапки и процедури околку начинот на кој се води истрагата за настаните од 27-ми април. За тоа го информирале и претставникот за правни работи на ОБСЕ, Џеф Били. Тие потврдија дека нема да учествуваат во парламентарните тела и заседанија, со став дека нема соодветни услови тие да партиципираат во работата на Собранието додека шестмина нивни колеги се во притвор.

„Во моментов СДСМ е владејачко мнозинство и тие имаат должност да ги обезбедат сите услови за непречено функционирање на парламентот“, порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Манојлоски.

Пратеничката Лилјана Затуроска во тв-настап потврди дека пратеничката група остварила контакти со повеќе амбасадори за да ги запознаат со случувањата, а тие ветиле дека ќе разговараат со нивните правни служби и дека одблиску ќе го следат целиот процес.

„Искрено рекоа дека тоа ќе го направат. Следуваат наредните чекори, повторно да имаме средба со нив“, најави Затуроска, додавајќи дека „е  надвор од разумот обвинението за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“.

„Ние ќе настојуваме со сите можности кои ни ги дава и собранискиот Деловник и Уставот да влијаеме на секој начин и да кажеме дека притворените колеги пратеници се товарат за нешто што не го направиле. Ќе бараме начин нив да ги извадиме од затвор затоа што не се виновни. Тоа го направивме и преку испраќање на писма до нашите колеги пратеници од другите парламенти во регионот“, потенцира пратеничката.

Ново Пржино?

Извори од партијата, кои имаат бројни забелешки на раководењето на Груевски, сметаат дека  лидерот во заминување сака да создаде перцепција дека Македонија влегува во политичка криза  многу потешка и поголема од онаа во 2015. година и дека таа може да биде разрешена на зелена маса, по уренекот на „Пржино“ и само со амнестија и прекин на сите истраги и процеси поведени од СЈО и ЈО.

Тие велат дека немаат информации дали спасот од кривичен прогон може да стигне од вилата „Водно“, како што во денешното издание објавува весникот „Слободен печат“. Повикувајќи се на неименувани извори, весникот објави дека претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов би можел да посегне по институтот аболиција, овојпат во врска со настаните од „крвавиот четврток“.

„Како што се зборува во партиски кругови, Иванов наводно се подготвува да аболира дел од обвинетите што учествуваа во крвавите настани што се случија на 27-ми април во Собранието. Нашите извори велат дека аболицијата се очекува да биде лансирана во последната недела од декември, односно по изборот на новиот партиски лидер на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува „Слободен печат“. Според изворите, на тој начин, наследникот на Груевски во старт би требало да биде претставен како херој помеѓу членството и како заслужен за ослободувањето на притворените.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, досега во повеќе јавни настапи изјавуваше дека правната држава мора да функционира и законот да важи подеднакво за сите.

„Убеденоста дека правната држава и законот мора да важи за сите, на крајот ја гарантира и оваа лузна која најверојатно ќе ја носам до крајот на мојот живот. Законот има да важи еднакво за сите. Па ако сака нека е мојот прв соработник, или мојот прв член на семејството кој е до мене“, изјави Заев во јуни годинава.

Стратегијата за реформи во правосудството и следните чекори на политичките актери ќе откријат дали во меѓувреме нешто се сменило.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми