До нова шанса преку повторно учење
30 јуни 2013Образовен центар на Сименс во Берлин. Тука Емануела Милиори е почетник. Иако 23-годишната Гркинка има завршено студии по информатика, сега повторно се образува и тоа за електричарка.
„Сега го инсталирам вториот прекинувач, штекер и една светилка. А, ова сето мора да се поврзе едно со друго“, објаснува што пави на практичнта настава информатичарката Емануела Милиори.
Таа е една од 29-те студенти од 13 европски земји. Многумина се овде, бидејќи не нашле работа во својата татковина. Како што е и Власиос Нтицос. Инженерот осум месеци се обидувал да најде работа, по што и’ го завртел грбот на Грција.
„Немаш работа, немаш пари, а мораш да живееш. Јас имам 25 години и морам да почнам со животот. Но, немам работа, немам ништо“, вели дипломираниот инженер Власос Нтицос.
И тој се одлучи овде да почне одново. Три илјади пријавени за 29 места. Власиос Нтицос и Емануела Милиори ги положија строгите тестови и интервјуа. Предизвикот сега се техничките термини на германски. Тоа што нивниот инструктор исто така е Грк им е од мала помош.
„За време на школувањето не се зборува грчки. Тука се зборува германски, за да го научат јазикот. Ако воопшто не учат германски, нема да го положат тестот. Јас веќе знам за што се работи“, вели инструкторот Христос Папабитис.
Затоа од работната маса се оди директно на часови по германски јазик. Девет часа неделно плус од програмата за обука на нивните германски колеги. Двојно обучени, со познавање на два јазика и високо мотивирани - вакви работници му се потребни на Сименс, а тоа може и да чини многу. Европските учесници на обуката се за третина поскапи отколку германските. Сименс секому му плаќа по 800 евра месечно, стан и четири бесплатни летови кон татковината.
Дали планот ќе профункционира и дали младите ќе се вратат во Грција, засега е неизвесно. Тие знаат дека економијата таму е на дното.
„Сега не можам да кажам што ќе правам по три ипол години... Никој не знае каква ќе биде ситуацијата во Грција. Сега не можам да се одлучам“, вели дипломираниот инженер Власос Нтицос.
Тие во ниту еден момент не зажалија за одлуката уште еднаш да се образуваат, иако се дипломци, бидејќи во Германија добија барем шанса.