1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До победата и по неа

9 мај 2022

Денот на победата над фашизмот не треба да биде само ритуално потсетување чии дедовци ги дале животите во таа борба, туку и како нивните наследници денес се однесуваат кон препознавањето на сите рецидиви на фашизмот.

Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот годинава се одбележува во ситуација која никој не можеше да ја предвиди пред неколку месеци - дека на на тлото на Европа ќе има војна, со огромен број цивилни жртви, уништени домови, повеќе од пет милиони бегалци и внатрешно раселени лица, но и дека агресија ќе изврши земја од некогашниот Советски сојуз, кој во борбата против фашизмот даде најголем број жртви.

Затоа денес, кога во многу земји церемонијално се одбележува овој ден, „Одата на радоста“ звучи како ода на тажното и големо потсетување дека мирот не е освоен еднаш засекогаш.  И дека „војната“ за мир денес мора да се води со дијалог, дипломатија, разбирање и соработка, а ѕвецкањето на оружјето е поразително признание дека тие не биле навремени и прв план, туку во последен и задоцнети.

Седумдесет и седум години по Втората светска војна,  Денот на победата над фашизмот не треба да биде само ритуално потсетување чии дедовци ги дале животите во таа борба, туку и како нивните наследници се однесуваат кон препознавањето на сите рецидиви на фашизмот во денешено време, дали и како им се спротивствавуват,  дали предупредуваат,  дали ги победуваат.

Антифашизмот денес треба да биде јасен и сеопфатен концепт против она што е неприфатливо за современото човештво. Напорите за тоа не смее да останат само во историските учебници. Зборот фашизам денес многу често се употребува во дневно-политичкиот говор, но во образовните системи малку се прави за денешните генерации да научат како да го препознаат него или неговите никулци во рамки на политичкото дејствување, а под плаштот на демократијата.  Младите за него учат на еден многу конзервативен начин, и за него најчесто слушаат кога политичарите се повикуваат на антифашистичките темели на државите. Но, не добиваат знаење дека тоа е камелеонот кој може да се прилагоди во секое време и на сите актуелни моменти, доколку јавната свест подзаспие или општествата бавно реагираат во справувањето со него, и доколку остават простор да се протне на повеќе пунктови:  медиумски, на парламентарни говорници, во изборни кампањи, во партиски програми, зад верски говори, историски, културни и спортски манифестации.

Најголемата заблуда на некритичкото поимање на демократијата е дека таа сама по себе гарантира цврста рампа за никулци на фашизам. Се разбира, тоа е заблуда. Ако се развие спектар на злуоупотреба на демократските достигнувања кои постепено ќе се претвораат во нешто спротивно на тоа, (апсолутизам, деспотизам, национализам, партократија, нетолеранција кон различностите, гушење на слободите)  тоа е отворен пат кон создавање висококалорична храна и алиби за развивање на тенденциите што вирееле пред осум децении.

Свечено кревање на македонското и знамето на ЕУ по повод Денот на Европа во 2020 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Отклон од демократијата, а во име на демократијата, може да подотвори врата за „привлечни“ идеи кои целосно се косат со моралните и цивилизациски принципи, кои може да почнат благо да ги трујат општествата, а кога тоа ќе стане многу видливо - да биде (пре)доцна.

Северна Македонија во битката против фашизмот беше на исправната страна на историјата. За жал, тоа не ја прави покомотна денес. Пример за тоа блокадите на најзиниот евроинтеграциски пат, кој низ призмата на еден соседски спор и барањето за „оправање“ на историјата, открива дека ветото може да биде инструмент и за притисок да издадеме „антифашистички акции/индулгенции“ во македонските учебници за некој што во големата војна немал таква улога.

Очигледно, антифашизмот денес е посакувана „значка“ на реверот. Но, тоа не може туку така да се закачи. Мора да се заслужи, како во минатото, така и денес.

Македонското општество има морална и историска задача да обезбеди континуитет на антифашистичката борба.  За тоа не е потребно конвенционално оружје, туку волја и силен сојуз со почитување на човековите права, на различностите,  градење рамноправно општество, еднаков пристап до работни места, битка против корупција, непотизам, деконтаминација од национализми, накусо - градење вистинска и функционална, а не фасадна демократија. И тоа е задача на сите елити - надмандатна, континуирана и бескомпромисна.

Задача е секојднево да се гради и негува дијалог и разбирање, а не исклучивост и нетрпеливост по линија „ако не си со мене, тогаш си против мене", погубната „филозофија“ која несанкционирано почна да го гради погонот на злото во 30-тите на на минатиот век, за да брзо да стане доминантна и разорна за човештвото.

Успехот на секое демократско и антифашистичко општество е ако навреме реагира на поделбите. Сите под знамето на антифашизмот не значи проста униформост во еднолични ставови, туку битка на различни конструктивни идеи како да се унапредат безбедноста и стандардот на живот, а не како да се деконструира мирот во чии темели се вградија милиони животи.  Пред осум децении војната против фашизмот покажа многу подвизи, но мора да се разбере дека во мир секогаш има место и за уште повеќе.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми