1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До традиционален исламски брак преку интернет

21 февруари 2011

Во германскиот град Келн основан е интернет-портал за муслимани кои сакаат да стапат во брак. Но, порталот е наменет само за сериозни самци или самици со единствена намера- стапување во брак на исламски начин.

Фотографија: Screenshot www.muslimlife.eu

Најголемиот број корисници на порталот се од Германија, Турција, Холандија, Австрија и Швајцарија, иако одреден број доаѓаат и од северна Африка или Саудиска Арабија. Во најкус можен рок, германскиот интернет-портал за муслимани кои бараат партнери забележа голем успех на европскиот пазар. Сопствениците на порталот одлучија да се разликуваат од други слични интернет страници по тоа што ги истакнуваат „исламските вредности“ во потрагата по партнер. Тоа значи дека се бараат исклучиво самци кои имаат сериозни намери да стапат во брак, и тоа на исламски начин. Јасно се укажува дека секое друго користење на порталот, односно користење кое нема за цел основање на семејство, не е дозволено.

Џемиле Учар од Келн има 34 години, таа е атрактивна и шармантна, а дополнително и многу побожна муслиманка. Таа е разведена, самохрана мајка. Преку порталот сака уште еднаш да си ја испроба среќата.

„Мојот поранешен сопруг беше муслиман, но само на хартија. Не беше особено заинтересиран за исламот, а тоа за мене беше премногу пасивно и премалку. Сега сакам да запознаам партнер кој сака да живее согласно со правилата на религијата“, вели Џемиле.

Христијаните немаат шанси

Оние кои ќе се пријават на порталот можат да напишат по нешто за својот религиозен начин на живот. На пример, дали се конвертити, дали редовно се молат, дали носат шамии и слично. Оние што сакаат можат да си постават и фотографија на профилот и така полесно да комуницираат. И покрај тоа што порталот е наменет првенствено за муслимани, на него се регистрирани и неколкумина христијани. Нивните мотиви и успехот да привлечат некој од присутните на порталот се нејасни. За Џемиле Учар, на пример, пресудна во одлуката е верската припадност.

„Со мене контактираше еден христијанин, и според она што го пишуваше многу ми се допадна и подолго време комунициравме. Но врската не продолжи затоа што тој не стана муслиман. Сакаше да конвертира, но сето тоа траеше премногу долго. На крајот му реков дека религијата за мене е од клучна важност и врската се распадна“.

Во краен случај, вели Џемиле, таа би се одлучила за муслиман дури и во ситуација кога тој би бил помалку атрактивен од припадникот на некоја друга вера.

Сопствениците на порталот велат дека за нив не е важна верската припадност на посетителитеФотографија: fotolia/albiberon

За сопствениците на порталот, верската припадност на оние кои се пријавуваат на порталот не игра пресудна улога.

„Ние не правиме разлика во однос на верата, кај нас може секој да се пријави. Друго прашање е дали оние кои не се муслимани тука имаат шанса да ја пронајдат својата среќа“, вели сопственикот Кадин Јучел.

Порталот „Муслимлајф“, Кадин Јучел го отворил заедно со својот пријател Џунејт Тиргил во 2007 година. Месечната членарина за мажи изнесува 20 евра, а за жените 10 евра. Стапката на склопени бракови преку оваа интернет-контакт берза изнесува околу 17 проценти.

Автор: Улрике Хумел

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми