1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

До три години затвор за „демначите“

ДТЗ /ДВ
3 февруари 2021

Се подготвуваат измени во Кривичниот законик со цел да се спречат случаи како скандалозната „Јавна соба“, за која денеска ќе се одржи и протестен марш во Скопје.

Messenger Telegram
Фотографија: picture alliance/dpa/D. Feoktistov/TASS

Со законски измени државата ќе се обиде да спречи појава на нови „Јавни соби“, во кои жртви најчесто се малолетнички. Во иднина ќе се гонат и демначите на социјалните мрежи, за кои се предвидени парични казни, како и казна затвор до три години. Целта е да се спречат во иднина злоупотреби на социјалните мрежи кои зачестија изминатиов период. Правда за жртвите од „Јавна соба“ ќе биде побарана и на денешниот протестен марш во Скопје. Протестот го организира Платформата за родова еднаквост. Ќе се маршира од Министерство за внатрешни работи до Јавното обвинителство.

Нови законски одредби

Министерството за правда подготви законски измени со кои се воведува и ново кривично дело „демнење“. Измените на кривичниот законик оваа недела ќе бидат испратат во Владата на усвојување. Во законските измени се додаваат одредби во кои се вметнува терминот „демнење“. Ќе се казнуваат парични или до три години затвор оние кои подолго време следат некого, прогонуваат или се мешаат во личниот живот на друг, при што ги злоупотребуваат личните податоци на жртвите, телекомуникациските или други системи на комуникација. Казни ќе добиваат и оние демначи кои своите жртви психички ги злоставуваат, вознемируваат или застрашуваат и со тоа им предизвикуваат чувство на несигурност, вознемиреност или страв за нивната сигурност или за сигурноста на нивните блиски. 

-повеќе на темата: Институциите се соучесници во „Јавна соба“

Ваквите изјави ги најави неодамна министерот за правда Бојан Маричиќ на средба со една од девојките - жртви на „Јавна соба“, којашто се охрабри јавно да прозборува за голготата низ којашто поминала, откако нејзини фотографии и лични податоци биле споделувани меѓу членови на групата на Телеграм. Полицијата во случајот „Јавна соба“ приведе четири лица, на кои им се одземени телфоните и се предадени на вештачење. Случајот не само што предизвика лавина реакции и осуда во јавноста, која бара ваквите злоупотреби итно да престанат туку и иницираше законски измени, со цел да се спречат вакви појави во иднина. 
Пред една година за прв пат беше обелоденет во јавноста случајот за групата „Јавна соба“, за кој од јавното беше соопштено дека за тој случај се уште се води предистражна постапка. Сопственикот и администраторот на групата тогаш беа идентификувани од страна на МВР. Случајот се актуелизираше повторно деновиве, кога беше обелоденето дека на социјалната мрежа над 5.600 членови во групата споделуваат експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. МВР ја затвори групата, но веднаш се појавија неколку нови. 

Протестен марш

Од невладината организација „Хера“ во изјава за медиумите оценуваат дека случајот „Јавна соба“ само ги потврди потребите од законски измени за ваков вид на сексуално вознемирување, но најважно е тие побрзо да почнат да се спроведуваат. Поддршка за измени во Кривичниот законик даде и јавниот обвинител Љубомир Јовески, а целосно расчистување на случајот со „Јавна соба“ побара и државниот врв.

-повеќе на темата: „Јавна соба“ со мрачни тајни 

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Телевизијата 24 вести рече дека станува збор за потенцијални неколку илјади жртви, поради што е неопходно случајот да има правна разврска. Дел од жртвите алармирале за злоупотребите уште во март, но нејасно е зошто речиси цела година не било постапувано од страна на надлежните институции. 

-повеќе на темата: Телеграм ја затвори „Јавна соба“, полицијата уапси дел од членовите

Жртвите на „Јавна соба“ поддршка добија и од Платформата за родова еднаквост која повика на протестен марш денеска. Ќе се маршира од Министерство за внатрешни работи до Јавно обвинителство.
„Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот ‘Јавна соба’, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сè уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции. Неколку приведени членови и санирање на штети нема да нè замолчат“, стои во повикот објавен на социјалните мрежи.
Маршот ќе почне во 14:30 часот пред МВР. „Ги охрабруваме жртвите на ‘Јавна соба’, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и да побараат правда. Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно“, велат од Платформата за родова еднаквост и нагласуваат дека не смее да се дозволи одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција, бидејќи „држава која не постапува е држава која силува“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми