1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До 13 часот гласале околу 370.000 граѓани

5 мај 2019

За да биде успешен изборниот процес на гласање треба да излезат 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи.

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Според обработени податоци од 95,39 отсто од избирачките места, до 13 часот на гласање излегле 20,73 проценти од гласачите. Со уште околу пет проценти од податоците што допрва треба да се обработат, според ДИК, се проценува дека на гласање излегле 370.000 граѓани. И овој процент на одзив е сличен со излезноста до 13 часот во првиот круг од изборите.

Засега не може да се процени дали и колку врз излезноста се одразуваат и врнежите од дожд што ги донесе циклонот Ален во Северна Македонија.

Исто како и утринава, одзивот останува највисок во Крива Паланка (39,96), Кратово (33,82) и Берово (31,53), но до пладне ним им се придружија и Крушево (34,33), Прилеп (33,84) и Гевгелија (33,07). Најниска излезност бележат Желино (4,22) Врапчиште (6,12) и Боговиње (6,21).

Според ДИК, се проценува дека на гласање излегле 370.000 граѓаниФотографија: DW/P. Stojanovski

Акредитираните набљудувачи јавуваат дека процесот тече во фер и демократска атмосфера. Од невладината „Цивил" која на терен има 160 набљудувачи кои во текот на изборниот ден ќе посетат меѓу 1.300 и 1.600 избирачки места, велат дека гласањето се одвива мирно, со помали пропусти и нерегуралности.

„'Цивил' нотира случаи на организиран превоз на гласачи во Штип и во Карбинци. Партиски набљудувач во едно избирачко место во Штип, како и член на ИО во Карбинци, се вклучени во активности на организиран превоз на гласачи. Постојат индиции за кршење на изборниот молк во текот на оваа постапка. 'Цивил' располага со фотографии и броеви на регистерски таблички", велат од организацијата.

Нејзините набљудувачи во ОУ„Крсте Мисирков" во општина Гази Баба, (каде што се избирачките места 2498, 2499, 2499/1 и 2500) регистрирале расфрлани летоци околу училишниот двор, со негативна конотација за еден од кандидатите.

Повеќе:

Одзивот до 10 часот - 6,31 отсто, слично како во првиот круг

Тече вториот круг на шестите избори за петтиот претседател

Нивниот мониторинг забележал и повеќе од 60 случаи на кршење на изборниот молк меѓу петокот и саботата се’ до 9 часот денеска: агитирање и дистрибуција на пропаганден материјал на неколку интернет портали, а најмногу на социјалните мрежи како Фејсбук, Инстаграм и Твитер.

„Иако објавите на социјалните мрежи во поголем дел се преку приватни профили на мрежите и може да се каже дека не го кршат Изборниот законик директно, сепак, се работи за грубо кршење на изборниот молк, особено затоа што него го спроведуваат членови, активисти и функционери во политичките партии и неформалните политички иницијативи. Исклучок не се ни јавни личности што јавноста ги препознава како поддржувачи на одделни политички опции. Со нивното јавно произнесување во време на изборен молк, тие го кршат", велат од „Цивил".

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми