1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Декларациите ја ограничуваат слободата на историчарите

7 февруари 2022

Политичките декларации за кој било историски настан или личност не значат ништо друго освен зголемена интервенција на политиката во историјата, вели Ѓоргиев

Nordmazedonien Skopje | 150 Jahren seit der Geburt von Goce Delcev
Фотографија: Government of North Macedonia

Заштита на ликот и делото на Гоце Делчев, или минирање на Договорот за добрососедство и на работата на Комисијата за историски и образовни прашања? Меѓу овие две оценки се најде предлог-декларацијата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со која тие бараат да се афирмира заложбата за заштита на ликот и делото на македонскиот револуционер,  Гоце Делчев.  ВМРО-ДПМНЕ го повика СДСМ да се изјасни за ваквата предлог -декларација, а на темата се говореше и на вчерашната дебата насловена „Гоце е Македонија“.

„Очекуваме, како што се сплотува јавноста околу една ваква Декларација, така да има сплотеност и од страна на политичките субјекти на власт. Молкот на СДСМ само може да ги зголеми сомнежите дека власта на СДСМ подготвува пазар со националните интереси, особено во делот на историското значење на Гоце Делчев во македонската револуционерна борба“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Им ги врзува рацете на историчарите

Дали ваква декларација ќе ја олесни работата на македонскиот тим во Комисијата за историски и образовни прашања?

„Политичките декларации за кој било историски настан или личност не значат ништо друго освен зголемена интервенција на политиката во историјата и наметнување на политички толкувања и вреднувања на сметка на критичката историографска анализа“, изјави за ДВ Драги Ѓоргиев, копретседател во заедничката Комисија за историски и образовни прашања.

Како илустрација за тоа ја посочи декларацијата усвоена од бугарското собрание.

„Декларацијата усвоена во бугарското Собрание во октомври 2019 година, на пример, изразува силна политичка позиција во однос на минатото поврзано со Македонија и го става Собранието во улога на одредувач на ‘историската вистина’, што имаше негативно влијание врз работата на македонско-бугарската историска комисија. Таквите декларации, несомнено, отвораат пат за злоупотреба на историјата во политички и идеолошки цели и ја ограничуваат слободата на историчарите. Се разбира, носењето на овој вид декларации секогаш предизвикува одговор на страната која е засегната и ја принудува да одговори на ист или сличен начин, при што секогаш се рефлектираат исто толку тврди ставови и позиции. Низ оваа призма и во тој контекст треба да се гледа и декларацијата усвоена во македонското собрание минатата година“, вели Ѓоргиев.

Драги Ѓоргиев, копретседател во заедничката Комисија за историски и образовни прашањаФотографија: Privat

Во моментов, нема одговор од други партии за предложената декларација од ВМРО-ДПМНЕ. Што ќе значи ако биде поддржана од сите?

„Од друга страна, може да се запрашаме што воопшто значи одреден настан или личност од минатото да се ‘заштитат’ со внесување во некаква политичка декларација? Со сигурност може да се каже дека тој настан и ли таа личност ниту повеќе, ниту помалку ќе припаѓаат на одреден историски наратив, само затоа што ќе бидат внесени во некоја политичка декларација“, вели Ѓоргиев.

Минирање на Договорот

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека нема ништо спорно во тоа да има институционално и општествено вреднување на делото на  Гоце Делчев.

„Ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту експертите, ниту пошироката јавност не гледа ништо спорно во тоа да се констатира огромното, недвосмислено и широко прифатено значење на ликот и делото на  Гоце Делчев  во остварувањето на целите на народна епопеја за слобода и независност“, оценуваат од партијата.

Но, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, посочува дека токму со политички декларации за историски прашања се минира Договорот за добрососедство, но и улогата на Комисијата за историски и образовни прашања.

„Недозволиво е дебатата за историските прашања да излезе од рамките на Комисијата за историски и образовни прашања и експертите во неа, и да се префрли кај политичарите за да ја користат како платформа за своите политички кариери и дневните политички препукувања. Со таквите непромислени иницијативи од партии кај нас, но и одредени политички партии во Бугарија кои неодамна предложија слична декларација за Светите Кирил и Методиј, се минира Договорот за добрососедство и улогата на Комисијата како негов инструмент, а историските прашања стануваат предмет на политички натпревар и уште поголем раздор и несогласувања“, вели за ДВ министерот за надворешни работи.

Постојана, а не поводна почит

Деновиве можеа да се слушнат разни јавни реакции по прашањето на декаларацијата, и евидентно е дека во јавноста има цел спектар од ставови за оваа тема. Главно, голем дел сметаат дека декларацијата е нужна сега и веднаш, дел посочуваат дека такво нешто може непотребно да рефлектира наша несигурност, бидејќи ако сме уверени во значењето на Делчев за Македонија, зошто тоа да го потврдуваме со декларација - во парламентот? Но, има и критики дека односот кон делото на Делчев треба да се искажува континуирано, а не само поводно или во контекст на спорот со Бугарија.

Во Бугарија веќе најавија дека целата 2022 година ќе биде посветена на Гоце Делчев, со конференции и нови изданија за неговото дело. Зад иницијативите стои формиран комитет од научници од Бугарската академија на науките, директори на музеи и разни фондации. За во лето се најавува голема научна конференција на која ќе учествуваат научници од Бугарија и странство, а Државната агенција „Архиви“ подготвува документарен зборник поврзан со Гоце Делчев. Во него ќе се најде и фондот што го поседува Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ кој го сочинуваат 95 документи - писма и телеграми најмногу до Гоце Делчев, испратени од различни дејци на ослободителното движење во Македонија и Одринско, како Никола Зографов, Јане Сандански, Христо Татарчев... Нивната содржина била поврзана со испраќање и примање оружје, пари, весници, храна, облека за четите, а се засегале и прашања поврзани со организација на гранични премини, назначувањето на наставници и друго. Дел од писмата на Гоце Делчев се дигитализирани и јавно достапни преку веб-страницата на бугарската Национална библиотека „Свети Кирил и Методиј“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми