1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматично во Куманово: престрелката се вжештува!

Катерина Блажевска9 мај 2015

Неофицијално, терористичката група брои меѓу 70 до 80 лица, но намерата им била да влезат во двојно поголем број и да нападнат стратегиски објекти во градот. Се множат апели за смиреност и неподлегнување на провокациите

Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Престрелката во Куманово се жештува. Се слушаат пукотници, интервенираат бројни екипи на службата за Брза помош, улиците се блокирани, а во градот се стационирани неколку стотици полицајци. Најжестоките престрелки и натаму се водат во месноста „Дива населба“, односно месната заедница „Тоде Мендол“ која се наоѓа од десната страна при влезот во Куманово. Над Куманово кружат хеликоптери , но имаат и чести прелети над Скопје. Се претпоставува дека до клиничките центри транспортираат повредени од денешната акција на МВР, која започнала утрово околу 4 часот за разбивање на непозната вооружена група стационирана во кумановската „Дива населба“.

Извори од здравствените институции велат дека имаат наредба да не даваат информации, но потврдуваат дека има повредени лица - полицајци и цивили. Бројката не ја соопштуваат. Засега нема потврда за наводите дека има и загинати. Целосно се изгорени три куќи, кои биле искористени како засолниште на терористичката група.

Уште вчера медиумите објавија информација дека вооружена група навлегла од Косово во Македонија и планира напади на полицајци и специјални единици како и други државни институции. Неофицијално, терористичката група брои меѓу 70 до 80 лица, колку што успеале да влезат во критичната зона, но според безбедносни извори намерата им била да влезат во двојно поголем број и да нападнат стратегиски објекти во градот. Настаните ги следат дваесетина новинарски екипи од земјата и од регионот.

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, од 6 часот утрото одржува состаноци со претставници на партиите застапени во Советот на општината и со директори на јавните претпријатија.
„Од партиите од албанскиот блок кои партиципираат во Советот на општината добив уверување дека никој не ја поддржува терористичката група. Таа е целосно изолирана од албанското население, кое се залага за мир и соживот во градот. Ова опасно сценарио е осудено и од сите граѓански организации во општината“, вели градоначалникот на Куманово. Поради безбедносни причини, во Куманово денеска е одложено одржувањето на манифестацијата по повод 9 Мај. Градоначалникот побарал и засилена полициска контрола во реонот каде што е сместена филтер- станицата за прочистување на водата, од која се снабдуваат 28.000 домаќинства, односно 100.000 корисници.

Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

ДУИ загрижена

Демократската унија за интеграција соопшти дека со голема загриженост ги следи денешните случувања во Куманово и постојано апелура и се залага кај граѓаните за ладнокрвност и да не подлегаат на било какви провокации. ДУИ смета дека денешните настани во Куманово, но и тие претходните во Гошинце, експлозијата пред седиштето на ДУИ и други, се дејствија што се во целосна спротивност со стратегиските определби на албанскиот народ како во Македонија, така и во Косово, во Албанија, и Прешевската Долина.

„Ние сме убедени дека само една стабилна и сигурна Македонија може да биде од полза на целиот регион и дека ниту една дестабилизација на земјата не е во интерес на aлбанскиот народ во регионот. Албанците во Македонија имаат однапред определена агенда и се во содејство со САД; ЕУ и НАТО и сакаат да ја видат земјава со целосна еднаквост на граѓаните, со добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, во мир и стабилност како и зачленета во НАТО и интегрирана во Европската Унија“, порача ДУИ и ги повика медиумите да демонстрираат голема одговорност во ова многу деликатно време, а граѓаните на Куманово и на населбата каде што се одвиваа денешните настани да останат мирни и да не подлегнуваат на разни дезинформации.

„Истовремено, МВР треба да постапува со целосна одговорност кон чуствителноста на безбедносната и политичката ситуација“, потенцира ДУИ.

Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Обединети против насилството

Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, вели дека во овој момент е најважно да се обединат сите, без разлика на етничката припадност, и да го осудат терористичкиот атак врз државата.

„По нападот врз интегритетот на државата, треба да се дејствува ефикасно. Треба да им се даде поддршка на безбедносните сили за неутрализација на овие групи. Исто така, треба да престанат меѓупартиските обвинувања дека ова е сценарио на власта или на опозицијата“, порачува Трајанов.

Професорот Денко Малески смета дека никогаш во македонската куса демократска историја, внатрешниот судир не бил побесмислен од моментот во кој живееме. „Имено, од Балканот, зафатен од европските процеси на интеграција и демократизација, е исклучена војната како средство за разрешување на конфликтите помеѓу државите. Решавајќи ја, преку членството во НАТО и во ЕУ, вековната безбедносна дилема - 'Што ми подготвува соседот?' - овој евроатлантски процес на обединување, нам ни ја остава само задачата на демократски и мирољубив начин да ги разрешуваме своите домашни прашања. Во ваков поволен меѓународен амбиент, тоа не би требало да биде тешка задача. Демократските механизми за разрешување на македонската политичка криза и искрената волја за мир треба да се доволни за насилството веднаш да запре“, порачува Малески.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми