1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Драма за Турција, но уште поголема драма за ЕУ“

Барбара Везел / Е.М. Фиданоска9 јуни 2016

Европарламентарците се огорчени поради постапките на турската влада против опозиционите пратеници. Но, само малкумина бараат остар одговор и ставање крај на преговорите со Турција за приклучување.

Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

„Европската комисија е сериозно загрижена поради укинувањето на имунитетот“ на 138 опозициони пратеници во Турција, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вчера во Европскиот парламент. Пред околу три недели турскиот парламент, под притисок на претседателот Реџеп Таип Ердоган, со мнозинство гласови одлучи да го укине имунитетот на една третина од пратениците, кои сега може да сметаат со кривично гонење. Погодени се пред сѐ претставниците на прокурдската партија ХДП. Соодветниот закон Ердоган го потпиша во вторникот и е веќе во сила.

Тоа што незадоволството на Европската комисија сега го пренесе еврокомесарот за проширување, а не, на пример, Високиот претставник за надворешна политика Федерика Могерини или вицепретседателот на Комисијата, Франс Тимерманс, кој конечно и ги води преговорите со Анкара, покажува дека Брисел сака да ја држи незгодната тема „на тивок оган“. На крајот на краиштата, сѐ уште се работи за спас на остатоците од договорот за бегалците. „Турција е клучен партнер во справувањето со миграцијата“, се вели од Брисел.

Незадоволството на Европската комисија го пренесе еврокомесарот Јоханес Хан, а не Високиот претставник за надворешна политика Федерика МогериниФотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Vanden Wijngaert

Преговори за приклучување - и, што натаму?

Во еден вид мало упатство за демократија Хан потоа објасни дека не смее да се укинува имунитетот на пратениците за со тоа да се врши политички притисок. И, апелираше до Турција да се приближи повторно до европските вредности. Притоа, комесарот смета дека преговорите за приклучување, посебно делот за правосудството, се и натаму најдоброто средство за на Турција да ѝ се стави јасно до знаење дека е на погрешен, недемократски пат.

По ваквото прилично млако излагање, пратеничката од Христијанско-демократската унија Ренате Зомер беше појасна: Турција е на пат кон „претседателска диктатура“, курдската опозиција - и не само таа - се замолчува, сето ова е „драма за Турција, но уште поголема драма за ЕУ“. Зашто, Унијата има потреба од партнер од доверба. Сега Европа би морала да реагира и „да ги стави ад акта преговорите за приклучување“, нагласи Зомер.

Фотографија: Fotolia/Vladimir Wrangel

Турската демократија на ивица на понор

Заменикот претседател на ЕП Александер Граф Ламбсдорф од либералите, не оди толку далеку, но потсетува на Копенхашките критериуми, на условите за преговори за приклучување. На прво место се бара институционална стабилност, како и правна држава и демократски поредок. Ваква база во Турција веќе нема. Заштитата на малцинствата е укината од страна на владата со нејзините мерки против Курдите. Судството е политизирано, печатот е замолчен, синдикатите и другите социјални движења се заплашени, слободата на собирање е ограничена. Сепак, либералот остави на своите слушатели сами да извлечат заклучок врз основа на ова набројување на прекршувања на демократските темели.

Еден од најрешителните гласови во текот на дебата дојде од Левицата. Габи Цимер рече: „Вџашена сум што е можно во Европа да се создава таква клима на страв и заплашување“, како што тоа Ердоган го прави во Турција. Земјата го напушти патот кон демократски систем. Цимер потсети дека меѓу турските пратеници чиј имунитет е укинат се наоѓа и Лејла Зана, која од страна на ЕП е наградена со наградата Сахаров за нејзината борба за слобода на мислењето. Освен тоа, погодена е и Фелекнас Уџа, која пред да се пресели во Турција долги години беше претствник на германските Зелени во Европскиот парламент. Само таа сега е соочена со седум судски процеси.

Визната либерализација не е на дневен ред

Европската комисија и Европскиот парламент направија сѐ за дебатата да ја држат што понеупадливо. Таа беше закажана за вечерта и зборуваа пред сѐ претставници од вторите редови на пратеничките групи. Едно, меѓутоа, е јасно: визната либерализација, за која Европскиот парламент мора да даде согласност, не е на дневен ред. За тоа веќе нема мнозиснтво.

На крајот, еврокомесарот Јоханес Хан се заложи за водење реалполитика. Турција е важен сосед, со кој е неопходно натамошно соочување. Но, дури и тој стравува дека ЕУ би можела да си го губи времето доколку продолжи со преговорите за проширување. Ердоган сега би требало да објасни „дали е сериозен со нас, или не“, рече Хан.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми