Што ќе се случи ако во куќа што гори се фрли средство за брзо ширење на огнот? Она што СПД во моментов го прави со дилетантски инсценираната смена во врвот. Мораше да се знае дека ќе биде така, оценува Сабине Кинкарц.
Реклама
Мартин Шулц предизвика голем хаос во СПД. Но, најголемата штета некогашниот исцелител веројатно ја направи при своето заминување. Носење одлука за свој наследник во најтесен круг, која потоа ѝ се диктира на партијата ја разбесни базата на СПД повеќе отколку што веќе беше. Оној што пред една недела слушаше што зборува Шулц кога на јавноста ѝ соопшти за Андреа Налес, веројатно накратко остана без воздух. Начинот на којшто Шулц ја соопшти смената на врвот остави впечаток како изборот на 47-годишната шефица на пратеничката група за нов лидер да е само формалност која ќе помине на вонреден конгрес.
На СПД да ѝ се наредува одозгора и тоа токму сега, кога недовербата меѓу базата и партиското раководство има добиено досега невидени размери? Што им е на Шулц и Андреа Налес? Секој кој има барем малку поим од СПД и нејзината чувствителност, а од двајцата тоа треба да се очекува, мора да знае што ќе се случи. Политичко раководење изгледа поинаку.
Зошто го прават тоа?
Се разбира, се наметнува претпоставката дека Налес ја користи поволноста на моментот, создава факти и сака да си ја осигура функцијата. Шулц постапувал веројатно со најдобри намери, на местото лидер на партијата сметал дека треба да дојде жена која ќе го пополни вакуумот во владеењето кој се заканува во СПД. Но, двајцата се пресметаа и останува да се види дали можеби со тоа не се намалија шансите на Налес да стане прва жена на чело на СПД.
Додуша партиското раководство, за да не ја заострува состојбата натамошно, како вршител на должноста партиски шеф до вонредниот конгрес на 22 април го постави Олаф Шолц. И покрај тоа, во СПД врие. И тоа само на една недела пред одлуката на членството на партијата за коалициониот договор. Гласање кое и онака е неизвесно. Ако долго собираното незадоволство на партиските членови се излее во форма на немање желба да се зборува за содржината на коалициониот договор, туку во судир околу личности, тогаш тоа на СПД во моментов навистина не ѝ е потребно.
Може ли полошо?
Раскарана, дезориентирана и во слободен пад - така изгледа партијата на почетокот на 2018 година. Според актуелните истражувања на јавното мислење, во моментов помалку од 17% од избирачите би го дале својот глас за СПД. Тоа значи дека СПД не би можела да се нарекува народна партија. Од АфД ја дели само еден процент. Каква драма! Прво дојде Партијата на Левицата и одзеде тло од под нозете на СПД, потоа ЦДУ ги окупира преостанатите социјални теми, а сега и десните популисти се обидуваат да се мешаат во содржини за кои вообичаено се задолжени другарите социјалдемократи.
Како Андреа Налес ќе излезе на крај со сето тоа? Веќе сега ја нарекуваат „жена среде урнатини“, затоа што ќе мора да ја обновува партијата онака како што германските жени ги обновувале градовите по Втората светска војна. Налес сигурно не си го замислувала така своето искачување на врвот. Претседателка на младинската организација, генерален секретар на партијата, шефица на пратеничката група, лидерка на СПД. Звучи како кариера која се одвивала строго по план и тоа и ќе биде доколку Налес биде навистина избрана за лидер на СПД.
Партијата всушност ја сака
Таа е сведок на заминување на тројца лидери од врвната позиција, знае како се влечат конците, политиката на владеење ја има учено такаречи од мали нозе. Но, токму поради тоа за многумина во СПД кои посакуваат нов почеток е сомнителна. Зарем не е дел од естаблишментот, значи раководството кому партијата толку многу не му верува? Андреа Налес во наредните недели ќе мора да покаже дали може да ја обедини партијата зад себе. Партиските другари всушност ја сакаат. Сепак, сигурна не може да биде, а веќе има и противкандидатка - градоначалничката на Фленсбург, Симоне Ланге.
Но, Налес е борец. Тоа била отсекогаш, а шефовското место во партијата е она кон што секогаш се стремела на долгорочен план. Којзнае, историјата можеби ќе се повтори. Зарем немаше жена пред 18 години која исто така настапи како „жена среде урнатини“ со цел да ја извлече партијата од дотогаш непознат хаос? Партија чијшто лидер исто така се повлече во февруари и потоа (исто така) во април за шеф избра жена. Пет години подоцна шефицата на ЦДУ Ангеа Меркел, како што е познато, стана и канцеларка.
150 години на германските социјалдемократи
Социјалдемократската партија СПД е основана на 23 мај 1863. година во Лајпциг. Родена е од работничкото движење. Внатрепартиските случувања често беа бурни, од успеси на политичката сцена до уривање на партиските лидери.
Фотографија: picture alliance / dpa
Бурна историја
Историјата на германските социјалдемократи е доста бурна - од основањето на партијата на 23 мај 1863. година, па се' до изборот на Вили Брант за прв канцелар од редовите на партијата, сто години подоцна. Оттогаш, СПД уште во два наврати имаше свој канцелар на германската влада.
Фотографија: DW
Од илегала до работничко движење
Првите состаноци на социјалдемократите биле организирани во тајност. Тогашните челници на движењето Аугуст Бебел и Вилхелм Либкнехт сакале по секоја цена да се слушне гласот на работниците. Фердинанд Ласал заедно со своите истомисленици во 1863. го основа германското Работничко движење (АДАВ). За помалку од една година тие имале преку 4.600 членови, а со текот на времето тој број растел.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Успех и покрај забраните
Индустријализацијата обезбеди нови работни места и храна, но работата во фабриките е тешка и опасна за работниците. Работничките движења добиваат се' поголема улога, и покрај анти-социјалистичките закони со кои се забранува нивното делување. И покрај тоа, СПД успева да опстане и да прерасне во масовно движење до 1890 година.
Фотографија: Ullstein Bild
Знаењето е моќ!
Во 1906. година славните социјалдемократи како Роза Луксембург и Аугуст Бебел го посетуваат германското социјалдемократско училиште во Берлин, кое го основа самиот Бебел. На таа идеја ги поттикна отец Вилхелм кој често говорел: „Знаењето е моќ - моќта е знаење“. Во 1912. СПД станува партија со најголемо гласачко тело.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Бурниот Вајмарски период
Социјалдемократот Филип Шајдеман на 9 ноември 1918. година во германскиот парламент- Рајхстагот државата ја прогласува за република. Една година подоцна, претседавачот со партијата Фридрих Еберт станува канцелар на „Германскиот рајх“. Жените добиваат право на глас, право за кое СПД се залага уште од 1891. година. Социјалдемократите остануваат најсилна политичка партија до 1932. година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Противници на нацистичкиот режим
На 23 март 1933. социјалдемократот Ото Велс отворено му се противи на Хитлер изјавувајќи во парламентот: „Можете да ни ги одземете слободата и животот, но интегритетот никогаш!“ СПД со сите сили се бори против нацистичката НСДАП, но неколку месеци подоцна синдикатите се распаѓаат, а СПД е забранета.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Прогонство
Политичарите од СПД мораа да ги избришат политичките графити. Во тоа ги надгледуваа хитлеровите единици. Некои од нив завршија во затвор, некои беа измачувани, а дел убиени. Во 1933. Велс ја основа СПД во егзил. Во Прага е формирана „Сопаде“. Подоцна делува од Париз, а потоа и од Лондон. Одредени членови на движењето делуваат и од Скандинавија и од Америка.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Нови почетоци
Курт Шумахер, претседателот на СПД одржа говор во урнатините на Франкфурт во 1946. година. Тој ќе одигра важна улога за социјалдемократите по Втората светска војна. Во советскиот дел на земјата, СПД се спојува со Социјалистичката партија на единството (СЕД). Во Западна Германија, СПД со мала разлика во гласовите губи од демохристијаните - ЦДУ.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Од работничко движење до модерна партија
Со текот на времето СПД се оддалечи од својата социјалистичка идеологија. Со тоа социјалдемократската опција доби далеку повеќе гласачи. Партијата сепак се обврза на зачувување на социјалистичката пазарна економија и одбрана на националните интереси, со што беше овозможено и формирањето на коалицијата со ЦДУ во 1966. година, кога Вили Брант беше вице-премиер.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Наследството на Брант
Вили Брант, првиот повоен канцелар од СПД, ќе остане запаметен и по историскиот момент кога клекна пред споменикот на жртвите од Варшавското гето. Неговата надворешна политика кон Истокот беше заснована на помирување со советскиот блок. Тоа е причината поради која беше награден со Нобеловата награда за мир во 1971 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Вртењето в лево
Генерацијата на 68-та, припадници на меѓународното протестно движење, внесоа нова енергија во СПД. Во 1974. година Хајдемари Вичорек Цојл беше првата жена која беше избрана во младинската организација на Социјалдемократската партија.
Фотографија: ullstein bild
Хелмут Шмит и „германската есен“
Шмит беше на функцијата канцелар од 1974. до 1982. година. На оваа фотографија тоа е во друштво со вдовицата на бизнисменот Ханс Мартин Шлајер, кој беше убиен од припадниците на Фракцијата на Црвената армија (РАФ) во 1977. година. Активностите на РАФ беа голема предизвик за канцеларот. Неговото раководење мина и со големи превирања во рамките на партијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Долг период во опозиција
По распадот на коалицијата со Либералите, социјалдемократите повторно се најдоа во опозиција во 1982. година. Во 1994. година Рудолф Шарпинг беше кандидат за канцелар и загуби. Нешто подоцна ја губи и функцијата претседател на партијата. На тоа место доаѓа Оскар Лафонтен. Сепак, Герхард Шредер го презема кормилото и станува германски канцелар во 1998. година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Дилеми со реформите
Во коалиција со партијата на Зелените, СПД го урива од власт Хелмут Кол и неговата Христијанско-демократска унија. Канцеларот Шредер ја претставува „Агендата 2010“, предлог-реформи кои беа фокусирани на пазарот на трудот. Опозицијата остро негодуваше, но и синдикатите. Разликите во мислењата доведоа до формирање на партијата на Левицата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Кандидат „на работ“
Пер Штајнбрик ќе се бори за канцеларската функција против Ангела Меркел. Со оглед дека во минатото беше министер за финансии, во времиња на криза неговото искуство би можело да биде добредојдено. Меѓутоа, кандидатот на социјалдемократите во последните месеци дава контроверзни изјави, на кои не гледаат позитивно ни колегите од неговата партија. Резултатите од анкетите, досега, не му одат од рака.