1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драшковиќ бара европски граници на СЦГ со Македонија и Албанија

23 септември 2005

Министерот за надворешни работи на СЦГ, Вук Драшковиќ, смета дека Косово не смее да има ниту ограничена автономија, ниту независност.

Вук Драшковиќ
Вук ДрашковиќФотографија: AP

На заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Драшковиќ уште еднаш повтори дека компромис за Косово подразбира дека едната страна не може да добие се, а другата да загуби се.

Белград е за компромисно решение за Косово, изјави по враќањето од Њујорк, шефот на српскоцрногорската дипломатија, Вук Драшковиќ. Единствено што бара Белград е европски степен на заштита на правата на малцинствата и европски статус на постоечките државни граници со Македонија и Албанија. Првото подразбира:

“Правата на српското малцинство мора да бидат заштитени, да бидат заштитени манастирите, културните споменици и да има европско ниво на децентрализација, да се поправи она што е урнато, да има гаранција за враќање на протераните. Сигурно е дека меѓународната заедница во тоа нема да попушти.“

Што се однесува до тоа како Драшковиќ го замислува европскиот статус на границите со Македонија и Албанија, тој за новинарите изјави:

“Кога велиме европски статус на граници тогаш велиме дека сакаме граница на Србија и Црна Гора со Албанија и Македонија каква што е и да речеме меѓу Германија и Франција. Сакаме ли во Европа? Да. Еве ние токму сакаме да го достигнеме европското ниво на граници.“

Драшковиќ додаде дека СЦГ се залага за помирување и заедничка европска иднина во која Србите, Црногорците и Албанците едни кон други ќе бидат најдобри соседи и пријатели. “Стабилно и европеизирано Косово значи стабилен регион на Западниот Балкан. И обратно. Изборот се наметнува сам по себе“, заклучи шефот на српско-црнгорската дипломатија во говорот на 60-то заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми