1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Дрезден 1989: Тешкиот говор на Хелмут Кол

Леони фон Хамерштајн
19 декември 2019

Шест недели по падот на Берлинскиот ѕид канцеларот Кол допатува во Дрезден. Ситуацијата таму е тензична. Денот станува клучен момент на патот кон германското обединување.

Bundeskanzler Helmut Kohl in Dresden 1989
Фотографија: picture-alliance/dpa

Атмосферата е тензична во пресрет на 19 декември 1989 година, кога канцеларот Хелмут Кол и неговата делегација отпатуваа за Дрезден. За првпат по падот на Берлинскиот ѕид тие патуваат од Западна во Источна Германија. Целта на посетата е средба со првиот човек на Источна Германија, Ханс Модров, за со него да разговараат за иднината на двете германски држави. Но, многу позначаен од тоа ќе стане говорот на Кол. Говорничкиот подиум делува мал, речиси изгубен во големиот простор. Зад него се гледаат руините на познатата Богородична црква, уништена во 1945 година, во Втората светска војна, како потсетување или предупредување за тоа време. Тука канцеларот всушност само требаше да положи цвеќе. Пред подиумот насобрана толпа со црно-црвено-златни знамиња, луѓе кои извикуваат „Обединување, обединување” и „Хелмут, Хелмут".

9 ноември 1989: Еуфорично расположение поради паѓањето на Белринскиот ѕидФотографија: picture-alliance/akg-images

Кол подоцна изјави дека тој говор бил еден од најтешките во неговата политичка кариера бидејќи „луѓето чекаа да добијат порака - не само присутните на плоштадот, туку насекаде во земјата" и појаснува дека се мисли и на Западот и на Истокот. „Но, секако дека гледаа и слушаа и милиони во странство кај кои владееше страв кој мораше исто така да се земе предвид."

Да се избегне експлозивна атмосфера

„За време на летот натаму во авионот владееше тишина", се потсетува Доротее Вилмс, која во тоа време е министерка за внатрешногермански прашања. „Кол сите повторно нѐ предупреди дека секој треба да го направи своето за да не дојде до експлозивно расположение во Дрезден.“

На Хелмут Кол му е јасно дека победничките сили од Втората светска војна внимаваат на секое поместување на прстето на канцеларот. Откако само неколку недели пред тоа претстави план со 10 точки за повторното обединување иза тоа не информираше никого освен американскиот претседател, четирите победнички сили се „на штрек”. Покрај САД, се работеше за Велика Британија, Франција и Советскиот сојуз. Што ли ќе се случи со поделената и на тој начин заслабена Германија по падот на Берлинскиот ѕид?

Но, ситуацијата е тензична и во самата Источна Германија. Толку кратко време по отворањето кон Западот многумина се несигурни што ќе се случи со нивната држава и со социјалистичкиот модел. Кратко пред посетата на Кол во Дрезден, анкета покажа дека голем дел од луѓето и натаму се против обединувањето.

Декември 1989: Кол во Дрезден пречекан од одушевени граѓаниФотографија: Imago Images/U. Hässler

Повторно обединување? Не со Модров

Но, Кол уште на аеродромот го пречекува толпа. Патот по кој возилата се движат кон градот е преполн со народ кој му аплаудира и кој е дојден за да го види канцеларот. По преговорите со министрите и разговорот во четири очи помеѓу Кол и Модров на западногерманската делегација брзо ѝ станува јасно дека од владата на Модров не може многу да се очекува. Надворешнополитичкиот советник на Кол, Хорст Телчик, се потсетува дека се надевале на предлози за политички и економски реформи: „И ништо не се случи."

На заедничката прес-конференција Ханс Модров нагласува дека уште верува во постоењето на „две, една од друга независни, суверени германски држави".

19.12.1989: Хелмут Кол и Ханс Модров во ДрезденФотографија: Imago Images/photothek/T. Imo

Цел на Кол: „Единство на нашата нација"

Попладнето многу насобрани луѓе пред црквата. Ден претходно борецот за човекови права Херберт Вагнер на понеделничките демонстрации најави обраќање на канцеларот Кол, иако тоа не стоеше во официјалната агенда. „Веста се прошири со брзина на светлината, сите сакаа да присуствуваат", се потсетува Вагнер. Тој обезбедил подиум за говорникот и звучници.

„Ако се навратиме на денот, почнувајќи од утрото, кога луѓето скандираа 'Обединување, обединување' и 'Хелмут, Хелмут', си ја имате промашено професијата како политичар ако не им дадете одговори", вели Маике Кол Рихтер, вдовицата на поранешниот канцелар. Од емотивен аспект за Кол тоа бил „еден од најважните денови во неговиот живот".

Говорот на Кол трае одвај 15 минути, тој се заблагодарува за храброста на граѓаните во Источна Германија и за тоа што толку мирно ја спровеле револуцијата. Тој предупредува дека иднината на Германија мора да биде договорена и со нивните европски соседи и ја искажува визијата за иднината: „Мојата цел останува обединувањето на мојата нација кога ќе дојде историскиот час". Толпата аплаудира и се пее „Каков ден, толку убав како денешниов". Кол, кому јасно му се гледаат емоциите, се збогува со „Господ да ја благослови нашата германска татковина".

Хелмут Кол во на говорничкиот подиум во Дрезден (19 декември 1989)Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Hässler

„Ако сега отвориш уста, ќе те отепаат"

„Тука стана јасно дека граѓаните на Источна Германија не сакаат трет обид со социјализмот, туку германско обединување", се потсетува на таа посебна вечер 30 години подоцна Херберт Вагнер. Но, во еуфоријата има и многу неразјаснети прашања.

Анемари Милер, активистка за граѓански права од Дрезден, вечерта била пред руините на Богородичната црква во Дрезден. „Си помислив дека ако сега некој отвори уста, ќе го отепаат. Имаше таква еуфорија, луѓето воопшто немаа трпение веќе за дискусии", се потсетува таа. Милер исто како и неколкумина други од мировното движење, имала визија за демократска и самостојна иднина на Источна Германија.

ПовеќеМеркел бара поголемо разбирање помеѓу западните и источните Германци

Обединувањето остави рани

Денот во Дрезден за едни е клучен момент во германската историја кој овозможи брзо обединување помалку од една година подоцна. За други и денес, по 30 години од тој момент, сѐ уште има отворени прашања. Германија е обединета, но дали особено луѓето од Источна Германија се чувствуваат ценети?

1990: Маркус Мекел (СПД) беше дел од последната влада на ГДРФотографија: Imago Images/R. Zöllner

Во март 1990 година во Источна Германија се одржаа избори, за првпат слободни. Политичарот од редовите на социјалдемократите, Маркус Мекел, беше дел од таа прва влада и преговарач за обединувањето од источната страна. Денес тој е скептичен во однос на улогата на Хелмут Кол: „Перспективата, како се третираше владата на Источна Германија по 1990 година, чиј дел бев и јас, е страшна, бидејќи нештата се претставуваа како германското обединување да е само дело на канцеларот. Тоа доведе дотаму улогата на Источна Германија да биде сосема запоставена.“

Обединувањето кај некои луѓе остави рани кои уште не се зараснати. Во светот обединувањето и мирниот процес се гледаат како пример. Во Дрезден, Хелмут Кол од многу граѓани доби поддршка за својот пат.

30 години обединета Германија: Што остана од Берлинскиот ѕид?

01:42

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми