Државата долеваше масло на огнот
2 април 2018Тројца поранешни припадници на РАФ (Фракција на Црвената армија) и по многу децении сѐ уште се во бегство. Последно по Ернст-Фолкер Штауб, Буркард Гарвег и Даниела Клете потерница со понови фотографии распиша Германската криминалистичка служба минатиот ноември. На трагата на терористите службата дојде преку серија грабежи кои не служеле за политичка цел, туку единствено за финансирање на - скапиот - живот во илегала.
Не, РАФ и крвавата трага која таа ја остави во текот на три децени во Германија, сѐ уште не се историја. Меѓу другото и затоа што земјата сѐ уште се растревожува поради задоцнети извинувања. Така беше минатата есен, кога поранешната припадничка на РАФ, Силке Мајер Вит се сретна со синот на, во 1977 година од страна на левичарските терористи, убиениот претседател на работодавачите, Ханс Мартин Шлајер и побара прошка.
РАФ не е историја иако со враќањето на авионот на Луфтханза во Германија, кој беше грабнат во 1977 година, минатиот септември почна „музејскиот третман“ на левичарскиот терор.
Но, РАФ не е историја пред сѐ затоа што убиствата, нападите со експлозив, грабежите во кои од 1970 до 1998 година загинаа повеќе од 30, а беа повредени над 200 луѓе, сѐ уште не се целосно расчистени.
Агентот провокатор Петер Урбах
Она што треба да се расчисти е и улогата на Службата за заштита на уставот при радикализацијата на делови од студентското протестно движење на крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите. Клучна фигура притоа е агентот на Службата за заштита на уставот, Петер Урбах, вели хамбуршкиот политиколог Волфганг Краузхар. Во разговор за ДВ, Краузхар објаснува: „Урбах играл важна - но сѐ уште не сосема јасна - улога при трансформацијата на мало, тврдо јадро на тогашната сцена на демонстранти во милитантни групации и на крајот и во кружоци од кои подоцна произлегол тероризмот.“
На пример, Урбах станал активен на 11 април 1968 година. Тој ден лидерот на студентите Руди Дучке е тешко повреден во обид за атентат извршен од десен радикал. Две илјади разбеснети студенти се собраа пред објектот на издавачката куќа „Шпрингер“, која со својот весник „Билд“ наголемо подбуцнуваше против студентските протести и Дучке. Таму, како што вели експертот за РАФ, Краузхар, Урбах носел плетена корпа со молотови коктели, кои ги делел на огорчените и разбеснети студенти. „Откако со првите молотови коктели не го постигнале она што го посакувале, имено да ги запалат автомобилите, Урбах им покажал како тоа треба да се направи. Потоа ги превртувале возилата, за да бидат полесно достапни резервоарите со гориво и така успеале да ги запалат“, раскажува Краузхар.
„Дискредитација на протестното движење“
Агентот на Службата за заштита на уставот бил и оној кој прв делел оружје во левичарскаа протестна сцена, нагласува експертот за РАФ. За Краузхар, Урбах е агент провокатор кој имал големо влијание врз акциите на тогашната вонпарламентарна опозиција.
Оттука, произлегува прашањето: што го натерало берлинскиот Сенат и веројатно и западните сојузници - САД, Франција и Велика Бртианија, кои до германското повторно обединување беа контролни сили во Западен Берлин - да му остават одврзани раце на еден ваков човек. Претпоставката на Краузхар гласи: „Се настојувало со помош на насилнички акти да се дискредиираат особено милитантно настроените демонстранти, но и останатото левичарско вонпарламентарно движење.“
Повеќе:
- Екс-терористиката на РАФ осудена на четири години затвор
При анализата на РАФ не треба да се заборави и дека таа била најпознатата, но не и единствена левичарска терористичка организација. Меѓу останатите, постоеја и „Револуционерните ќелии“, потоа „Движењето 2 јуни“, кое се роди по убиството на студентот Бено Онезорг од страна на еден полицаец во 1967 година, а постоеше и „Тупамарос Западен Берлин“. Со „Тупамарос Западен Берлин“ и почна вистинскиот терор во Германија. Почна со, за среќа поради случајност неуспешен, бомбашки напад врз Еврејскиот центар во Берлин на 31 годишнина од Ноќта на погромот, 9 ноември 1969 година. И притоа повторно беше инволвирана Службата за заштита на уставот. Историчарот Михаел Зонтхајмер вели: „Замислете, со бомба од Службата за заштита на уставот која ја набавил овој Петер Урбах, беше нападната еврејска институција во Берлин! Тоа е почетокот на тероризмот во Западна Германија, во Западен Берлин.“
Рака на срце, ниту на Службата за заштита на уставот ниту на Петер Урбах не треба да им се подметнува дека сакале да стават бомба во Еврејскиот центар, но нападот покажува што сѐ може да се направи со бомбите. Оттука испливува и сознанието дека вработени во државата биле волни да долеваат масло во и онака распламтениот оган.