Државниот монопол врз комарот-неправеден!
9 септември 2010Монополот на германската влада врз сите облици на комар мора да биде веднаш разбиен, оцени Европскиот суд на правдата во Луксембург. Судот смета дека германските закони „не го ограничуваат коцкањето на конзистентен и систематски начин“ и оти монополот не е праведен.
Според германскиот закон, само 16-те федерални единки или компаниите кои се под нивна контрола можат да нудат коцкарски услуги. Оттука државата има целосен монопол врз коцкањето и лотаријата. Законот исто така го забранува обложувањето преку интернет и рекламирањето на такви услуги.
Германскиот закон стапи во сила во 2008 година, а неговата цел беше да ја намали зависноста од коцкањето во земјата. Но, критичарите велат дека законот всушност и’ обезбедил на државата огромни приходи од коцкањето.
Голем број приватни обложувачки компании го оспорија законот, оценувајќи го како неконзистентен, затоа што државата не налага монопол и на други видови комар, во казината или со автоматите за коцкање. Голем број обложувачи од Германија, поради забраната, се обложуваат нелегално во странски компании.
Автор: БГ/ГЧ/афп/дпа
Редактор: Жана Ацеска