1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државните фирми на Балканот ја уназадуваат економијата

БГ /РТР
31 јануари 2020

Државните фирми на Балканот се економски пречки во кои се трошат парите на даночните обврзници, им се создава нелојална конкуренција на старт-ап компаниите и најчесто се жариште на политичка корупција и кронизам.

Bosnien-Herzegowina Aluminij Mostar
Фотографија: Aluminij d.d. Mostar

Алуминиумската топилница во босанскиот град Мостар е морничаво тивка откако ѝ беше прекинато снабдувањето со струја во јули минатата година. Единствени посетители во фабриката која беше гордост во поранешна Југославија се работниците кои ги пополнуваат формуларите за технолошки вишок.

Затворањето на презадолжената фабрика „Алуминиј“ во Мостар е симптоматично за предизвиците со кои се соочуваат земјите ширум Балканот обидувајќи се да го обезбедат опстанокот на државните фирми наследени од комунистичката ера во пазарна економија.

Изумирањето на алуминиумскиот гигант покажува дека 25 години по крајот на војната во Босна, многу фактори, од етнички судири преку слабо управување па сѐ до корупција, го спречуваат растот.

Иако затворањето веројатно е единствената опција за оваа фабрика која преживува благодарение на државни субвенции, локалните лидери се обидуваат да спасат нешто од фирмата која е голем вработувач во регион каде само 44 отсто од населението е вработено. Освен за 900 работници во фабриката, Алуминиј обезбедува работа и за околу 10 илјади луѓе кои работат во синџирот на снабдување.

„Не можете едноставно да ја затворите најголемата фабрика во земјата“, вели Емил Чориќ, 34-годишен главен инженер во Алуминиј - каде претходно работел и неговиот татко. „Некој мора да преземе одговорност“.
Менаџментот на Алуминиј одби да разговара на оваа тема. 

Повеќе на темата: 

- Моделот на балканските држави не чини 

- Пропаднатите економии на пропаднатата Југославија

Во Босна и Херцеговина вредноста на капиталот кој го држат државните фирми е еднаков на севкупниот годишен БДП. Во Хрватска тој достигнува 90%, а во Србија 70%, според податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Тоа е далеку поразлично од ЕУ, каде вредноста на големите државни фирми опфаќа помалку од 30% од БДП во повеќето земји, и е под 10% во Германија, Холандија и Велика Британија.

Неодржливост

Светската банка, ММФ и потенцијалните инвеститори во државните фирми во балканските земји гледаат економски пречки, во кои се трошат парите на даночните обврзници, им се создава нелојална конкуренција на старт-ап компаниите и најчесто се жариште на политичка корупција и кронизам.

„Оваа ситуација не е одржлива и сериозно го забавува приватниот сектор како и генералниот економски развој“, вели Жужана Харгитаи, директор за Западниот Балкан во Европската банка за обнова и развој.

Таа проценува дека одржување на неефикасните државни компании ја чини Србија два процентни поени од националниот производ секоја година.

Кој ќе го спаси гигантот Алуминиј во Мостар?Фотографија: Aluminij d.d. Mostar

Иако Белград продаде една фабрика за челик и рудник за бакар на кинески инвеститор, државата сѐ уште дава субвенции за 9 државни фирми кои заедно вработуваат 15 илјади луѓе. Само рудникот Ресавица годишно добива субвенции од 42 милиони долари.

Во Хрватска, загубарот „Ѓуро Ѓаковиќ“, во кој државата поседува удел од 38%, бараше помош за исплата на заостанати плати. Владата конечно се согласи да му издаде гаранција од 44 милиони долари за да ја спаси фабриката, но и за да избегне протести во сиромашниот регион на Славонија.

Во Босна и Херцеговина има повеќе такви фирми. Минатата година ММФ оцени дека повеќето се во лоша финансиска состојба и дека нивно фундаментално реформирање би можел да го зголеми националнииот БДП за три отсто на годишно ниво.

Но, приказната за Алуминиј покажува колку е тешко да се реформираат ваквите гиганти. Фабриката изградена во 1981 беше уништена во војната и повторно отворена во 1997 година. Лоцирана на територијата под контрола на босанските Хрвати, во неа практично беа вработувани само работници Хрвати. Фабриката почна повторно да работи благодарение на огромните субвенции за струја кои ги добиваше од Хрватска и од регионалната енергетска компанија „Електропривреда“.

Во тоа време Алуминиј ги исплаќаше најголемите плати во регионот- просечната изнесуваше околу 900 евра, а менаџерите заработуваа и до 10 илјади евра месечно. Но и покрај сите субвенции, Алуминиј произведуваше загуби, притисната од растот на цените на суровините и падот на цените на алуминиумот во 2014. Во периодот од 2014 до 2017, загубите достигнаа 208 милиони долари. Околу три четвртини од долговите се должи на неплатените сметки за струја кон електростопанството на кантонот.

Партијата на прво место

Консултантот Дамир Новотни вели дека дел од вината сноси и менаџментот на компанијата, избран поради нивната лојалност кон владејачката хрватска партија, а не поради компетентност.

„Дури ни евтината струја не можеше да го обезбеди успешното работење и преживувањето на оваа застарена компанија“, вели тој. Менаџерите на Алуминиј беа блиски до локалната ХДЗ, шема која се повторува низ цела Босна, но и на Балканот, каде партиската припадност често е поважна од способноста на водечките менаџери.

Во меѓувреме се јавија два потенцијални партнери: гигантот Гленкор и израелско-кинеската корпорација „МТ Абрахам Груп“. Но договор не беше постигнат.

„Сите заинтересирани инвеститори го сакаат истото: субвенционирани цени за струја и владини гаранции за сите идни заеми“, вели министерот за енергија и индустрија Нермин Џиндиќ. „Тој модел не е можен“.

Каква и да е конечната судбина на Алуминиј, владите низ целиот регион се соочени со тежок избор кога се во прашање вакви фабрики: да продолжат да трпат загуби во буџетот поради нивното лошо работење, или да преземат болни чекори за кратење работни места и намалување на активностите.

За локалните жители, кои се секогаш први на удар поради економските проблеми, тоа значи само едно: правец западна Европа. Ела Халихоџиќ, поранешна вработена во Алуминиј, вели дека и таа планира да му се приклучи на бранот одлив на мозоци од земјата.

„Веројатно заминувам во Германија“, вели таа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми