Дрога во куферот што го парализира аеродромот во Диселдорф
25 септември 2013![](https://static.dw.com/image/17113774_800.webp)
По повеќечасовната блокада поради оставен куфер, денеска утрото (25.09.2013) аеродромот во Диселдорф функционира нормално. Во куферот, пронајден во една од халите во аеродромот, полицијата пронашла повеќе килограми дрога. Брзиот тест и ангажманот на полициски кучуња за откривање дрога го потврдија сомнежот, соопшти полицијата утрово.
Куферот беше пронајден вчера попладнето. Специјалци од полицијата прво го прегледуваа преку далечински рентген-апарати. Бидејќи врз основа на сликите опасноста не можеше да биде исклучена, одлучена беше употреба на опсежни безбедносни мерки, соопшти сојузната полиција. Аеродромот делумно беше евакуиран, а авионскиот сообраќај запрен. Откако специјалците околу 19:30 часот го отворија куферот, беше укинат дадениот аларм, а еден час подоцна аеродромот повторно беше отворен. Забраната за ноќни летови поради случајот беше олабавена, па полетувања беа можни до 23 часот, а слетувања и половина час по полноќ.
За време на неколкучасовната блокада, беа анулирани 140 авионски летови, 68 полетувања и 72 пристигнувања. Околу 20 летови беа пренасочени кон соседните аеродроми. Аеродромот беше затворен во авионскиот сообраќаен шпиц на патниците кои патуваат деловно. Последици имаше и на автопатиштата, зашто сите пристапни патишта кон аеродромот беа блокирани. На автопатот кон аеродромот беше создадена колона од три километри.