1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Како да се спречат „војните на иднината“?

Ричард Волкер
12 јуни 2021

Апокалиптичната визија не е далеку од стварноста- во име на светските сили војуваат роботи, водени од алгоритми и вештачка интелигенција, а страдаат луѓе. Може ли тоа да се спречи? Дојче веле направи документарец

Deutschland warnt: KI-Wettrüsten bereits im Gange
Фотографија: DW

Трката за оружје кое користи вештачка интелигенција веќе е во полн ек. „Ние сме веќе среде трка, тоа е реалност со која мора да се справиме“, предупреди шефот на германската дипломатија, Хајко Мас во разговор за новиот документарец на Дојче веле – „Идните војни и како да се спречат“.

Светските велесили се убедени дека победата во оваа трка носи голема моќ. „Трката се води низ воени и цивилни полиња“, вели Анамдип Синг Гил, кој порано раководел со група стручњаци на ОН за автономни оружја. „Ова прашање е тешко многу билиони долари“, вели тој. 

Последниот извештај на американската Комисија за национална бебедност за вештачка интелигенција зборува за „нова парадигма на војувањето“ во која „алгоритмите се борат против алгоритми“. Се бараат огромни инвестиции во оваа област заради „континуирано победување на потенцијалните противници во иновациите.“

Кина ја става вештачката интелигенција во центарот на своите истражувања, додека тамошната Народна армија зборува за идното „интелигентно војување“. Рускиот претседател Владимир Путин уште во 2017 година изјави дека оној кој ќе стане лидер во оваа област воедно ќе стане и „господар на светот“.

Пораките од Кавказ

На крајот на минатата година Кавказ беше лабораторија на ова војување на иднината. Сѐ изгледаше навидум како и при поранешните тешки судири меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно Карабах, но експертите видоа новини. „Многу важен аспект на тој судир беше употребата на ‘демнечко' оружје“, вели Улрике Франке, експерт за беспилотни летала во Европскиот совет за меѓународни односи.

Изразот „демнечко оружје“ (слободен превод од Loitering Weapon или Loitering Munition) се користи за пректили кои излетуваат без посебна цел и кружат над потенцијалните мети. Целта се одбира дури подоцна. „Во Нагорно-Карабах се користени такви дронови-камикази- тоа се прилично автономни системи“, вели Франке.

Повеќе:

Забрана за роботите-убијци?

Неизбежна автоматизација на војната- борбени роботи наместо војници

Убивање преку далечински управувач

Според Центарот за стратешки и меѓународни студии, Азербејџан имал околу двеста вакви дронови, и тоа четири различни модели, сите од најмодерно израелско производство. Ерменија имала само еден домашен модел.

На другите армии во светот не им остана незабележано дека ваква предност може да го реши исходот на војната. „По тој конфликт забележуваме сѐ повеќе војски ширум светот кои набавуваат или планираат да набават демнечка муниција.“

Тоа е само почеток. Вештачката интелигенција наскоро ќе овозможува јата дронови, многу дронови кои ќе летаат заеднички и стратешки ќе погаѓаат повеќе цели.

„Би можеле на пример да се насочат кон системот за противвоздушна одбрана“, вели Мартин Расер од Центарот за нова американска безбедност од Вашингтон. „Ќе го нападнат со толкава маса, што системот ќе биде преоптоварен. Тоа секако донесува огромна тактичка предност на боиштето“. 

Ковид-19: Пандемски дронови

01:50

This browser does not support the video element.

Бројноста на дроновите и брзината со која сето се случува едноставно излегува од човечка контрола. Сето се препушта на софтвер и вештачка интелигенција. Улрике Франке вели дека тоа ќе ги натера армиите да се прилагодат на противвоздушна одбрана, зашто „човечките суштества нема да бидат во состојба толку брзо да се справуваат со автономни напади.“

Во апокалиптичка верзија, која не е толку далеку, би имале автономни оружја кои реагираат едни на други и влегуваат во спирала на ескалација. „Во литературата тоа го нарекуваме флеш војни. Тоа се случајни воени судири кои луѓето немале намера да ги водат“, вели Франке.

Спогодба не е на повидок

Бони Дохерти сака да спречи ваква иднина. Таа предава на правната школа Харвард и ја предводи кампањата „Стоп за роботите убијци“, здружение на навладини организации кои бараат забрана за автономни смртоносни оружја.

„Обврската која би произлегла од таков договор е да се одржи смислена човечка контрола над употребата на сила", вели Дохерти за Дојче веле. „Спогодбата би се однесувала на сите оружја кои дејствуваат автономно, односно избираат мети и отвораат оган врз основа на податоци собрани од сензори наместо врз основа на човечка команда.“

Кампањата се фокусира на разговорите во Женева под покровителство на Конвенцијата на ОН. Но, тоа е спор процес од кој досега произлезе низа „принципи“, на пример дека автономните оружја подлежат на кривично право и дека на крајот луѓе се одговорни за нивна употреба. Разговорите продолжуваат оваа година.

Дохерти мисли дека тоа нема да донесе којзнае што, зашто големите сили немаат интерес да потпишат забрана за вакво оружје. „Русија посебно силно се спротиставува. Но, договорот не го поддржуваат ни други земји кои развиваат автономно оружје како Израел, САД и Велика Британија“. 

Германија ја поддржува идејата за забрана за вакви оружја, но не ја поддржува кампањата „Стоп за роботите убијци“.

„Не ја одбиваме оваа кампања во нејзината суштина, само бараме да бидат вклучени и другите“, вели германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. „Воените сили кои се технолошки во можност не само да развиваат, туку и да употребат автономно оружје.“

Мас е согласен дека крајна цел треба да биде спогодба. „Токму како што успеавме со нуклеарното оружје во текот на многу децени, и сега мораме да склучиме меѓународни спогодби за новите технологии на оружје. Тука мора јасно да пишува дека сме согласни дека не е прифатливо сѐ што е технички можно“.

Но, засега нема консензус. Улрике Франке не е оптимист. Вели дека најмногу на што можеме да се надеваме се некои правила околу користењето на новите смртоносни технологии. „На пример договор некои капацитети да се користат само во одбранбени цели или само против машини, а не и луѓе“, вели таа. 

Во меѓувреме, со релативно мало внимание од јавноста, разорните оружја на иднината напредуваат. „Светот мора да го интересира тој факт, дека одиме кон ситуација во која секој ќе може да прави што сака со сајбер или автономно оружје. Тоа не го сакаме“, предупредува Мас.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми