1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дрскиот новинар“ на Дојче веле и „храбрата Ана Брнабиќ“

Немања Рујевиќ
16 ноември 2018

Српската премиерка Ана Брнабиќ во интервју за ДВ мораше да одговори на многу директни прашања, а ехото зборува само за себе, зашто српската публика не е навикната на вистински критички разговори.

DW - Ana Brnabić bei Conflict Zone
Фотографија: DW

Во Србија се формира голем солидарен фронт: „Дрскиот и невоспитан новинар не пропушти ниедна можност за провоцирање на премиерката! Тој ја наведна главата засрамен од нејзините одговори“ - вака белградскиот булеварски весник „Ало“ го почна својот извештај за настапот на српската премиерка Ана Брнабиќ во „Конфликтна зона“, емисијата на Дојче веле во интервју-формат во средата.

„Шефицата на српската влада прикажа досега невидена храброст“, ја дополнува весникот „Политика“ одбраната на Брнабиќ. „Ана го разнесе германскиот новинар“, констатираше онлајн-порталот „Република“.

Значи, новинарот Тим Себастијан бил „дрзок и невоспитан“, а тој е познат во светот токму по своите „тврди“ интервјуа. Подбуцнувачкиот весник „Информер“ го претстави Британецот како новинар на Си-Ен-Ен, очигледно помешување со Би-Би-Си, каде Себастијан работеше долги години како новинар. Но,  верните на владата новинари во Србија малку се грижат за вакви ситници:  Дојче веле, Си-Ен-Ен, Би-Би-Си - сите тие и онака се провокатори, гласи општиот тенор во Србија.

„Промашување во сите прашања“

Интервјуто кое српската редакција на Дојче веле го емитуваше во цела должина, предизвика високи бранувања во јавноста и на интернет. Не само поради тоа што Брнабиќ даваше произволни цитати, туку и поради тоа што српската публика не е навикната на вакви критички интервјуа како она на Себастијан, такво нешто речиси да и нема во домашните речиси унифицирани медиуми.

„Тоа е Вашата црвена линија, или?“, праша тој во повеќе наврати кога стана јасно дека премиерката не е подготвена масакрот над босанските муслимани во Сребреница во 1995. година да го означи за „геноцид“. „Страшно, страшно злосторство“, повтори Брнабиќ, останувајќи на линијата и досега застапувана од српските влади.

Брнабиќ дури тврдеше дека Србија во просторите на бивша Југославија „со отстојание е најдобар пример за соочување со воените злосторства“. Оценка која малкумина би ја изрекле. „Речиси половина од интервјуто беше посветена на воените недела, зашто тоа е важна тема за Србија и за регионот. Ана Брнабиќ забележа неуспех во одговорите на сите прашања“, твиташе српката активистка за човекови права, Анита Митиќ.

Притоа, на Запад образованата Брнабиќ, неприпадник на ниедна партија и јавно декларирана како лезбејка, за многумина претставуваше новородена надеж кога во јуни минатата година беше избрана за српска премиерка. Но, таа брзо се вклопи во владејачкиот стил на семоќната Српска напредна партија и на претседателот Александар Вучиќ.

Вучиќ, кој само до пред неколку години беше решителен националист, а својата наклоност кон ЕУ ја откри дури подоцна, шест години владее со балканската држава со железна рака и се смета за синоним за „стабилократ“. Така се нарекуваат балканските режими во кои и ЕУ на преден план ја става стабилноста, пред демократијата.

„Смеам ли нешто да кажам?“

Зошто во Србија критичките новинари се етикетирани како предавници и странски агенти?“, праша Себастијан. И уште: „Кога политиката еднаш конечно ќе го ослободи судството од својот диктат?“ Прашања како овие, кои Себастијан ги поставува во типичниот за него непопустлив стил, предизвикуваат тој да се најде на мета на медиумите верни на власта. „Дали јас смеам нешто да кажам или сакате сами да се интервјуирате“- контрираше Брнабиќ, за што во татковината пожнеа медиумски аплауз.

Пофалби за тврдиот стил на модераторот стигнаа главно од опозиционите политичари и од интернет. Покрај одделни нискотиражни весници и една кабелска телевизија, социјалните медиуми се единствениот преостанат простор за политичка критика во Србија.

Интервјуто на ДВ е доказ дека „не постои демократија без слободни медиуми и професионални новинари. Тие нам ни се потребни овде во Србија“, смета Драган Ѓилас, поранешен градоначалник на Белград, денес на чело на најсилниот опозициски сојуз. Интервјуто на Дојче веле јасно покажа дека владата нема никаква политичка перспектива, вели тој.

Спасител од државен банкрот?

Анализата на одделни изјави на српската премиерка, направена од страна на српската редакција на Дојче веле, остава сомнеж во нејзиното објективно претставување на работите. На пример,  Брнабиќ ја фалеше својата влада и Српската напредна партија како спасител од банкрот на земјата,  која денес е светски првак во привлекување странски инвеститори. Вакви интерпретации скоро секојдневно курсираат во Србија, а најчесто се измислени и произволни. 

Проверката на фактите дава сосема друга слика: во 2012. година Србија имаше долгови од 17,6 милијарди евра, а денес тие се зголемени за уште шест милијарди. А во листата на Светска банка има преку 50 земји кои во последната година привлекле повеќе странски инвестиции отколку Србија, меѓу нив се Гана, Етиопија и Перу.

Критичките политички набљудувачи во Србија сметаат дека извртувањето факти е најсилната дисциплина на белградскиот моќник, Александар Вучиќ. Со своето интервју во „Конфликтна зона“ на Дојче веле, Ана Брнабиќ освои втора позиција во оваа дисциплина, твиташе една критичарка: „Таа не е веќе само опортунист, туку и самата е престапник“. 

 

На следниот линк поопширен превод на интервјуто на српската премиерка Ана Брнабиќ на српски јазик и интервјуто на ДВ - „Конфликтна зона“ на англиски јазик

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми