Дружење со диктатори
24 октомври 2011
Во февруари се постави прашањето дали треба Германија да понуди прибежиште на соборениот египетски претседател Мубарак. Спорен беше и односот кон членовите на фамилијата на Гадафи. Мета на критики беше и видната срдечност за време на средбите на германскиот министер за надворешни работи со некои автократи.
Диктаторите биле сојузници
Во очи секоја средба на германскиот министер за надворешни работи со спорните шефови на државите се расправа за тоа колку смее да трае едно ракување. Треба ли со деспотите да се седи на иста софа? Ќе се дозволи ли фотографирање? Може ли да се оди на заеднички ручек или не? Таквите посети секогаш се еден вид балансирање меѓу дијалогот и дистанцата.
Керстин Милер од партијата на Зелените беше секретарка во Министерството за надворешни работи од 2002 до 2005. Денес се присетува на средбите со властодршците во арапските и северноафриканските земји. Самокритично вели дека на некои шефови на држави, како претседателот на Тунис, Бен Али или претседателот на Египет, Хосни Мубарак, се гледало како на сојузници.
„Тоа беше грешка. Тоа беше фатална заблуда. Тука имаше конфузија на стабилноста и стагнацијата и со тоа индиректно им е пружена поддршка на деспотите“, вели Милер.
Таа денес е опозициона политичарка во Комисијата за надворешна политика во Бундестагот. Во таа комисија 37-мина застапници ги претставуваат интересите на германскиот парламент. За современата германска надворешна политика таа вели: „Моето мислење е дека ние веќе нема да можеме да разговараме со такви режими. Тоа не е добра стратегија. Но, потребен ни‘ е јасен компас во начинот на кој се однесуваме кон деспотите. Не смее да се заборави дека тоа не се вечни партнери и штом се појави некое демократско движење, тоа треба да се поддржи.“
Со сите не мора да се разговара
Германија мора да одржи контакт со недемократските претседатели, смета Јоахим Херстер од владејачката Христијанско-демократска унија. Тој исто така е член на Комисијата за надворешна политика.
„Нашата должност е на меѓународната сцена да лобираме за нашиот модел и да се залагаме за индивидуални и политички слободи. И ако сакаме да ги шириме нашите стандарди, тогаш мораме да бидеме активни на меѓународна сцена и од нашите соговорници кои доаѓаат од недемократски држави да бараме да ги менуваат работите во својата земја“, вели Херстер.
Како и Јоахим Херстер, така и мнозинството германски политичари го следат мотото „Промена преку приближување“, сметајќи дека само преку непосреден контакт е можно да се менува политиката на недемократските држави. А, колку е тешко да се разговара со деспоти, на пример за темата човековите права, објаснува Бијан Дир Сараи од Партијата на слободните демократи.
„Лично еднаш ми се случи мојот соговорник многу да се навреди и да се жали на преострите формулации. Ми рече дека воопшто немам вистинска слика за реалноста во неговата земја, како и дека не ја разбирам нејзината културна позадина. Но, тоа во тој момент воопшто не ме интересираше. Сакав да ја покренам таа тема и сметав дека тоа е моја обврска“, вели Бијан Дир Сараи.
Сите членови на Комисијата за надворешна политика потврдуваат дека за жал нема пишано упатство за односот со диктаторите и коруптираните режими. Секој случај треба да се третира одделно и секогаш одново.
Автор: Волфганг Дик/ Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска