1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ: Ем на власт со СДСМ, ем во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

25 февруари 2019

СДСМ денеска најверојатно нема да учествува на редовната координација кај претседателот на Собранието. Односот на ДУИ кон барањата на Кривичниот суд, навестува дека пукаат рабовите на владината коалиција.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Барањата на Кривичниот суд за одземање на имунитетот на пратеници заради мерки на претпазливост (притвор) по налог на Обвинителството, во два наврата завршија без гласање на пленарна седница. Синоќа претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата и без гласање заврши барањето на Кривичниот суд за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски, осомничен во истрагата за „крвавиот четврток“.

Случајно или добро смислено сценарио? Политички аналитичари сметаат дека луѓе од врвот на ДУИ подолг период се во поинтензивна комуникација со опозицијата и дека функционираат како „заднинска коалиција“.

„Од ДУИ очигледно ја немаат прекинато коалицијата со поранешниот децениски партнер. Секако дека сите партии треба да соработуваат без разлика дали се во власт или во опозиција, но проблем е кога таа соработка е на штета на владењето на правото“, велат нашите соговорници, додавајќи дека и последните инциденти во Истражниот затвор „мирисаат“ на резултат од слично сценарио. 

Функционери на ДУИ вчера беа недостапни за ДВ за разговор на оваа тема.

Повеќе:Не го спомнувајте името на ДУИ, за век и веков, амин!

Честита старо - нова коалиција

Недостапен и утрово е претседателот на парламентот Талат Џафери, кој остави многу отворени прашања по синоќешната прекината собраниска седница. На таа седница ѝ претходеше расправа во матичната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која резултираше со 4 гласови „за“ и 4 „против“ одземање на имунитетот на Вељаноски. Пресудно за таквиот „нерешен резултат“ беше отсуството на пратеникот на ДУИ, Агим Шаќири, бидејќи, како што беше образложено, му се слошило и морал да замине во болница. Од ДУИ тврдеа дека неговата заменичка во Коисијата била подготвена да дојде, но други извори тврдат дека таа им била целосно недостапна.

Талат Џафери остави многу отворени прашања по синоќешната прекината собраниска седницаФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Резултатот од комисиското гласање (4:4), Талaт Џафери го искористи како алиби дека нема јасна препорака од Комисијата која треба да биде ставена на гласање. Но по целодневни консултации со собраниските служби, на крајот сепак закажа седница за 21 часот. Таа почна половина час подоцна, а еден час помина и во пауза по барање на Елизабета Канческа Милеска. Толку побара и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, но доби 15 минути, што беше повод и остатокот од времето да помине во меѓупартиски обвинувања и надвикувања. На три минути пред полноќ, наместо да се премине на гласање, Мицевски доби право процедурално да се обрати, со што беше пробиен полноќниот рок за гласање. На јавноста која го следеше преносот не ѝ беше јасно што се случува - зошто немаше гласање, зошто Џафери ја прекина седницата и без збор замина од салата. Она што се слушна беа гласните коментари во салата - „Ајде, нека е честита коалицијата меѓу ВМРО и ДУИ“.

Повеќе: „Крвавиот четврток“ го ниша мирниот азил на Груевски

Не се гласаше ни за Љупчо Димовски

Ова не е првпат Џафери да дозволи да истече рокот за гласање за одземање на нечиј имунитет. Пред 20-тина дена започна и не заврши пленарната седница на која пратениците требаше да гласаат дали ќе му биде одземен имунитетот на пратеникот од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски. Тој е осомничен дека ја злоупотребил службената положба додека бил министер за земјоделство, а за истото дело во затворски и домашен притвор веќе се двајца поранешни министри за земјоделие - Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и заменик-министерот Кристијан Делев. Матичната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со 5 гласа „за“ и 4 „против“ гласаше за одземање на имунитетот на Димовски. Препораката на Комисијата беше образложена на пленарна седница, но седницата беше прекината и не продолжи. Заради тоа, двапати беше одложуван распитот на Димовски, а сега прашање е и дали целата постапка одново може да се повтори, со оглед дека поминаа сите деловнички и законски рокови.

Без гласање заврши барањето на Кривичниот суд за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски, осомничен во истрагата за „крвавиот четврток“.Фотографија: MIA

Оваа, и синоќешната постапка на Џафери, ги зголемија сомнежите дека зад сцената се прави некаков пазар меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Особено што пратеникот Шаќири, на кој завчера му се слоши и мораше да биде примен во болница, вчера присуствуваше на собраниската седница.

„Веројатно, неговата улога беше битна завчера, а вчера на некој друг“, коментираат пратеници.

Поради ваквите состојби, неофицијално, можно е СДСМ денеска да не учествува на редовната координација кај претседателот на Собранието, пред денешните две седници закажани во 11 и 13 часот.

(Не)гласањето за одземање на пратенички имунитет индицира дека пукаат рабовите на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, дека довербата меѓу нив е нарушена, а заложбите за правна држава изигрувани од едниот парнер со заткулисни договори. Дали истата игра може да се препознае и во завчерашните инциденти во Истражниот затвор, ќе биде познато денеска, по комплетниот извештај што треба да го достави директорот за затворот кој е во заминување по најавената оставка. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми