1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ не знае што сака или знае што не сака?

27 јануари 2017

Изјавите од ДУИ навестуваат можност партијата да остане лажно неутрална: ем да не го прекрши Мајскиот договор, наводно за да не им наштети на Албанците, ем да не стане „аргат“ на СДСМ и со тоа да одигра за нови избори.

DUI-Parteiführung
Архивска фотографија: средба на партиското раководство на ДУИ во Мала Речица (мај 2012 година)Фотографија: DW/S. Toevski

Тактизирање до последен миг, кое може да доведе до нови избори. Ова е заклучокот што може да се изведе од јавните настапи на функционери на ДУИ, во однос на стратегијата на партијата. Како што изјави на ТВ „Телма“ потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, во моментов нема класични преговори со ВМРО-ДПМНЕ. Али Ахмети од ДУИ добил согласност да оствари средби со Груевски и Заев и ги информирал во партијата за разговорите со двајцата лидери. 

„Класични преговори немаме. По седницата на претседателството на ДУИ, нашиот претседател се сретна со лидерите на двете партии, и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, каде ги кажа нашите позиции за кои нема да преговараме, а тоа се и интеграциите во ЕУ и НАТО, прашањето за албанскиот јазик и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. Има комуникации во однос на дообјаснување на овие прашања, но класични преговори нема“, рече Арифи.

Таа изјави дека на ДУИ ѝ треба уште време за одлука, што остава впечаток дека е можно до 29-ти јануари партијата да не се изјасни ни со „да“, ни со „не“.

Теута АрифиФотографија: DW

Тоа автоматски не индицира дека ДУИ се чува за коалиција со СДСМ, ниту дека се извесни шансите за тоа, туку дека отвора простор за нови сценарија. Едно од нив е, ако Груевски не успее да обезбеди мнозинство, претседателот Иванов да се впушти во разни уставни импровизации со цел да не го даде мандатот на Зоран Заев.

Арифи нема одговор на прашањето, што ако до понеделник мандатарот Никола Груевски не успее да формира влада.

„Не можам да предвидам како ќе биде, ниту би било политички коректно, многу ќе зависи од атмосферата кај нас. Сите ние сме свесни дека има сериозна меѓународна порака да имаме кредибилна влада, во однос на одговорностите од Пржинскиот договор, во однос на СЈО и обврските од извештајот на Прибе“, рече потпретседателката на ДУИ, потенцирајќи дека „за ДУИ ќе бидат клучни меѓународните пораки“.

Аргати на македонските партии“

Но, дека во ДУИ постојат поделби по прашањето за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, говори и односот кон т.н. Мајски договор. Додека Теута Арифи тврди дека во него нема изречна одредба за коалицирање на „победникот со победникот“ во двете најголеми етнички заедници, нејзиниот партиски колега Бујар Османи, исто така во јавен настап тврди дека таква одредба постои. Тој оди и чекор понатаму, објаснувајќи дека ако се напушти тој принцип, во иднина ќе има домино-ефект неповолен за Албанците.

„Ќе почне политичка асимилација на Албанците. Ќе почнат да се групираат кај партиите на Македонците, како што веќе почнале (оние кои гласаа за СДСМ-н.з.) и утре нема да биде важно кој ќе победи кај Албанците, туку кој ќе биде омилен кај ВМРО или СДСМ. Ние ќе станеме аргати на македонските партии. Ќе треба да им се додворуваме. На тоа ќе се сведеме. Од еден албански корпус со идентитет кој го создадовме по 2001 година, ние ќе правиме внатрешна трка. Ние сме изгубиле, ако дозволиме од рака да ни се одземе можноста да го избереме тој што ќе не води во Владата,“, рече Османи. 

По оваа критика адресирана до СДСМ поради „асимилирање“ на гласови од албанскиот електорат, тој изрази и загриженост што две-три недели по објавувањето на декларацијата на албанските партии, „за неа нема ниту еден позитивен или негативен коментар од социјаледмократите“. Тој однос го оцени како загрижувачки и калкулантски.

Засега е нејасно која „струја“ во ДУИ ќе има поголемо влијание. Али Ахмети на денот на изборите, 11 декември 2016Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Исти ставови со ВМРО-ДПМНЕ

Ставовите на Османи во голема мера „коинцидираат“ со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ по овие прашања, но и со пораката што до ДУИ ја испрати Груевски преку интервју во „Дневник“, доколку не биде испочитуван принципот „победникот со победникот“.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро, ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата“, порача Груевски.

Османи во неколку прилики ја нагласи важноста од Мајскиот договор на долг рок, потенцирајќи дека „не се среќни што судбината повторно сакала ДУИ да ја носи клучната одлука“.

„Од некоалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ може да добие пред јавноста, но жртва ќе биде албанскиот народ“, рече тој, додавајќи дека одлуката треба да ги има предвид долгорочните последици, а не краткорочните ефекти и навивањето на аналитичарите.

Засега е нејасно која „струја“ во ДУИ ќе има поголемо влијание врз одлуката „за“ или „против“ коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, иако според партиски извори доминира онаа што се залага за промени и реформи, без ДПМНЕ. 

Но, според аналитичари, ваквите изјави сѐ повеќе навестуваат дека е можно ДУИ да одигра за нови избори, со образложение дека не сака да го прекрши Мајскиот договор, наводно, за да не им наштети долгорочно на Албанците, но и да не стане „аргат“ на СДСМ. Сметаат дека на тој начин ДУИ ќе си обезбеди лажна неутрална позиција, со една цел: да купи време за себе и за досегашниот коалициски партнер, за ново консолидирање и за подобрување на рејтинзите и на резултатите од 11-ти декември. Единствениот пресврт може да се случи само ако има силна надворешна сугестија дека тоа не води кон декларираните цели за излез од кризата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми