ДУИ ќе ја игнорира инаугурацијата на претседателот Иванов
12 мај 2014На прашањето дали пратениците на ДУИ ќе присуствуваат на инаугуративната на Иванов, портпаролот на партијата, Бујар Османи, децидно одговори: „Не!“, без да даде дополнително објаснување. Во соопштението кое ДУИ вчера го упати само до медиумите на албански јазик, а во кое ги објаснува мотивите за разговори за влез во новата влада, партијата уште еднаш го повтори ставот дека „изборот на Иванов е легален, но не е легитимен, бидејќи тој не е консензуален кандидат на сите етнички заедници“.
На прашањето дали е „природно“ ДУИ од една страна да разговара за учество во владата, а да не ја признава институцијата претседател, кој го доделува мандатот за формирање на таа влада, Артан Груби, шеф на кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за Дојче веле изјави:
„Тоа нема врска едно со друго. Се работи за две различни институции – за влада и за претседател, и за два различни процеси. ДУИ останува на ставот да не учествува на инаугурацијата на Иванов“.
На свечената инаугуративна седница, денеска нема да присуствуваат и пратениците на опозицискиот СДСМ, кои одлучија да не ги признаат изборите, ниту да ги прифатат пратеничките мандати. Отсутен ќе биде и единствениот пратеник на НДП, Руфи Османи кој исто така се откажа од мандатот и не го призна легитимитетот на изборите, со што денешната инаугуративна седница ќе се одржи, речиси во полупразна собраниска сала .
Со давањето свечена изјава пред законодавниот дом, Иванов и формално ќе го почне вториот петгодишен мандат, како шеф на државата. Ѓорге Иванов, кој беше кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на претседателските изборите освои 534.910 гласови, а неговиот противкандидат од СДСМ, Стево Пендаровски 398.077 гласови.