ДХЛ - мост меѓу два света
24 јануари 2009Најголемиот дел од транспортот меѓу двата региона се одвива со брод или со авион. Меѓутоа, сега ќе биде можен транспорт и по копнен пат, со нов терминал за претовар во Истанбул.
Транспортот на стока по копнен пат меѓу Европа и Блискиот и Среден Исток, за разлика од транспортот по воздушен и морски пат, има две важни предности: прво, патниот сообрaќај е многу поевтин од воздушниот, а второ, побрз е од морскиот сообраќај. Затоа експертите за логистика во фирмата ДХЛ нудат транспорт на стока по копнен пат во двете насоки, и тоа во времетраење не подолго од шест до седум денови. За транспортот на клиентите им се нудат камиони или, пак, заеднички транспорт со други стоки и тоа - секој ден. Херман Уде, член на управниот одбор во Германската пошта и одговорен за транспортот на стоки, вели: „Инвестираме во повеќе локации, како Истанбул или Дубаи, во проширување на капацитетите за морскиот и воздушен сообраќај, со цел да можеме да одговориме на потребите на нашите муштерии.“
Инвестициите за транспортните камиони се мали, бидејќи ДХЛ ги користи веќе постоечките капацитети на фирмите за транспорт. ДХЛ има мал број сопствени камиони, но оние што ги има се многу модерни и со добар технички квалитет.
ДХЛ ги користи капацитетите и од другите фирми
Германското претпријатие ја користи мрежата за транспорт по копнен пат, по воздух, на шини и по вода. За да може вкупниот транспорт да се одвива без проблеми, низ целиот свет се направени терминали. Така на пример, на Блискиот и Среден Исток, ДХЛ има изградено логистички мрежи со терминали во Бејрут, Дамаск, Техеран, Kаиро, Риад, Џеда, Мускат и Сана.
Застапеноста е најголема во регионите на Персискиот залив со терминали во Кувајт, Дахран, Бахреин, Доха, Абу Даби и Дубаи. Терминалот на аеродромот во Дубаи е огромен, бидејќи се наоѓа на крстопатот за воздушниот и морски сообраќај меѓу Азија и Блискиот Исток.
ДХЛ, во земјите на Блискиот и Среден Исток, е најважен понудувач на логистички услуги. Покрај тоа што има 16 главни дистрибутивни центри, во регионот го застапуваат и голем број други фирми со свои терминали.
Централна раскрсница по копнен пат ќе биде Истанбул
Во овој град пристигнуваат и се собираат вкупните транспорти од Блискиот и Среден Исток, потоа се претовараат во камиони и оттаму се пренесуваат за Германија, Франција или за Скандинавските земји. Во обратна насока во Истанбул пристигнува стоката од Европа, која се сортира и потоа се пренесува во земјите на Блискиот и Среден Исток.
Експертите во ДХЛ со новата понуда се надеваат дека ќе имаат добри шанси на пазарот. Херман Уде од ДХЛ, вели: „Мислам дека Блискиoт и Среден Исток ќе останат региони во подем и тоа од две причини: прво, затоа што одредени места, како Дубаи и други градови во насока на Африка, Азија и Европа, стануваат централни места за претовар. Второ, со оглед на големите приходи од нафтената индустрија, постои голема побарувачка за делови за нафтената индустрија, како и големи количества производи за широка потрошувачка.“
ДХЛ од Европа кон Блискиот и Средниот Исток транспортира се’: од детски чоколада, лекови, компјутери, прехранбени производи, се’ до нафтени платформи. Едни од поголемите клиенти на ДХЛ се претпријатијата за нафта „Сауди Арамко“ и „Петролеум Дивелопмент“ од Оман. При набавката на резервни делови за нафтената индустрија пoважна е брзината на испораката, отколку трошоците за транспортот. Kај стоките за општа потрошувачка, пак, многу поважна улога игра оптимирањето на цените.
ДХЛ-сервисот е поволен, брз и сигурен
Понудата од ДХЛ за транспорт со камиони меѓу Европа и Блискиот и Среден Исток не се сведува само на чиста шпедиција за превоз на стока, туку претпријатието ја презема вкупната работа околу царината, чувањето на стоката, како и нејзината навремена испорака.