1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Д-р Гугл ќе упатува дали ви треба тест за коронавирус?

ЖА
14 март 2020

Гугл работи на развој на веб страница со чија помош граѓаните ќе можат сами да проценат дали при нивните постојни симптоми е неопходно да направат и тест за коронавирус. Најавата стигна од претседателот Трамп.

USA Präsident Trump ruft nationalen Notstand aus
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Се чини дека интернет гигантот Гугл беше изненаден од неочекуваната најава на претседателот Трамп, па побрза да појасни: „Верили Лајф Сајанс", фирма чиј основач е  Гугл, е во ран стадиум на развој на веб страницата, соопшти Гугл вчера. Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека голем развивачки тим на експерти од Гугл работи на проектот и веќе има постигнато значајни напредоци.

Според информациите пак на Гугл, веб страницата не била предвидена за општа употреба, прво би била тестирана во регионот на Сан Франциско, а доколку се покаже успешна, би била натамошно проширувана.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс напротив објави дека новата веб страница веројатно ќе биде достапна уште до недела вечер: „Секој ќе може да ја отвори веб страницата, да ги внесе своите симптоми и да добие укажување дали му се препорачува да направи тест или не“, изјави Пенс.

Освен тоа, веб страницата на корисниците би требало да им ги посочи најблиските места каде можат да извршат тестирање дали се заразени со коронавирус. 

Повеќе: 

Коронавирусот може да му се удри од глава на Доналд Трамп

Трамп спушти рампа за патниците од Европа

СЗО прогласи пандемија: Како најдобро да се подготвите?

Американскиот претседател Доналд Трамп поради ширењето на коронавирусот во земјата синоќа прогласи вонредна состојба. На тој начин сојузните држави полесно ќе стигнат до помошта од повеќе милијарди долари, за која одлуката ја усвои и Претставничкиот дом. Меѓу другото се предвидени даночни олеснувања и бесплатни тестови за коронавирус за граѓаните. Критичарите претходно го обвинуваа Трамп за задоцнето реагирање и минимизирање на опасноста од вирусот. Во земјата до вчера се регистрирани околу 1.300 заразени и околу 40 смртни случаи од коронавирус. Се претпоставува дека реалната бројка на инфицирани е поголема, со оглед што се тестирани релативно мал број луѓе. Од денеска во сила е забраната за влез на патници од Европа во САД,мерка која ја воведе претседателот Трамп.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми