„Највисок чин на човекољубие е да се дарува орган“
26 мај 2020Последите три кадаверични трансплантации го свртеа вниманието на домашната јавност кон хуманоста и важноста на органодарителството, но и кон успехот на лекарските тимови во изведувањето на овие сложени оперативни зафати. За обемот на подготовка, и за стручноста на тимовите за вакви комплексни предизвици, разговаравме со д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ, директорка на универзитетската Клиника за нефрологија, која беше дел од тимот што работеше на трансплантација на бубрези кај двајца пациенти.
Бушљетиќ: Најпрвин огромна благодарност, а истовремено и сочувство на семејството кое реши да донира органи и да спаси три животи. Прв пат во наши услови истовремено се трансплантирани органи кај тројца пациенти. Како дел од тимовите кои учествуваа во последните кадаверични трансплантации, можам де заклучам дека по многу нешта интервенциите беа специфични. Во услови на пандемија, кога најголем дел од регуларните процедури, прегледи и интервенции се одложени, се изведоа три сложени медицински зафати кои ангажираа голем број на здравствени работници - лекари, медицински сестри и техничари, лаборанти... Се покажа дека со добра организација и раководење, првенствено од Минстерство за здравство, а потоа и од целокупниот персонал од различни сектори - јавно здравствен и приватен, системот може успешно да функционира со цел да се спасат животи и во вака комплицирани здравствени услови.
ДВ: Искуството со трансплантација на бубрези кај нас не е ново, но секако е сложен процес. Каква беше обврската на нефролозите во тимот?
За разлика од трансплантацијата на срце која прв пат се изведува, со што испишаа историја и претставува огромен исчекор во здравството кај нас, трансплантацијата на бубрег има зад себе историја од над триесетина години. Најголем дел од трансплантациите се од жив дарител, од најблиско сродство - родител, сестра, брат и други блиски роднини. Кадаверичната трансплантација исто така има долга историја, но ја следеле и големи паузи кога не се изведувала. Целиот процес е комплексен и бара ангажирање на тимови од повеќе клиники и институти. Вклучени се тимови од Клиниката за урологија кои го водат оперативниот дел на земење на орган од дарителот и потоа пресадување кај примателот.
Тимот беше раководен од д-р Сашо Дохчев со уште неколку негови колеги. Оној дел што ние како нефролози го водиме, е подготовката на пациентите кои се во крајна фаза на бубрежна слабост и се на хемодијализа или перитонеална дијализа. Повремено се случува да биде трансплантиран пациент кој се уште не започнал дијализно лекување и е во крајна фаза на откажување на бубрезите. После оперативниот зафат, во целиот понатамошен тек пациентите со трансплантиран бубрег се контролираат на Клиниката за нефрологија. Тоа подразбира оптимизирање на дозите на имуносупресивната терапија, за да не додде до отфрлање на бубрегот, меѓутоа и да се избегне несаканиот ефект од имуносупресијата - инфекции и малигноми. На клиниката работи тим од 5-6 доктори предводен од проф. д-р Гоце Спасовски, кој е со најдолго искуство во областа на трансплантацијата. Исто така сме во тек на вклучување и едукација и на помлади колеги да бидат дел од тимот.
Овој вид оперативни зафати траат и по неколку часови, вообичаено доцна во ноќта или наутро. Како изгледа целиот процес, имајќи предвид дека бара голема подготовка, и не завршува само со чинот на трансплантација?
Целиот процес на трансплантација, особено кадаверичната, е доста неизвесен и стресен. По добивањето на информација од координаторите дека има дарител на органи, започнува процесот на избор на потенцијални приматели на орган, според медицински утврдени критериуми. Се информираат пациентите и по нивна согласност доаѓаат на клиниката. Започнува процес на правење дополнителни неопходни анализи, а во сегашната ситуација на пандемија, и тест за Ковид- 19. Доколку е се во ред, пациентите се подготвуваат од страна на анестезиолози за влез во хируршка сала.
Повеќе:
-Успешна прва трансплантација на срце во македонска болница
-Донирање органи - прашање на живот или смрт
-Македонија треба да ја развива трансплантационата медицина
Овој дел знае да трае и повеќе часови, бидејќи идивидуално секој пациент носи свои специфики. Особено пациентите со придружни заболувања се неизвесни како ќе помине првата фаза од трансплантацијата. Целиот прцес не завршува со самиот оперативен зафат, зашто потоа следи долг процес самиот орган да биде прифатен од организмот на примателот. Кога пациентот се испишува дома е завршена фазата, во која, ние како лекари сме релативно мирни дека трансплантацијата ќе биде успешна. Следните 12 месеци се најсложени за пациентот да биде стабилен, без инфекции, со функционален орган. Следат многу контроли и будно следење на пациентите.
Колкав сет од фактори се битни за трансплантацијата да биде успешна?
За успешноста на трансплантацијата најбитно е да имаме добро совпаѓање на дарителот и примателот: првично крвно групно совпаѓање, а потоа и т.н ХЛА ткивно совпаѓање. Овој систем е одговорен за имунолошкиот одговор на секоја индивидуа. Овие сложени анализи се изведуваат на Институтот за трансфузиона медицина, а тимот го води проф. д-р Кочо Димитровски. Од колегите од овој Институт добиваме особено битни информации за донорот и примателот, со што може да се процени текот на прифаќање на органот од страна на примателот, и исходот на самата трансплантација. Минатата година покрај трансплантацијата од жив дарител, беа изведени и три кадаверични трансплантации, со што се направија шест транплантации на бубрег од починат дарител. Годинава, со оглед дека веќе во февруари имавме проширување на пандемијата и во Европа, целокупните трансплантациски процеси, особено од жив дарител - беа запрени, освен за витални индикации, по препораки на релевантните нефролошки здруженија.
Велите дека изборот на потенцијални приматели на орган се први според медицински утврдени критериуми. Како е организирано тоа?
Изминатиот период под водство на националниот координатор Др. Маја Мојсова Мијовска беше составена листата на пациенти кои чекаат органи за трансплантација. Беше воспоставен современ софтвер за соодветно избирање на приматели на органи според совпаѓањето, меѓутоа и бодирање според медицински критериуми за приоритет на приматели. Кај последниве две трансплантации за прв пат беше користен овој софтвер за избор на најсоодветни приматели, по терк на европските држави.
По драгоценото искуство што го имате стекнато како тимови, што е важно во следниот период, со цел пациентите кои чекаат трансплантација побрзо да дојдат до таа можност?
Важно е да работиме сите заедно на подигање на свеста за органодарителство. Тоа е исто така сложен процес кој бара заедничка доверба помеѓу семејствата кои ги губат своите најмили и здравствените работници. Во тие најтешки моменти, највисокиот чин на човекољубие е да се дарува орган со цел да се спаси живот. Секојдневно во светски рамки листите на чекање стануваат се подолги, дури и во земји со развиена кадаверична трансплантација. Недостигот на органи за трансплантација е светски проблем. За жал, голем дел од пациентите кои се на листа на чекање не ја добиваат својата шанса да примат орган. Сите ние коишто работиме со пациенти кои се во терминална фаза на откажување на органи, знаеме што значи можноста да се добие орган, со што за една група пациенти се подобрува квалитетот на живеење, а за други е единствена шанса за преживување. Како дел од тимовите за кадаверична трансплантација се соочуваме со поделени емоции кога се изведува една ваква сложена процедура. Дури и после долги години на работа, не постои некој кој може да остане мирен кога се соочуваме со семејства кои губат свој близок. Од друга страна, можноста даруваниот орган да продолжи да живее во друга индивидуа, дава непроценливо чувство дека сме спасиле и подобриле нечиј друг живот. Статистиките покажуваат дека сите ние имаме многу поголема можност да имаме потреба од орган, отколку самите да бидеме дарител.