1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дајнов: Не знам зошто е лошо да си „македонист“

4 јуни 2022

Бугарија нема интерес да ја блокира Северна Македонија. Интерес имаат оние кругови во Бугарија, кои и служат на руската политика на Балканот, вели во разговор за ДВ, бугарскиот политолог, професор Евгениј Дајнов

Евгениј Дајнов
Евгениј Дајнов е бугарски политиколог, професор по политички науки на Новиот бугарски универзитет во Софија. Фотографија: BGNES

ДВ: Македонско-бугарските односи веќе неколку години одат во надолна линија и се многу блиску до точката на која ќе го допрат дното, доколку веќе не се таму. Како дојдовме до тука? 

Дајнов: Јас не сум експерт и немам поим што се случувало во Северна Македонија (РСМ) по ова прашање. Сепак, знам што се случуваше во Бугарија:

Во 1992 година Бугарија прва ја призна независноста на Македонија, со одредбата дека не ги признава македонската нација и македонскиот јазик. Уште тогаш стана јасно дека во ова непризнавање е поставена бомба, која порано или подоцна ќе експлодира. Причината е едноставна: според меѓународното право, секој сам одлучува што е нација и како ќе си го нарекува својот јазик.  

Како последица на тоа, владата на Иван Костов направи напори да ги деактивира овие бомби со Декларацијата од 1999 година, која го потенцираше добрососедството.

Во 2017 година, додека се шминкаше како про-европеец, прорускиот популист Бојко Борисов ги вметна главните точки од Декларацијата во Договорот со Македонија. 

Како последица, кога беше ротирачки претседател на Советот на ЕУ, Бугарија се обврза да им помага на земјите од Западниот Балкан да станат членки на ЕУ. Сите мислевме дека штом овој популист Борисов преземе таква обврска, тогаш нема да експлодираат бомбите во односите со Северна Македонија. Но:

Во 2020 година, по повеќемесечни протести против владата на ГЕРБ-ВМРО, стана јасно дека на претстојните избори ВМРО нема да може да влезе во Народното собрание. ВМРО, поддржана од ГЕРБ, одлучи да ги мобилизира националистичките гласачи со ставање вето на Северна Македонија поради „антибугарското“ однесување на земјата. Народното собрание, во кое тогаш немаше проевропска и нормална партија, ја изгласа Рамковната позиција против Северна Македонија. Најмрачните бугарски инстинкти беа разбудени и за неколку месеци повеќе од 60 отсто од Бугарите се спротивставија на членството на РСМ во ЕУ, иако пред ветото 80 отсто го поддржуваа тоа членство. 

Големиот проблем е што од целата оваа збрка бугарскиот народ го сфати следново: „Нема да ги пуштиме Македонците во ЕУ додека не признаат дека се Бугари“.Фотографија: Getty Images/AFP/N. Doychinov

Не знам сѐ, но од она што го знам очигледно е дека одговорноста и вината за влошувањето на односите меѓу двете земји е на Република Бугарија, што е видливо од настаните што ги наведов погоре. Проблемот е што темната страна на бугарскиот менталитет продолжува да се разгорува и не дозволува ниту еден бугарски политичар да се врати на нормално однесување кон РСМ. 

ДВ: Бугарскиот претседател Румен Радев пред неколку недели од Берлин порача дека нема да дозволи „легитимација на македонизмот во Европа“. Зошто е „македонизмот“ толку опасен за Бугарија и кого загрозува во Вашата земја и во Европа?

Постојат термини и концепти развиени од екстремистички идеолози кои не ги разбирам. Не разбирам, на пример, што мислат европските левичари кога зборуваат за „милитаризам“. Исто така, не разбирам што подразбираат бугарските националисти кога зборуваат за „македонизам“. Се сомневам дека ова е некаква примитивна идеолошка конструкција за стигматизирање на „непријателите“. Мене лично разни националисти ме обвинуваат за „македонизам“, но досега никој не ми објасни што е тоа и зошто е лошо. На ист начин, на крајот на комунизмот ме обвинуваа (без објаснување) за „космополитизам“, нешто за што исто така никогаш не разбрав што е, и зошто е лошо. 

ДВ: Од усвојувањето на Рамковната позиција во бугарскиот парламент во 2019, до денес, таа на некој начин остана сидрото околу кое се води политиката на Софија кон Скопје. Но од изјавите на бугарските политичари во изминатиот период останува нејасно што точно сака Бугарија од Северна Македонија. Знаете ли вие што треба да направи Скопје, за Софија да се согласи да го тргне ветото во ЕУ? 

Да знаев што сака Бугарија од РСМ, ќе бев многу среќен човек. Јас, како и сите Бугари, не знам што сака Бугарија од РСМ. Има чудни работи во Рамковната позиција, како на пример РСМ да ги смени текстовите на спомен-плочите и спомениците, да го признае македонскиот јазик со „ѕвездичка“ (т.е. секој пат кога се споменува „македонски јазик" да се објасни во фуснота дека тој е дијалект на бугарскиот јазик), да спроведе лустрација на луѓе од бившите југословенски специјални служби (нешто што самата Бугарија не го направила со своите вработени во комунистичката Државна безбедност). Овие работи за мене се провокација. 

Политичкиот амбиент во Бугарија е мрачен и не и дозволува европско поведение на владата, вели Дајнов. Фотографија: BGNES

Провокација е и поставувањето на целиот договорен процес меѓу РСМ и ЕУ врз  резултатите од преговорите меѓу историчарите од двете страни. Над 90 проценти од овие историчари, од двете страни, не се историчари туку националистички идеолози: тие не се водат од историски документи, туку од политички размислувања. Нема тука како да се очекува договор, после кој би започнал преговарачкиот процес со Брисел. 

Тоа и во принцип не е можно: историјата е разговор за минатото; политиката е разговор за иднината. Нема како од првото да го изведете второто – нешто, што основачите на ЕУ го разбраа и затоа ЕУ зборува за политика (за иднината) а не за историја (за минатото). Ако иднината беше ставена под власт на минатото, немаше да има ниту ЕУ, ниту мир во Европа. Ситуацијата е апсурдна: европската иднина на РСМ треба да зависи од договор меѓу пишман-историчари за тоа која националност бил (да речеме) Гоце Делчев. Ова не може да биде сериозна политика, па дури и каква било политика.

Јас сум збунет и од тоа што бугарската страна постојано поставува нови и нови услови за РСМ, кои ги нема во ниту еден документ. На пример, министерката за надворешни работи на ГЕРБ Захариева сакаше Македонците да престанат да го слават роденденот на Тито (иако цели партии во Бугарија секоја година го слават роденденот на Живков). Потоа дојде претседателот Радев и почна да бара Бугарите да бидат внесени во Уставот на РСМ. Ова однесување ја прави Бугарија непредвидлив и недобронамерен партнер. 

Големиот проблем е што од целата оваа збрка бугарскиот народ го сфати следново: „Нема да ги пуштиме Македонците во ЕУ додека не признаат дека се Бугари“. Што, се разбира, ја прави ситуацијата нерешлива. 

„Проблемот не е само Радев; тој е само олицетворение на проблемот.“Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Новата влада очигледно сака да го заврши прашањето на европски начин - без хистерија, без историја, без ескалација на барањата - но сегашниот политички амбиент овде е мрачен и не им го дозволува тоа посакувано европско поведение. Не би сакал да бидам на местото на бугарската влада, опкружена од сите страни со назабени балкански муцки.

ДВ: Впечаток е дека бугарскиот премиер Кирил Петков е заинтересиран да се надмине спорот, но не наоѓа поддршка кај претседателот Радев и кај дел од коалициските партнери во Владата. Има ли начин да се надмине тој судир?

Проблемот не е само Радев; тој е само олицетворение на проблемот. 

Проблемот е што отровната националистичка тиња, што пред неколку години од дното ја подигна Рамковната декларација, продолжува да ја труе политичката атмосфера. Денеска и старите и новите партии заземаат проруски и националистички позиции и нема да дозволат укинувањето на ветото од која било причина. Тоа се партиите ИТН (Има таков народ, н.з.), Преродба, БСП (Бугарска социјалистичка партија, н.з.), ГЕРБ (во парламентот), плус нови и нови слични партии (Бугарски подем, Развој), кои се против членството на РСМ во ЕУ. Повеќето од овие партии и политичари се и про-Путин, што ја прави ситуацијата во Бугарија доста неизвесна: ако овие партии и политичари започнат антимакедонска хистерија, ќе мобилизираат многу гласови за поддршка на, де факто, руската политика на Балканот. 

ДВ: Блокадата на европскиот пат на Северна Македонија предизвикува многу проблеми за земјата, но и за меѓународните партнери (ЕУ, САД) кои сакаат да го заокружат геополитичкото и економското влијание во регионот. Кој е интересот на Бугарија да го блокира тоа? Или поточно, кој во Бугарија има интерес од блокадата и зошто? 

Бугарија нема интерес да ја блокира РСМ. Интерес имаат оние кругови во Бугарија, кои и служат на руската политика на Балканот. А таа е очигледна: Србија да биде руски сателит; РСМ да остане надвор од ЕУ за да стане руски сателит: Бугарија во иднина да ги напушти ЕУ и НАТО. Проблемот е што овие руски мрежи се исклучително влијателни - тие беа на власт тука 12 години и сега ја држат власта на пониски нивоа, како и во медиумите. 

Бугарски национален интерес е да се разбијат руските мрежи и Бугарија повторно да почне да се бори за европската иднина на Западен Балкан (и за својата). Оние политичари, кои го прават спротивното, јас ги сметам за национални предавници од типот на оние бугарски политичари кои на крајот на 19 век организираа проруски преврати и проруски воени немири во Бугарија и тогаш беа наречени „рубљаџии". 

Убеден сум дека овие мрежи се присутни и во PCM, но засега не се многу видливи. Тие ќе станат видливи веднаш штом РСМ ги започне преговорите за членство во ЕУ. Ќе се чудите какви луѓе ќе се откријат како руски агенти (како што ние овде се чудиме од почетокот на украинската војна).

ДВ: Кога и како, според Ваша проценка, ќе се надмине овој проблем?

Сум размислувал за секакви сценарија, но тие можат да профункционираат само тогаш, кога од двете страни на границата:

- Одлучно ќе се неутрализира руската агентура и нејзините корумпирани кругови. Донекаде тоа веќе се случува во Бугарија: оставени без руски гас, проруските кругови се лишени од главното финансирање и губат сила. Не знам дали има такво нешто во РСМ. 

Би било добар почеток ако двајцата премиери на заедничка средба едноставно кажат: „Бугарите не се фашисти, а Македонците не се Бугари“.Фотографија: Reg. Nordmazedonien

- Одлучно да се напуштат провинциско-балканските скандали и да постапат како татковците на ЕУ: да ја градиме иднината, а не да се караме за минатото. И бугарскиот и македонскиот народ се пристојни, чесни и добронамерни по природа; ќе им олесни да ја напуштат меѓусебната омраза и националистичката хистерија. Би било добар почеток ако двајцата премиери на заедничка средба едноставно кажат: „Бугарите не се фашисти, а Македонците не се Бугари“. Две од четирите владејачки политички формации во Бугарија се обидуваат да имаат европско однесување. Не знам каква е состојбата во РСМ. 

- Одлучно да го реформираат училишното образование во европски правец. Националистичкиот отров што се истура во училиштата остава последици за цел живот и го искривува начинот на кој Бугарите го перцепираат светот и РСМ; убеден сум дека ситуацијата е иста и во РСМ. 

Но дури и со сето тоа, ќе бидат потребни години, освен доколку некој во меѓувреме не измисли ефикасна интервенција на Големите сили. Кирил Петков се обиде да направи нешто преку средба со Макрон, но Радев веднаш рече дека нема што да разговара со францускиот претседател - ужасна дипломатска грубост, која што го открива интензитетот на националистичката хистерија во Бугарија околу РСМ.

Како заклучок: овде се занимавав само со бугарската страна на конфликтот, така како што јас го разбирам. Знам дека и во РСМ ги има оние што поттикнуваат националистичка хистерија - „потребни се двајца за тепачка“, како што велат Русите. Но расветлувањето на македонската хистерија сепак е работа на македонските колеги.  

Евгениј Дајнов е бугарски политиколог, професор по политички науки на Новиот бугарски универзитет во Софија. Редовен колумнист е на бугарската редакција на ДВ и на повеќе бугарски медиуми.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми