1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евровизија заминува за Баку

15 мај 2011

Ел и Ники му ја донесоа првата победа на Азербејџан. На 56 издание на Изборот за песна на Евровизија, освоија 221 поен, надминувајќи ги претставниците од Италија и од Шведска.

Ел и Ники
Ел и НикиФотографија: dapd

Азербејџан влезе во евровизиското семејство пред четири години и досега секогаш се пласираше на врвните позиции. Минатата година во Норвешка победата им побегна за влакно, тогаш завршија втори.

Но, годинава тоа им појде од рака на Нигар Јамал и Елдар Гасимов, целосните имиња на овогодишните победници, кои до финалето на Евровизија стигнаа преку серија од кастинзи во Азербејџан, што почнаа уште во ноември. „Никогаш не мислевме на освојувањето места на Евровизија. Едноставно со месеци многу се трудевме и бевме многу задоволни од она што го правиме“, изјавија тие на прес-конференцијата по победата. На прашањето зошто токму нивната љубовна балада најмногу и` се допадна на европската публика, Ел одговара: „Не е важно дали станува збор за љубовна песна или не, ако ја испеете со срце и ако се обидете на луѓето да им објасните што сакате да им кажете со неа, цела Европа и цел свет ќе се почувствува подобро.“

Победа за АзербејџанФотографија: picture alliance/dpa

Од домаќинка, до победничка на Евровизија

За Ники, пак, претставувањето на нејзината земја на Евровизија бил еден од најголемите сонови. Домаќинката и мајка на две деца живее во Лондон, но во изминатите шест месеци се вратила во Азербејџан, за да учествува во националниот избор за песна на Евровизија: „Сонот ми се оствари и се` уште не можам да поверувам. Пред само шест месеци бев обична домаќинка, а сега сум победник на Евровизија!“

Иако дуото беше составено непосредно пред евровизискиот фестивал, Ел и Ники нагласија дека ќе ја продолжат соработката. Инаку, голем дел од тимот што стои зад победничката песна „Running Scared“, всушност, доаѓа од Шведска. Ел и Ники сепак ветија дека следната година во Азербејџан, европската публика ќе може да слушне потрадиционални звуци.

Македонија по четвртипат не успеа да влезе во финалетоФотографија: DW

Минатогодишната победничка, пак, Лена од Германија, не успеа да го повтори успехот од лани и се пласираше на десеттата позиција. Ѕвездите и европската публика не му беше наклонета ниту на македонскиот претставник, Влатко Илиевски, кој не успеа да стигне до финалната вечер. Песната „Русинка“ не освои доволно гласови во втората полуфинална вечер.

Автор: Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми