Еврозоната е во голема неволја
11 мај 2015
Мервин Кинг конечно доби шанса да стори нешто што не беше возможно за време на десетгодишното раководење со Британската централна банка: да зборува отворено.
„Стратегијата на еврозоната да ги лекува последиците наместо да се занимава со причините“, оцени Кинг, говорејќи пред Американската академија во Берлин. Во таа стратегија, спасувачките политички се преземаат во лет за да и‘ се помогне на некоја земја-членка која е во најголем ризик во моментот, но притоа „еврозоната не ги решава основните проблеми“.
Лабавата монетарна политика, преку ниските камати и квантитативното олеснување, овозможува привремена поддршка, но не може да ги реши европските структурни економски проблеми. Притоа, држењето на ниски каматни стапки предизвикува нови, дополнителни проблеми.
Регионална неизбалансираност
Основната причина за слабиот глобален раст, според Кинг, е во големата регионална нерамнотежа меѓу потрошувачката и заштедата во последниот четврт век и повеќе. Некои земји, како Кина и Германија, штедеа премногу, а трошеа премалку, други позајмуваа премногу, а трошеа повеќе одошто произведуваа. Оваа нерамнотежа е неодржлива на долг рок, вели Кинг и објаснува како е дојдено до тоа.
Во некои земји како Кина, Германија и Холандија, економијата произведува повеќе одошто троши. Тоа се манифестира како масивен вишок во извозот во однос на увозот. Во финансиска смисла, кинескиот, германскиот и холандскиот суфицит, во комбинација со високите заштеди и релативно ниската домашна потрошувачка, доведе до огромен извоз на заштедите од тие земји на глобалниот пазар на капитал. Тоа траеше со години. Последичниот наплив на глобално пристапен финансиски капитал предизвика пад во реалните каматни стапки, што пак потоа имаше огромни импликации, објаснува Кинг.
Ниските каматни стапки доведоа до зголемување на побарувачката за банкарски долгови, и охрабри презадолжување и преголема потрошувачка. Исто така доведе и до зголемување на цените на недвижности, како куќите: колку пониска каматата, толку поголема е номиналната цена која купувачот е подготвен да ја плати за куќата, притоа одржувајќи ја висината на месечната рата на отплата ниска.
Растечките цени на имотот, од друга страна, генерираа уште поголема побарувачка за долг, во автоматска спирала.
Кога кризата од 2008 година ги натера луѓето да сфатат дека нивните имоти се преценети, регионалните балони на недвижности пукнаа, и цените на имотите нагло паднаа, оставајќи милиони луѓе со голем долг. Позајмувањето и потрошувачката опаднаа, а работните места исчезнаа.
Флексибилен девизен курс
Кинг заговара флексибилен девизен курс, и како начин за автоматско компензирање на разликите во продуктивноста меѓу земјите, но и за спречување на таложењето на трговската нерамнотежа.
Одлуката на Кина да усвои фиксен курс кон американскиот долар доведе до нејзиниот огромен трговски суфицит. Слично, и големиот суфицит на извозните економии како Германија и Холандија делумно се темелат на нивното членство во еврозоната. Доколку ги задржеа нивните национални валути, цената во долари на германските и холандските производи на глобалниот пазар речиси со сигурност ќе беше повисока.
Усвојувањето на единствена валута во еврозоната со целосно различни национални економии, без заеднички плати, цени, инвестиции или координација во банкарската политика, доведе до разлики во конкурентноста и до резултирачката депресија во земјите од периферијата.
Нема лесен излез
Како да се решат проблемите во еврозоната? Кинг нотира четири опции, ниту една од нив, лесна:
1. Континуирана висока невработеност во периферните држави додека платите и цените не паднат доволно за повторно да обезбедат конкурентност во рамките на еврозоната. Тоа би можело да значи натамошен пад на просечните плати до 20 проценти во тие земји. За жал, високата невработеност значи и ниска домашна побарувачка, што пак е на штета на опоравувањето.
2. Период на висока инфлација во Германија, со истовремена воздржаност на периферијата во однос на платите и цените.
3. Висок волумен на фискални трансфери од северот кон југот, што пак би значело откажување од нивниот економски суверенитет.
4. Растурање на еврозоната- комплицирано и тешко.
Доколку анализите на Кинг се точни, формирањето на заедничката валута пред изградбата на ефективна политичка и економска унија беше голема грешка, а досега, еврозоната не успеа добро да се справи со последиците од таа грешка.