1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврозоната на чекор да стане смешна

Бернд Ригерт / превод: ЕМФ8 јули 2015

Недела е повторно грчкиот ултимо (последен деловен ден за банките во месецот, н.з.). На нов самит на ЕУ конечно треба да се донесе одлука како да се постапува со земјата пред банкрот. Планот е смел, оценува Бернд Ригерт.

Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Се сеќавате ли на американскиот филм „Денот на мрмотот“ за секогаш истиот тек на денот на еден ТВ-водител за временска прогноза? Така во меѓувреме се чувствуваат многу актери во Брисел. Со многу напор еврозоната постигна согласност да направи последен обид за да ја доведе бунтовната Грција повторно на линија. Дали тоа ќе успее, меѓутоа, е прашање. Рокови, последни рокови и најкраен рок имаше често во спорот со леворадикалниот премиер Алексис Ципрас. Тешко е да се верува дека до недела поставениот рок навистина и ќе се исполни и дека ќе донесе резултати.

Резултатот од референдумот, со кој Грците на фатален начин ја отфрлија втората програма за помош, се игнорира. Сега спас би требало да донесе нова, трета, уште поголема програма за помош, се разбира поврзана со нови услови. Ако се фрли попрецизен поглед на критериумите за оваа програма, која е регулирана законски, ќе се сфати дека се всушност уште построги.

Дали популистот Ципрас, кој сега триумфира, ќе може тие критериуми да ги спроведе дома? Дали парламентите во евро-државите се подготвени во наредните две години да инвестираат уште еднаш висока двоцифрена сума во милијарди? Може ли навистина да му се верува на премиерот од Атина, кој досега делуваше неодговорно и своите кредитори до неодамна ги нарекуваше уценувачи?

Салто назад за Грција

Тоа мора да се покаже до недела. Дотогаш треба со жешки клинци да се заковаат основите на опсежна програма. Грција треба да достави барања и документи. Да видиме дали се‘ ќе биде во ред. Потоа тие документи треба да се проверат со неверојатно брзо темпо. Европската Комисија потоа ќе треба уште попатно и да соопшти дека стабилноста на еврозоната е во опасност. Тоа е предуслов за фондот за помош ЕСМ да може да биде воопшто активиран. Досега Комисијата секогаш нагласуваше дека грчката криза не е закана за еврозоната. Сега одеднаш се‘ треба да е поинаку! Овој пример покажува дека целата акција за спас на Грција не е безусловно солидно конструирана. А, како и да биде? Стратезите во Берлин и Париз ја истресоа оваа последна шанса од ракав за само неколку дена.

Бернд Ригерт, автор на коментарот

Ако постоеше добра желба на двете страни, сигурно уште во април ќе можеше да се преговара сериозно за неопходната програма за помош. За неодговорниот временски притисок се погрижи тврдоглавата грчка влада, која ја доведе својата земја на работ на бездна. Ципрас во преговорите се избори за уште една последна шанса, земајќи ги за заложници пензионерите кои не можат да си подигнат пари. Ако сега не ја искористи шансата, грекзитот, значи излегувањето на Грција од еврозоната, веќе не може да се спречи.

А преодно финансирање?

Зашто, шефовите на држави или влади наводно воопшто не разговарале за една работа - преодно финансирање. Тоа е неопоходно за банкротираната држава да се држи над вода се‘ додеа траат преговорите за новиот пакет за помош според правилата на ЕСМ. Се претпоставува дека додека почнат да течат пари од пакетот број три, ќе минат повеќе недели. Дотогаш, според надежите, ЕЦБ ќе им дава и натаму ЕЛА-кредити на всушност пропаднатите грчки банки. И тоа е една исклучително ризична конструкција.

Алексис Ципрас на своите избирачи пред референдумот им вети дека до вторник ќе има в џеб договор, а во среда банките во Грција ќе отворат повторно. Двете ветувања ги прекрши. Државите од еврозоната повторно со стегнати заби прескокнаа преку сопствената сенка за да спречат грекзит. Тие веќе сега се речиси смешни со своите постојани самити и перманентни средби на министрите за финансии.

Ако в недела не се успее, тогаш останува само излез на Грција од монетарната унија. „Конечно!“, ќе речат некои, радувајќи се. Човек и не може да им забележи на тоа, и покрај непредвидливите последици.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми