1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евроинтеграциите - тешка задача, но се исплати

Марина Максимовиќ/ Александра Трајковска23 мај 2014

Изборите во ЕУ ќе покажат кои политички опции имаат најголема поддршка и во кој правец ќе се движи политиката на европските институции, па и кон Западниот Балкан. За тоа за ДВ говори комесарот за проширување Штефан Филе.

Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: На крајот на овој мандат на Европската комисија, кога ќе се навратите на Вашата четиригодишна работа како европски комесар за проширување, на што гледате како на најголем успех, пречки и предизвици за проширување на ЕУ кон Западниот Балкан?

Штефан Филе: Инсистирањето на основите, правичност и цврст став, сето тоа ја подигна веродостојноста на процесот на проширување. Хрватска стана членка на Европската унија. Растргната од конфликти пред само две децении, таа е сега стабилна демократија, способна да ги исполни барањата за членство и стандардите на ЕУ. Почнавме пристапни преговори со Црна Гора, а историскиот договор за нормализација на односите на Србија и Косово го отвори патот за пристапни преговори со Србија и преговори за Договорот за стабилизација и асоцијација со Косово. Прeминавме од формалност на примена на европските норми. Најголем предизвик сега е одржување на постоечкиот полет, но и тој да биде достигнат од земјите кои во моментов заостануваат. Европската комисија ќе продолжи да ги поддржува во тие напори. Треба да се инсистира на проширувањето како успешна приказна за добробитта како на граѓните на земјите од процесот на проширување, така и граѓаните на ЕУ.

Кога зборуваме за проширувањето како успешна приказна и тоа во годината кога се одбележува деценија од приемот на десетте нови членки, како ги објаснувате промените кои таа политика им ги донесе на „старите“ и на „новите“ членки?

Штефан Филе: Проширувањето од 2004 година беше историски момент, кој ја обликуваше иднината на Европа. Тоа ја обедини Европа, вештачки поделена за време на Студената војна, и придонесе за стабилност на целиот континент. Во централна и источна Европа тоа ја зајакна демократијата и придонесе за политичка стабилност, се‘ заедно не‘ направи понапредни. Стопанството во земјите на централна и источна Европа растеше во просек по четири проценти годишно во периодот од 1998 до 2008 година. На основа на економската динамика во тие земји беа отворени три милиони работни места од 2002 до 2008 година. Стопанскиот раст во пристапните држави придонесе за стопански пораст и во „старите“ членки. Ако ја земеме Германија за пример, нејзиниот извоз во „новите“ членки од 2004 година речиси се удвои и минатата година достигна 124,5 милијарди евра. Овие податоци говорат сами за себе - проширувањето им донесе добробит и на оние кои влегуваа и на оние кои веќе беа внатре.

Некои од земјите членки, како на пример Полска, како основна предност за пристапот ги наведуваат токму економските импулси. Меѓутоа за други, како што е најмладата членка на Унијата, Хрватска, влезот во „економското поле“ на ЕУ означи и финансиски турбуленции. До денес некои тврдат дека Бугарија и Романија не беа доволно подготвени за членство кога станаа дел од Унијата. Врз основа на што може да се процени дали една земја е подготвена да стане членка на ЕУ?

Штефан Филе: Прво, не би се согласил дека за Хрватска влезот во Европската унија значеше финансиски турбуленции. Европската унија претставува најголема интегрирана економска област во светот, најголем играч на глобалната економска сцена, со извоз поголем од Кина или САД. Унијата е и најголем извор и дестинација на директните странски инвестиции во светот. Имаме една од најдобрите светски економии и еден од највисоките животни стандарди. Зошто ние Европејците не знаеме да ги цениме сопствените достигнувања, додека на истите тие достигнувања другите во светот им се восхитуваат? Значи влезот во ЕУ за Хрватска или за која било друга земја значи економска стабилност, а не турбуленции. Се разбира дека мораме да бидеме сигурни дека пред добивање членство земјата кандидат е добро подготвена. Поради тоа, во текот на годините развивме веродостоен процес на пристапување, заснован на стриктна условеност. Нема скратен пат. Тоа би било лошо и за ЕУ и за земјата кандидат. Поставивме јасни услови кои мораат да бидат исполнети, почнувајќи од она што ние го нарекуваме „основи“, како што е владеење на правото ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал, почитување на правата на малцинствата, слобода на изразување на медиумите и здрава и стабилна економија. Сето тоа мора да биде на свое место, не само на хартија, туку мора да функционира и во пракса. Сакаме да видиме резултати кои можат да се мерат и да се споредуваат со нашите мерила.

Кога говориме за „европските мерила“ - како би ги процениле моменталните позиции на земјите од Западниот Балкан кои се наоѓаат на патот кон ЕУ-интеграциите? Дали останувате на проценката од минатогодишната конференција во Даблин, посветена на десетгодишнината од Солунскиот самит (2003) од каде на Западниот Балкан му беше ветена европска иднина, кога рековте дека во наредните десет години очекувате три нови членки на ЕУ?

Штефан Филе: Од сите земји на Западниот Балкан очекуваме силна посветеност на примената на реформите и одржливи резултати во основните области кои веќе ги споменав. Задачата е тешка, но се исплати. Процесот на пристапувањето вклучува и финансиска поддршка за тие земји силно да бидат поттикнати да ги модернизираат и трансформираат своите стопанства и администрацијата, на добробит на сите граѓани. Примерот на Хрватска покажува дека таквата трансформација е можна и дека ЕУ останува на своите ветувања. Што се однесува до бројот и предвидувањата, ако сакаат да станат членки во текот на следната деценија или подоцна, земјите претенденти за членство не би требало да се фокусираат на датуми, туку на резултати.

Говорејќи од сопствено искуство, не како европски комесар за проширување, туку како граѓанин на Чешка, велите дека евроинтеграциите не се работа само за политичарите, туку и за општеството во целина. Колку жителите на Западниот Балкан се запознаени и колку воопшто учествуваат во евроинтеграциските процеси на своите држави?

Штефан Филе: Тоа е одговорност на владите на тие земји. Европската унија преку своите делегации и ЕУ-инфо центри е вклучена во тој процес, но не може да ги замени тамошните власти. Реформите и евентуалното пристапување можат да функционираат само со силна поддршка на различни делови на општеството. Таква поддршка се гради низ одговорни јавни дебати.

Колку на процесот на евроинтеграциите на Западниот Балкан влијае специфичната историја и односите на теренот?

Штефан Филе: Се разбира дека блиското минато на регионот може да биде оптоварување. На Западниот Балкан спомените на минатите судири се сѐ уште свежи, а некои рани допрва мора да бидат залечени. Меѓутоа тоа не смее да се користи како изговор. Лично, охрабрен сум од сѐ почестите сигнали на помирување и добра, ако не и одлична соработка во регионот.

Во дипломатските кругови во Брисел како анегдота се прераскажува реченицата на еден европски политичар, кој говорејќи за проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан изјави: „Тие се прават дека се подготовени, а ние се правиме дека ги сакаме“. Говоревме за подготвителните процеси во земјите на Западниот Балкан, но како тие стојат кога станува збор за подготвеноста на ЕУ и нејзините граѓани за ново проширување?

Штефан Филе: Земјите на Западниот Балкан во овој момент не се подготвени за пристап, така што е прерано да се прашаат граѓаните на ЕУ дали се тие подготвени за ново проширување. Најдобар начин да се намали каква било загриженост која можат да ја имаат граѓаните на ЕУ е да испорачаат реформи и резултати. Сигурен сум дека граѓаните на ЕУ ќе поздрават нова членка за која знаат дека е подготвена да биде тоа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми