1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврообврзница за продолжен политички живот на Груевски

Костадин Делимитов8 јули 2016

Уште еден луд обид за политичка корупција и опстојување на власт! Експертската јавност го критикува потегот на власта и предупредува дека долгот опасно се зголемува!

Фотографија: Wiski - Fotolia.com

Владата ќе се задолжува за дополнителни 650 милиони евра. Толку пари во наредниот период ќе се бараат на меѓународниот финансиски пазар. Одлуката за издавање еврообврзница била донесена уште на 21 јуни. Јавноста пак дозна откако таа беше објавена во Службен весник. Во образложението се наведува дека парите кои треба да се обезбедат се за буџетска поддршка во 2016 и 2017 година, како и за рефинансирање на обврските по основ на државниот долг. Рокот на еврообврзницата ќе биде до 10 години во зависност од пазарните услови.

Дека Власта планира ново задолжување повеќепати беше најавувано и не е изненадување. Но фактот што се прави обид да се добијат 650 милиони евра е загрижувачки и многу опасен потег, предупредуваат експертите:

„Ова што денеска го дознавме е план или намера на власта да дојде до пари. Дали и колку ќе успее е неизвесно. Но многу е веројатно дека еврообврзницата ќе се издаде бидејќи за тоа има потреба ако се види структурата на буџетот. Но реално, за тоа, посебно за толку голем износ нема потреба. 650 милиони евра се премногу, премногу пари за еврообврзница особено во оваа ситуација затоа што каматата не би можела да биде пониска од 6 до 7%, што за толкав износ е огромна камата“, предупредува економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Владата продолжува да троши пари за непродуктивни проекти.Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Непродуктивни трошења

Планот на Власта да се задолжува во вакви услови е луд. Ако власта е одговорна, вели дека има поекономични решенија:

„Лудо е да се издава еврообврзница на толкав износ, меѓутоа не знам, можеби 200 до 300 милиони евра да. Но генерално и за тоа нема потреба, треба да се скратат непродуктивните трошења во буџетот, како Панорамско тркало, барок за ГТЦ, патни трошоци од милиони евра за функционерите и слично. Доколку и кратењето на тие трошоци е недоволно тогаш подобро е да се задолжувме дома, каде се уште има средства, а и каматната стапка е пониска“, укажува Јовановиќ.

Дел од упатените во ваквиот обид на власта препознаваат и многу политика, односно битка за опстојување на власт и тоа по секоја цена:

„Со ваквата одлука не потценуваат сите! Ова покажува дека дури и по цена на комплетно задолжување на земјата „човекот“ сака да си го продолжи животот во политиката, тоа е основно. Се бори за продолжување на политичката корупција и за личната корупција. И ова зборува дека годинава тој не планира избори, туку планира политички живот и во наредната година. Сака да обезбеди пари да го одржува привидот на нормалност, дека имаме пари, дека плаќаме, а од каде не е важно од каде“, предупредува поранешниот министер за финансии и гувернер на НБМ Петар Гошев.

Петар Гошев вели дека цената која ќе ја плати државата за еврообврзницата е превисока.Фотографија: Petr Stojanovski

Превисока цена

Во периодот што следи власта ќе бара поволни понуди од потенцијалните клиенти инвеститори. Пари според Гошев ќе се најдат, но цената која државата ќе ја плати за нив е превисока:

„Ако се издаде во целост еврообврзницата тогаш тоа ќе значи нов долг од над 7% од БДП. Логиката би требало да налага дека оваа еврообврзница сигурно би била поскапа од претходната која изнесуваше нешто над 5%. Дефинитивно дека ќе биде поскапа со оглед на ризиците за земјата, политичката криза и разните инфорамции“, предупредува Гошев.

Македонија досега има издадено четири еврообврзници. Во 2005 таа изнесуваше 150 милиони евра. Четири години подоцна актуелната власт ја издаде досега најскапата која тежеше 175 милиони евра. Во 2014 следуваше нова од половина милијарда евра. Власта лани се обиде да обезбеди уште една од исто толкав износ, но успеа да собере само 270 милиони евра поради инсистирањето на тогашниот дополнителен заменик министер за финансии Кире Наумов. Ако оваа се реализира, тогаш таа ќе биде досега рекордна, што дополнително и уште позгрижувачки ќе влијае на продлабочување на јавниот долг кој во таков случај ќе надмине 50% од БДП.

Агенцијата Ројтерс јавува и дека македонските власти веќе им дале налог на банките да организираат состаноци со потенцијални инвеститори. Ситигруп, Дојче Банк, Ерсте груп и Сосиете Женерал добиле мандат од владата да преговараат со потенцијалните купувачи. Македонските власти ќе ги посетат инвеститорите во САД и Велика Британија веќе в понеделник на 11 јули.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми