1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа без Меркел?

Бернд Ригерт
1 ноември 2018

Нејзината миграциска политика не беше прифатлива за сите, исто како и политиката на штедење, критикувана од економски кризните земји. Повлекувањето на Меркел на рати, во ЕУ се смета и за шанса за нов почеток.

Asien-Europa-Gipfel in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/dpa/A.Grant

За многумина набљудувачи во Брисел, „залезот“ на германската канцеларка, започнат со откажувањето од раководната партиска функција, не е изненадувачки. Уште летоска, по еден неуспешен самит на ЕУ посветен на миграциската политика, политичкиот портал „Политико“ („Politico") ја отпиша Ангела Меркел. Поради интерните кавги во нејзината голема владина коалиција, составена од ЦДУ/ЦСУ и СПД, силно настрада способноста на канцеларката да ги протурка своите ставови на европско рамниште. „Како Меркел предизвикува расцеп во ЕУ“, пишуваше „Политико“, еден вид интерен билтен на политичката елита во ЕУ-централата Брисел.

Повеќе: 

Меркел: Миграцијата може да стане судбинско прашање за ЕУ

Регионалните избори во Баварија и во Хесен, со горчливите загуби за големата коалиција тогаш уште претстоеја. Но, јасно беше дека курсот на Ангела Меркел во бегалската политика во 2015. година го засили подемот на популистите во многу земји во ЕУ. Нејзините барања за солидарност во миграциската политика и задолжителна распределба на бегалците, таа не можеше да ги оствари. Меѓутоа, таа сепак на крајот се заложи и за затворање на надворешните граници и отворање азилантски центри во северна Африка.

Јанис Емануилидис: Меркел беше гарант за стабилностФотографија: DW/B. Riegert

„Некои ќе се радуваат“

Во Полска, Унгарија и Италија, кога Меркел некогаш ќе ја напушти и канцеларската функција, ретко некој ќе жали по неа. Згора на тоа, многумина политичари во кризните земји ја сметаат улогата на Меркел во справувањето со финансиската и евро-кризата во Грција, Кипар, Португалија, Шпанија, Ирска и сега во Италија за погрешна, за премногу ригидна и ориентирана драстично кон штедење.

„Европа секако е можна и без Меркел. Во однос на земја со водечка улога како Германија и канцеларката на нејзино чело, секако има одделни држави и влади кои не се задоволни од нивното делување. Оттаму, не само во Источна Европа, туку и во јужниот дел има луѓе кои ќе се радуваат на заминувањето на канцеларката“, вели Јанис Емануилидис, раководител на тинк-тенкот „Европски политички центар“ во разговор за Дојче веле во Брисел.

Деснорадикалниот министер за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини, во интервју за Дојче веле во септември, ја критикуваше Ангела Меркел за потценување на прашањето за бегалците. По покраинските избори во Хесен, тој отиде уште подалеку, изјавувајќи дека резултатот е „удар со чекан“ за Меркел.

Уште во 2012. година имаше протести против Меркел во ИталијаФотографија: Filippo Monteforte/AFP/Getty Images

„Таа олицетворуваше извесна стабилност“

Но, во мнозинството членки на ЕУ, смета Јанис Емануилидис, Ангела Меркел е почитувана, почнувајќи од фактот што со својот најдолг владин стаж има и најголемо искуство во Европа.

„Во основа, сметам дека постои почитување кон извесната стабилност во Берлин. Таа стабилност беше важна и од европска перспектива, но и од аспект на големиот дел земји-членки. Во време во кое владее несигурност, стабилноста е високо ценета вредност.“

Тоа што „мути“, „мајка“ Меркел, како што ја нарекуваат во нејзината христијанско демократска коалиција, во догледно време може да замине, е помисла на која многумина во Брисел допрва треба да се навикнат, смета ЕУ-експертот Емануилидис.

„Иако по 13 години поминати на функцијата, таа сега е некој чие отсуство е тешко можно да се замисли, сигурно ќе следува јасна регулатива кој ќе биде нејзин наследник. На крајот, ќе дојде ден потоа и ќе следува и време по Меркел.“

Во Грција Меркел на протестите ја претставуваа во нацистичка униформа Фотографија: picture-alliance/epa/S. Pantzartzi

Одлуки на мраз?

На ниво на ЕУ одлуките поврзани со темите миграција, Брегзит или реформа на еврозоната веќе со месеци се одлагаат. Тоа е поврзано и со неодлучната канцеларка, која мораше да води повеќе сметка за домашната коалиција, отколку да посвети време на акутните кризи на ЕУ. Со нејзината најава да го напушти раководењето со партијата, што значи откажување од домашната власт, како и со одлуката да не се кандидира за канцеларка во 2021. година, Ангела Меркел самата се прогласи за парализирана.

Повеќе: 

Кадровска лотарија во Брисел

Сепак, Германија, како најголема и финансиски најсилна членка, останува со тежишна улога во ЕУ. ЕУ-дипломати сметаат дека, на пример, веќе нема да биде можен напредок во преговорите за заеднички буџет на ЕУ пред европските избори во мај 2019. година. За ЕУ-буџетот е надлежен германскиот комесар Гинтер Етингер, кого Меркел го испрати во Брисел.

Нејсно е исто така на каков начин постапното повлекување на Меркел ќе се одрази врз натамошните персонални прашања. Во следните недели германскиот конзервативец Манфред Вебер од ЦСУ би требало да биде промовиран за водечки кандидат на Европската народна партија. Вебер наесен планира да „атакува“ на позицијата претседател на Европската комисија, во што германската канцеларка всушност требаше да игра решавачка улога.

Без Меркел - похрабри ЕУ-реформи кои ги бара Макрон? Фотографија: picture alliance/dpa/BELGA/T. Roge

На Макрон му треба нов партнер

Можното заминување на Меркел од европската бина секако не му е по волја на францускиот претседател Емануел Макрон, кој сакаше да ја унапреди својата реформска агенда за европската монетарна унија заедно со „драгата пријателка Ангела“. „Неизбежно е дека ќе дојде и до извесна несигурност, нешто што не е пожелно од перспектива на претседателот Макрон“, укажува притоа експертот Јанис Емануилидис.

Повеќе: 

Дали Макрон и Источна Европа ќе најдат заеднички јазик?

Последна шанса за Меркел да го искористи политичкиот капитал

„Од друга страна, од почетокот на сегашната голема коалиција, видовме дека канцеларката и владата во целина не ги подзедоа предлозите на Макрон од Париз. Прашање е каков развој ќе следи на овој план по заминувањето на Меркел“, вели Емануилидис. Значи, кога Меркел ќе ја напушти раководната улога, можно е да се отвори шанса за плановите на Макрон.

Шпекулацијата која долго курсираше низ Брисел, Ангела Меркел самата ја оконча. Канцеларката јасно кажа - не стреми кон ниедна висока функција на ниво на ЕУ. Одредени набљудувачи не ја исклучуваа можноста во наредната година Меркел да премине во Брисел, како претседател на ЕК или на функцијата претседател на Европскиот парламент, две места кои треба да се пополнат по една година. 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми