Иако не мина ни половина од летото, територијата изгорена од пожарите кои горат низ Балканот, Италија и југоисточниот Медитеран веќе го надмина годишниот просек. Кои се причините?
Реклама
Пожарите кои горат низ јужна Европа последниот месец- без оглед дали се предизвикани природно, од молњи или од пиромани- се резултат на сушата и екстремните жештини. Научниците немаат дилема дека климатските промени се клучниот двигател на новата сезона екстремни пожари. Притоа, тие велат дека подготовките и адаптацијата на новите климатски услови во земјите подложни на пожари се неадекватни.
Ќе се обидеме да објасниме зошто медитеранските и балканските земји се толку подложни на пожари и какви ќе бидат последиците за светот кој се повеќе се загрева.
Зошто медитеранскиот регион е подложен на пожари?
Летните пожари се природен и честопати неопходен дел од животот на медитеранските шуми. Во децениите пред 2016, околу 48 илјади шумски пожари гореа 457.000 хектари годишно во петте медитерански земји: Шпанија, Франција, Португалија, Грција и Италија. Според научниците, пожарите можат да донесат обнова и да го зголемат биодиверзитетот во овие региони.
И навистина, луѓето научија подобро да се справуваат со сезонските пожари во жешките и суви региони на јужна Европа, со пософистицирани стратегии за превенција, што пак доведе до пад на бројот на пожари од 1980 година.
Но се позачестено во изминатите години, пожарите ескалираа далеку над нивната вообичаена големина и интензитет.
Страотните пожари во 2017 и 2018 година однесоа стотици човечки животи во регионот од Турција до Шпанија, но беа погодени и земји од централна и северна Европа, како Шведска.
Таквите пожари без преседан се секако поврзани со екстремните суши и топлотни бранови.
Што ги активира пожарите?
Изминатиот месец јули беше вториот најтопол во историјата на Европа (и третиот најтопол глобално). Екстремната жештина беше фокусирана на јужниот дел на континентот, а температурите во Грција измината недела достигнаа и 47 степени Целзиусови.
Грција и Турција се среде топлотен бран кој се смета за најлош во последните 30 години, и веднаш разбуди спомени на кошмарната 1987 година кога во пожарите загинаа над 1.500 луѓе само во Грција. Во Турција, во само една недела имаше повеќе од 200 пожари поради кои локалните жители и туристите во некои места мораа да бараат спас во морето.
Оттука, иако потпалувањето и природните причини се еднакво виновни за пожарите, екстремното време го зголеми интензитетот и е вистинскиот виновник за уништувањето во многу региони. Тоа е причината што годинава гори 55% поголема површина во Европа од просекот во последните 12 години.
Проблемот го дополнува и застарениот шумски менаџмент, а понекогаш дури и преголемата заштита на природните шуми, на пример, преку спречување на пожари.
Светот шокиран од убиствените екстремни временски прилики
Германија, Канада, Кина - драматичните слики кои се последица на екстремното време доминираат во последните недели. Дали за тоа е одговорна климатската криза?
Фотографија: AFP/Getty Images
Поројни дождови и поплави во Европа
Досега невидените поплави предизвикани од дводневни обилни врнежи дожд, колку што обично паѓаат во два месеци, во Германија и Белгија однесоа најмалку 209 човечки животи. Реките во средината на јули се претворија во надојдени буици и уништија села и објекти стари со векови. Обновата на куќите, фирмите и инфраструктурата, според проценките, ќе чини повеќе милијарди евра.
Фотографија: Thomas Lohnes/Getty Images
Екстремно поројни дождови
И делови од Индија и од Кина се погодени од рекордни поплави, дојде до излевање на акумулации и одводни канали. Научниците предвидоа дека промената на климата ќе доведе до зачестени и пообилни врнежи од дожд - загреаниот и потопол воздух апсорбира повеќе вода, што води до повеќе дождови.
Фотографија: AFP/Getty Images
Поплави во централна Кина
Повеќедневните непрекинати дождови на крајот на јули предизвикаа катастрофални поплави во централнокинеската провинција Хенан. Повеќе луѓе ги загубија животите, стотици илјади мораа да ги напуштат домовите. Во провинцијата Женгџоу бројни патници останаа заглавени во метрото поплавено од водата. Областите во провинцијата се уште потешко погодени.
Фотографија: Courtesy of Weibo user merakiZz/AFP
Рекордни жештини во САД и во Канада
Неподносливата горештина е сѐ почеста, како на крајот на јули во американските сојузни држави Вашингтон, Орегон и канадската провинција Британска Колумбија. Врелиот воздух „заробен“ под антициклонски фронт доведе до екстремно време и стотици смртни случаи. Во селото Литон беше измерена рекордна температура од 49,6 степени Целзиусови, а во следниот ден селото до темели настрада во пожар.
Фотографија: Ted S. Warren/AP/picture alliance
Шумските пожари доведуваат до невреме
Бранот жештина можеби е на заминување, но сушата поттикнува шумски пожари. Огнената стихија во Орегон е толкава што самата предизвикува невреме, а чадот се разнесува дури до Њујорк. Неодамна објавена студија тврди дека ваквите временски услови би „биле практично невозможни“ да не се климатските промени предизвикани од човекот.
Фотографија: National Wildfire Coordinating Group/Inciweb/ZUMA Wire/picture alliance
Дали Амазонската област е стигната до клучна точка?
Во јужниот дел на централен Бразил владее најтешката суша во последните 100 години. Со неа расте и ризикот од пожари и натамошно уништување на Амазонската прашума. Научниците неодамна соопштија дека голем дел од југоисточните шумски области во Амазон наместо да апсорбираат ЦО2 како порано, поради континуираното уништување сега испуштаат штетни гасови. Наскоро може да дојде до пресвртна точка.
Фотографија: Andre Penner/AP Photo/picture alliance
На работ на изгладнување
Во Мадагаскар, по години безмилосна суша, од глад се загрозени преку 1,4 милиони луѓе. Некои се принудени да јадат сирови кактуси, диви растенија и скакулци. Бидејќи не беа регистрирани природни катастрофи или политички конфликти, гладот таму се смета за прв во поновата историја предизвикан единствено од климатските промени.
Досега незабележаните поплави во северна Европа ја зафатија и Велика Британија: откако во еден единствен ден наврна количина дожд колку за еден месец, делови од Лондон, подземни постојки на метрото и улици се најдоа под вода. Поплавите се доказ дека „опасностите од промената на климата ни се приближуваат и нам“, изјави лондонскиот градоначалник Садик Кан.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/Getty Images
Грција се бори со пожари
Додека земјите во северна Европа се под вода, оние на југот, како Грција, се зафатени од повеќе топлотни бранови уште од почетокот на летото. Во првата недела од јули температирите се искачија над 43 степени Целзиусови. Туристичките атракции, како Акропол, преку ден се затворени, додека околу Солун беснееја шумски пожари. Во акција на гаснење на огнот беа и хеликоптери.
Фотографија: Sakis Mitrolidis/AFP/Getty Images
Шумски пожари и на Сардинија
Шумски пожари од досега незабележани размери го опустошија централно-западниот дел од островот, истакна гувернерот Кристијан Салинас: „Досега во прав и пепел се претворени 20.000 хектари шума, кои беа синоним за вековната еколошка историја на нашиот остров“. Околу 1200 луѓе се евакуирани од и натаму загрозениот регион.
Па така, на 1 август голем пожар ја зафати Пинета Данунциана, урбана борова шума во италијанскиот град Пескара. Поради тоа што шумата е заштитен природен резерват, таму не се стопанисува шумата со редовно чистење на подрастоците или со контролирано палење. „Подрастоците гореа многу брзо“, изјави градоначалникот на Пескара, Карло Маски.
„Во повеќето медитерански региони, политиките на шумското стопанисување се премногу фокусирани на сузбивање и не се адаптирани на тековните глобални промени“, се наведува во студијата „Разбирање на промените во пожарите во јужна Европа“.
Каква врска има климата со тоа?
Иако изгорената територија во медитеранскиот регион малку се намали во последните 40 години, тоа најмногу се должи на поефективната контрола, според Европската агенција за животна средина (ЕЕА).
Глобалното затоплување ја зголемува фреквенцијата и сериозноста на условите за пожар низ целиот свет- како што можевме да видиме од пожарите во Австралија и Калифорнија последниве години. И неизбежно, климатските промени го зголемија ризикот од шумски пожари низ цела Европа, вклучително и во централниот и северниот дел кои вообичаено не беа подложни.
Актуелните рекордни суши и топлотни бранови се слични на настаните од 2018 година кога „повеќе земји страдаа од големи пожари од било кога“, според ЕЕА.
Какви се последиците за климата?
Глобално, шумските пожари се одговорни за голем дел од емисиите на стакленички гасови, како и за меѓу 5 и 8% од околу 3,3 милиони предвремени смртни случаи како резултат на загаден воздух. Но, емисиите на јаглерод од шумски пожари опаѓаат последниве децении. Тоа се должи на подобрената превенција од пожари. Но проблемот кој останува е интензитетот и тежината на пожарите, што има далеку посилен негативен ефект врз ограничувањето на емисиите на јаглерод затоа што шумите горат толку многу што не можат да се регенерираат.
Во 2017 година, емисиите на јаглерод диоксид од екстремните пожари низ југозападна Европа (Шпанија, Франција и Италија) беа највисоки од 2003 година, достигнувајќи 37 тераграми CO2. Поконкретно, овие пожари предизвикаа исто ниво на загадувачки емисии како цела западна Европа.
А доколку пожарите уништат дополнителни шумска територија во 2021, дополнителната загуба на прочистувачи на јаглерод диоксид ќе биде уште попогубно за климата.
Огнениот пекол и пустошот потоа
Шумски пожари продолжуваат да избувнуваат и да горат ширум земјата, додека македонските граѓани се соочени со страшните искуства и апокалиптичните сцени по пеколната ноќ во Кочани и регионот.
Фотографија: Arbnora Memeti
Непроспиена ноќ
Жителите на Кочани и на околината преживеаја ноќ на хорор, откако пожарот кој избувна во попладневните часови на 2. август во близина на градот, поттикнат од ветерот се приближуваше кон градот и другите населени места.
Фотографија: Arbnora Memeti
Закана за Кочани
„Пеколот се спушти на земјата“ Вака очевидци за македонските медиуми ги опишаа моментите додека пламените јазици му се закануваа на градот. Десетици луѓе побарале лекарска помош поради задушување, но нема луѓе со сериозни повреди, ниту загинати.
Фотографија: Fatos Musliu/DW
Битка против пламените јазици
Битката со огнената стихија траеше со часови, а стотици мештани им се приклучија на пожарникарите со „голи раце“ учествуваа во напорите за локализирање на пожарот.
Фотографија: Arbnora Memeti
Сам среде огнениот пекол
Ваквите херојски ангажмани на бројни луѓе вклучени во битката со стихијата, придонесоа за локализирање на пожарот и спречување на жртви и поголеми материјални штети.
Фотографија: Arbnora Memeti
Армијата на помош
Најголем дел од фотографиите во оваа галерија се направени во село Тркање, Кочанско. Во ова место вчера беше најкритично, селаните заедно со војската патуваа два часа пешки за да се качат во планина, немаше пристап за да се стигне со моторно возило.
Фотографија: Arbnora Memeti
Трагите на уништувањето
Иако поголеми материјални штети беа спречени, сепак пожарот остави зад себе апокалиптични сцени во Кочани... Уништени куќи...
Фотографија: Arbnora Memeti
Трагите на уништувањето
...Изгорени возила
Фотографија: Arbnora Memeti
Трагите на уништувањето
пеплосани борови шуми и животни...
Фотографија: Arbnora Memeti
Каде се ер тракторите?
По пожарот во Кочани, но и поради другите активни пожари во земјата се поставува прашањето на одговорноста. Имено С.Македонија има ер трактори ( како овие на фотографијата направена во Турција) за гаснење пожари, кои меѓутоа не се во функција, зашто не се сервисирани. Пожарникарите имаат возила, ама некои од нив дотраени и со работен век од 30-тина години...