1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа е „на суво“, кризата со вода се продлабочува

Беатрис Кристофаро | Тим Шауенберг
9 јули 2022

Поради малите количества дожд и големите суши, властите ја ограничуваат употребата на вода во некои области на јужна Европа.

BG  -  Italien Dürre
Фотографија: IPA/ABACA/picture alliance

Преголема потрошувачка на вода за толку малку дожд, изворите на вода за пиење пресушуваат. Сѐ повеќе луѓе во Европа ги чувствуваат последиците од екстремните топлотни бранови, подолгите суши и прекумерната потрошувачка на вода, сето тоа засилено со промените на климата предизвикани од човекот. Јужна Европа во моментов особено страда од топлотни бранови и суши.

За да има доволно вода за населението, политичарите ги повикуваат луѓето да ја ограничат потрошувачката на вода на она што е апсолутно неопходно, но на некои места тоа не е доволно.

„Едно се сушите. Друго е колку вода вадиме од системот“, вели д-р Нихал Цал, експерт за вода во Европската агенција за животна средина.

Приватната потрошувачка на вода во Европа има удел од само 9%. Најголем дел, околу 60 отсто, троши земјоделството.

Италија

Ситуацијата во моментов е најдраматична во северна Италија. Земјата страда од најтешката суша во последните 70 години. Поради тешката ситуација со водата, неколку региони прогласија вонредна состојба за вода. Над 100 градови се повикани да ја ограничат потрошувачката на вода што е можно повеќе. Италијанската влада поради тоа во понеделникот (4.07) прогласи вонредна состојба во пет региони до крајот на годината. Таа сака да стави на располагање 36 милиони евра на краток рок за борба против кризата со вода.

Поради неколкумесечна суша и речиси никаков дожд во зима, реките Дора Балтеа и По во моментов имаат само осмина од водата којашто вообичаено ја имаат. Тие го снабдуваат со вода еден од најважните земјоделски региони во цела Европа. 30 отсто од земјоделското производство во моментов е загрозено од суша.

Поради малото количество вода во реките, на многу места е невозможен речен сообраќајФотографија: AFP via Getty Images

Агенцијата за регулирање на наводнувањето во земјоделството (Бондеса) во северозападниот регион околу реката Сесија веќе нареди овошките и тополите да не се наводнуваат. Преостанатата вода би требало да ја спаси жетвата на економски важниот ориз.

Градоначалникот на Верона изминатиот викенд на веб-страницата на градот објави дека за да се обезбеди вода за пиење, се забранува наводнување на градините и спортските терени, миење автомобили и дворови, како и полнење базени. Одлуката стапува во сила веднаш и трае до август. Градините со зеленчук може да се наводнуваат само ноќе. Водата е рационализирана и во Пиза. Водата за пиење треба да се користи само „за домашна употреба и лична хигиена“. Непочитувањето може да резултира со казна до 500 евра. Во Милано, сите фонтани што се користеа само како украс сега се исклучени.

Градоначалникот на малиот град Кастенасо има неконвенционален пристап кон проблемот. Тој им забрани на фризерите и берберите двапати да ја мијат косата на своите клиенти. Ова би требало да заштеди илјадници литри вода дневно. Во малиот град со 16.000 жители има десет фризери.

Над 100 градови во Италија се повикани да ја ограничат потрошувачката на вода што е можно повеќеФотографија: PIERO CRUCIATTI/AFP via Getty Images

Португалија

Португалија, пак, уште зимоска се соочи со фактот дека 2022 година би можела да биде исклучително сува година. Поради недостиг на дожд, водостоите на реките веќе во јануари беа екстремно ниски. Затоа владата уште во февруари нареди користењето на хидроцентралите да се намали на два часа неделно. Така земјата би требало да може да има вода за пиење за своите десет милиони жители најмалку две години.

Она што зимоска се насетуваше, сега е уште појасно. До крајот на мај, во 97 отсто од земјата веќе владееше голема суша. Согорувањето на јаглен, нафта и гас ги зголеми речиси двојно сушите во Средоземјето, кои инаку се случуваа секои десет години. Некои региони ја доживуваат најлошата сушна сезона во последните илјада години.

- повеќе: Екстремно време ширум светот: меѓу пожари и поплави

Здружението на наводнувачи за земјоделство во Силвес, Лагоа и Портимао на југот на земјата веќе активираше итен план за снабдување со вода на околу 1.800 фарми и го преполови наводнувањето на некои земјоделски култури.

Во португалските медиуми, министерот за животна средина и клима Дуарте Кордеиро минатата недела истакна дека и покрај сегашните подготовки, земјата во иднина ќе мора да живее со ограничувања и повисоки трошоци за вода. Кордеиро побара од компаниите да инвестираат во мерки за подобрување на ситуацијата. Нихал Цал гледа многу можности за зголемување на ефикасноста или ѐа заштеди. „На пат од изворот на вода, на пример езеро, до индустриска зона, просечно се губат 25 отсто од слатката вода.“

Поради недостиг на дожд, водостоите на реките во Португалија веќе во јануари беа екстремно нискиФотографија: CARLOS COSTA/AFP/Getty Images

Шпанија

Исклучително суво е и во Шпанија, толку суво што две третини од целата површина е соочена со опасност да се претвори во пустина. Тоа значи дека плодните почви сѐ повеќе се претвораат во песок.

Според шпанската метеоролошка служба, оваа зима беше втора најсушна од 1961 година. Градовите на северот на земјата беа принудени да преземат драстични мерки уште во февруари.

Во местото Кампелес, во Каталонија, по наредба на градот, понекогаш дневно имаше само неколку часа вода. За итни случаи, на пет локации во местото се депонираа кофи со вода.

- повеќе: Проверка на факти: Колкаво глобално затоплување може да преживее Земјата?

Бунарите и цевките за подземни води се суви и во малиот град Вакарисес. Во моментов, луѓето имаат проточна вода само од 6 до 10 часот и од 20 часот до полноќ. Поправките на инфраструктурата и ограничувањата ја намалија потрошувачката на вода до 25 проценти дневно.

Шпанија е трет по големина производител на земјоделски производи во ЕУ. Најмалку 70 проценти од целата свежа вода се користи за земјоделство. „Потребата продолжува да расте. Наместо да предлагаме мерки за заштеда на вода, ние се преправаме дека Шпанија има вода колку Норвешка или Финска, а во реалноста сме повеќе на ниво на Северна Африка“, вели за ДВ Хуан Бареа од Гринпис Шпанија.

Старото село Ацередо пред три децении беше поплавено поради браната во долината, а сега повторно се гледа поради сушата на езерото ЛиндосоФотографија: Emilio Morenatti/AP/picture alliance

Иако ефикасното наводнување капка по капка веќе се користи на голем дел од земјоделските површини, барем една петтина сѐ уште се наводнува со методи кои не се одржливи.

За подобро справување со кризите со вода потребно е од кризен менаџмент да се премине на долгорочни планови, смета Нихал Цал. Тоа значи дека е неопходно поефикасно трошење на водата, менаџирање на ризици ориентирано кон иднината и подготовки за следната криза. Тоа значи, „прилагодување на промените на климата - на индивидуално, локално и владино ниво, на сите нивоа“, нагласува Цал.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми