Европа е последната надеж за Сараево
8 јули 2014Весникот „Рајнише пост“ пишува дека 40 проценти од работоспособното население во БиХ е невработено. „Оној кој во БиХ воопшто работи, работи во државните институции. Но, тие вработувања ги делат политичарите. Политичарите во БиХ ретко постигнуваат договори затоа што често не одлучуваат прагматично и содржајно, туку според припадноста кон етничката група. „Доколку водениците овде воопшто мелат, тоа го прават многу полека“, пишува весникот. „Речиси никаде на Балканот, војните на просторите на поранешна Југославија не ја променија толку структурата на населението како што е случајот во БиХ“.
„Политичките односи во БиХ, германската амбасадорка во земјата, Улрике Марија Кноц ги нарекува лавиринт. Во земјата има многу луѓе кои знаат што и како понатаму“. Од друга страна, весникот гледа и голем број образовани млади луѓе кои можат да се видат во Сараево. „Многу млади се полни со надеж. Во убавите улички во стариот дел на градот се слушаат и меѓународни гласови. Сето тоа меѓу џамии, православни и католички цркви и синагоги. За многумина е Сараево 'мал Ерусалим'.
„Сепак луѓето тука не си веруваат едни на други. Мнозинството се надеваат единствено на ЕУ, а не во нивните политичари. Според анкетите, 85 отсто од населението поддржуваат влез во ЕУ, и тоа, што е можно побрзо“, пишува Рајнише пост.
Предизборна кампања од затвор
Франкфуртер алгемајне цајтунг ја анализира предизборната атмосфера во Словенија во пресрет на парламентарните избори.
„Кандидатот на словенечките конзервативци, Јанез Јанша, по контроверзниот судски процес, е во затвор. Првиот судски процес против него е воден уште во 1984 година поради контрареволуционерни активности. Југословенскиот воен трибунал во 1998 година го осуди на 18 месеци затвор поради издавање државна тајна. Поранешниот премиер во меѓувреме беше осуден на нова затворска казна од две години поради корупција, која почна да ја издржува на 20 јуни годинава, точно три недели пред парламентарните избори закажани за 13 јули. Јанша, носител на листата на конзервативната опозиција, предизборната кампања ја води од затвор. Познати словенечки и меѓународни правници сметаат дека со процесот против Јанша се прекршени елементарните гаранции за владеење на правото“.
„Словенија е независна држава од 1991 година. Еднопартискиот систем беше заменет со повеќепартиски. Земјата стана членка на ЕУ и НАТО, но правосудството остана исто. Судиите и државните обвинители кои беа во тесни врски со стариот систем и натаму се на врвни позиции. Јанша уште од 1989 година го критикува правосудството како последен бастион на стариот режим. Јанша смета дека вечните кариери на познатите комунистички судии се закана за владеењето на правото. Тој бара темелни реформи на правосудството, укинување на неограничениот мандат на судиите и смена на судиите и обвинителите кои соработувале со титовиот режим“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.