1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа зад ѕидини - ќе успееме!

Барбара Везел
25 јуни 2018

Тоа не беше самит за спасување на Меркел. Но, во ЕУ сега постои консензус кога станува збор бегалците да бидат задржани подалеку од Европа. Притоа не се размислува веќе за законите и хуманоста, коментира Барбара Везел.

Belgien Brüssel - Angela Merkel und Jean-Claude Juncker
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Може ли германската канцеларка Ангела Меркел по самитот во Брисел, посветен на миграцијата, на својот коалициски партнер Хорст Зехофер да му презентира решение за тоа како можат бегалци од германската граница да бидат враќани назад во Италија? Не. Ако таа сака нешто да постигне на овој план, мора да пронајде билатерално решение. Но, со оглед на самоувереноста на новата влада во Рим, би можело притоа само да ѝ се посака среќа.

Повеќемина шефови на влади по разговорите во Брисел истакнаа дека нивната цел крајно не беше спас на госпоѓа Меркел. Но, со задоволство ја искористија и приликата за зацврстување на свртувањето во десно во миграциската политика.

повеќе: „Европа не смее да се распадне поради бегалците“

Подобро обезбедување на надворешните граници

Темата за подобро обезбедување на надворешните граници на ЕУ одамна е станата стандард во дебатите околу миграцијата. Но, малкуте копнени граници на Унијата кон југ всушност се добро осигурани. Можно е само уште повисоко подигање на жичаните огради или ангажирање поголем број граничари. На земјите членки може да им се дадат уште повеќе пари за да ги засилат своите сопствени напори. Европската комисија планира вработување на 10.000 ЕУ-граничари, за да постигне впечаток за една добро заштитена Европа. Досега меѓутоа имаше малку доброволци кои за таа цел би ставиле персонал и пари на располагање.

Во суштина, станува збор за затворање на поморската бегалска рута преку Средоземно Море. Италија веќе поставува барања за дополнителни патролни бродови и чамци од страна на другите ЕУ-земји, а притоа алудира на средоземноморската Франција. А францускиот претседател Емануел Макрон во принцип ја поддржува владата во Рим во ставот дека бегалците, посебно пред либискиот брег, не треба да бидат извлекувани од водата. За таа задача треба да биде одговорна исклучиво тамошната крајбрежна стража, која треба да биде засилена со опрема и пари.

Барбара Везел

Правата и обѕирите заборавени

За правилата на поморското и меѓународното право никој веќе не зборува. И австрискиот канцелар Себастијан Курц е сосема воодушевен од француската иницијатива. И при најдобра желба, Либија не може да биде сметана за „безбедно пристаниште“, но на сите учесници во дискусијата тоа веќе им е во меѓувреме целосно сеедно. А парите, кои треба да ѝ бидат платени на Либија за наводно згрижување на бегалците, се убава и добредојдена заработувачка за регионалните милиции. За нечовечките услови во либиските бегалски логори, за мачењата, силувањата и убиствата, ЕУ не се чувствува надлежна. Неодредено укажување и повикување на Организацијата на ОН за бегалци е целиот одговор на ЕУ по ова прашање.

Засега сѐуште дискретно се третираат и одредени планови за екстериторијални бегалскии прифатни центри, на пример во Албанија или некаде во северна Африка. Во прашање се билатерални, во најдобар случај мултилатерални договори помеѓу одделни земји, се вели од Брисел. Но, постои желбата, барем одбиените баратели на азил, кои не е можно да бидат репатрирани во татковините, да бидат симнати од врат на ваков начин.

Повеќе: 

Албанија отвора бегалски камп во замена за ЕУ-датум?

Бегалски центри „пред портите“ на ЕУ?

Популистите го диктираат курсот

Францускиот претседател надолго и нашироко зборуваше за европските вредности, но тој е меѓу првите кои не ги почитуваат. Стотици илјади луѓе се затворени во Либија. Нивно препуштање на бруталноста на паравојските е нехумано и потенцијално противзаконски. Овде воопшто не се споменуваат мачното патување и причините поради кои се тргнува во бегство. Тие веќе не се луѓе, туку само несакани, кои италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини може да ги оквалификува како „месо“ или „стока“, а со тоа да не предизвика бран огорченост.

Новите популисти во Италија и натаму ќе го поттикнуваат и диктираат курсот на остатокот од Европа кога станува збор за миграцијата. Макрон се вклопува во тоа, зашто на своите домашни десничарски екстремисти не сака да им пружи мотиви за напади. Тука се и деснопопулистичката Австрија и ЦСУ во Баварија. Стравот од популистичката оска е толкав, што мнозинството ЕУ-земји е спремно паушално да ги отфрли човековите права на мигрантите и бегалците. А канцеларката Меркел, ако сака да ја спаси својата кожа, може само уште да завива со другите волци.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми