Европа здивна со олеснување по изборите во Австрија
ЕМФ /агенции
5 декември 2016
Здив на олеснување во Европа по победата на Александер ван дер Белен на претседателските избори во Австрија. Шефот на германската СПД, Зигмар Габриел, оцени: „На цела Европа ѝ падна камен од срце.“
Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, изјави: „Во времиња на големи предизвици, натамошниот конструктивен придонес на Австрија во потрагата по заеднички европски решенија и зачувувањето на нашето европско единство е од одлучувачко значење.“
Францускиот претседаел Франсоа Оланд му честиташе на Ван Дер Белен на „јасниот и неспорен резултат“. „Австрискиот народ се одлучи за Европа и отвореност“, оцени Оланд. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, пак реагираше вака: „По победата на Трамп и гласањето за Брегзит, австриските избирачи покажаа дека разумот, толеранцијата и човечноста не се непознати зборови на изборите во ЕУ.“
„На Европа ѝ падна камен од срце“
Шефот на германските социјалдемократи Зигмар Габриел на Твитер напиша дека на „цела Европа ѝ падна камен од срце“ и му честиташе на Ван Дер Белен на изборот. Исходот од изборите, според Габриел, е „јасна победа на разумот против десниот популизам“.
И Христијанско-демократската унија реагира со олеснување. Генералниот секретар на ЦДУ Петер Таубер за агенцијата ДПА рече дека Ван Дер Белен сега има задача „да го обедини повторно австриското општество по долгата и остра изборна борба“. Таубер нагласи дека се радува многу на фактот што Ван Дер Белен ги решил изборите јасно во своја полза.
Десницата маршира низ Европа
Десничарските партии во опсег од демагошки движења кои мобилизираат луѓе врз основа на страв, до екстремни десничари, се во подем ширум Европа. Некои веќе владеат, a некои сонуваат за тоа.
Фотографија: picture alliance/dpa
Унгарија: Фидес и Јобик
Национално-конзервативната партија на премиерот Виктор Орбан - Фидес, има апсолутно мнозинство во парламентот. Од 2010. тоа мнозинство Орбан го користи за потчинување на институциите и медиумите, и покрај протестите од странство. Десно од него е големоунгарскиот, неофашистички Јобик, трета партија според популарноста во Унгарија.
Фотографија: Reuters/Laszlo Balogh
Полска: Право и правда
Национално-конзервативната партија на Јарослав Качински на изборите минатата есен освои апсолутно мнозинство. Потоа уследи донесување закони кои ја ограничуваат независноста на Уставниот суд и на јавниот медиумски сервис. Десно од нив е движењето Кукиз15, на поранешниот рок музичар Павел Кукиз, кое освои околу 9 отсто од гласовите на изборите и се залага за подигнање ѕид кон Украина.
Фотографија: Imago/Eastnews
Франција: Национален фронт
Жан-Мари Лепен ја основаше партијата уште во далечната 1972, но дури неговата ќерка Марин Лепен од неа направи најсилна политичка групација во Франција. Националниот фронт тврди дека Франција е загрозена од исламизација и се залага за заострување на казнената политика против криминалците од странско потекло.
Фотографија: Reuters/J.-P. Pelissier
Холандија: Партија на слободата
Партијата на Герт Вилдерс веќе 10 години е во холандскиот парламент. Актуелните анкети покажуваат дека неговата Партија на слободата би добила преку 30 отсто од гласовите. Вилдерс бара излегување на Холандија од ЕУ и користи жестока антиисламска реторика.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Австрија: Слободарска партија
Норберт Хофер е на пат да стане претседател на Австрија. Слободарската партија одамна е најсилната партија во Австрија, пред социјалдемократите и конзервативците. Многу Австријци со задоволство би го виделе партискиот шеф Ханс-Кристијан Штрахе како канцелар. Партијата е скептична кон ЕУ, ја подгрева атмосферата против странците и бегалците. Мото: Австрија пред сѐ!
Фотографија: Reuters/L. Foeger
Велика Британија: УКИП
Лани, партијата на Најџел Фараж освои 13 проценти од гласовите, но поради мнозинскиот систем доби само едно пратеничко место. Од основањето во 1993 година целта е излегување на Британија од ЕУ. Се заговара и поостра контрола на доселувањето и намалување на социјалните трошоци за мигрантите низ отфрлање на „мултикултурализмот“ и „политичката коректност“.
Фотографија: Reuters/V. Kessler
Италија: Северна Лига
Оваа десничарска партија во последните 30 години повеќе пати беше дел од владејачката коалиција, но по корупцискиот скандал во 2012 година одвај го мина цензусот. По избувнувањето на бегалската криза, партискиот лидер Матео Салвини поттикнува ксенофобија против странците, па партијата сега има поддршка од 14 проценти. Една од целите е и отцепување на богатиот север на Италија.
Фотографија: Reuters/Max Rossi
Грција: Златна зора
Екстремните десничари на минатите избори освоија 7 отсто од гласовите. До почетокот на финансиската криза во 2009 година беа целосно безначајна групација. Но, двојната криза со бегалскиот бран и големата невработеност им донесе раст на популарноста. Против речиси целиот партиски врв се водат судски постапки за основање на криминална организација.
Фотографија: Reuters
Шведска: Шведски демократи
Големиот бран бегалци во Шведска придонесе за раст на популарноста на оваа партија, која во моментов е на трето место, зад социјалдемократите и конзервативците. Според анкетите, партијата има поддршка од 17,7 отсто граѓани. Групата е национално ориентирана и критична кон ЕУ и САД. Се залага за „хомогено општество“ и против „мултикултурни експерименти“.
Фотографија: Reuters/J.Henriksson
Србија: Српска радикална партија
Војислав Шешељ уште од 1990-те се залага за Голема Србија на сметка на соседите и ја пропагира четничката идеологија. По ослободителната пресуда во Хаг, радикалите на Шешељ освоија 8 отсто од гласовите на изборите во Србија. Во партијата „Двери“ тие добија парламентарна конкуренција во крајната десница.