1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа - неспособна за тргување и делување

Бернд Ригерт
26 октомври 2016

Фијаското околу договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада е само симптом, проблемот на ЕУ е многу подлабок, смета Бернд Ригерт.

Berlin  Protest gegen Handelsabkommen Ceta Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Carstensen

За да се разбере што се случува вистински, не е доволно само вперување со прст врз тврдоглавите Валонци и префрлање на целата вина за драмата околу ЦЕТА врз заостанатите противници на слободната трговија. Свој дел од одговорноста за неа сносат и ЕУ и нејзините членки, па и самата Канада.

Уште пред една година Валонците, кои се чувствуваа отфрлени в ќош од страна на големите меѓународни концерни, се пожалија кај Европската комисија која ги води преговорите со Канада, ја изразија својата загриженост и ги пренесоа своите желби. Во април валонскиот парламент со резолуција се изјасни против ЦЕТА. Најдоцна тогаш валонскиот премиер и ЕК требаше да се сепнат и да помислат правовремено да реагираат на отпорот од Валонија. Но, не се случи речиси ништо, иако терминот за самитот ЕУ-Канада веќе одамна беше утврден. Се остави работите да одат по свој тек.

Специјални желби

А потоа, неколку дена пред планираното потпишување на спогодбата - големо исчудување поради тврдоглавоста на Валонците. Тие пак се осетија осоколени од примерите на другите членки, кои успеаја да им се исполнат посебни желби или се закануваа со уцени: Романија и Бугарија на таков начин во „преговарачкиот казан“ го уфрлија укинувањето за визниот режим за своите граѓани. Германците во последен час изборија прифаќање дополнителни клаузули кои на Германија и останатите членки им оставаат можност за излез од ЦЕТА во случај германските судови сепак да најдат некое влакно во јајцето.

Социјалдемократите во ЦЕТА, ТТИП и во глобалната трговија препознаа тема за предизборна кампања и така ја охрабрија својата пријателска социјалистичка влада во Валонија да си ја проба среќата. Баварскиот регионален кнез, премиерот Хорс Зехофер од ЦСУ, сметаше за сосем исправно што повеќе парламенти да имаат право на глас во сложените преговори со ЦЕТА.

На тоа треба да се придодаде и за надворешните набљудувачи тешко сварливото државно уредување на Белгија, која на своите регионални парламенти и на парламентите на различни јазични групи (станува збор за вкупно пет претставнички тела) им дава невообичаено големи права во соодлучувањето околу меѓународните спогодби. Меѓутоа, ова не требаше да биде изненадување за белгискиот премиер и ЕК, чие седиште е токму во Брисел. Државните реформи спроведени минатите децении и исклучително комплексните структури на федерално уредената Белгија им беа познати на сите заинтересирани за темата. Патем речено, ни германското малцинство од источниот дел на земјата, кое брои околу 70.000 членови, уште не дало зелено светло за ЦЕТА. Претседателот на нивната регионална влада, Оливер Пааш уште се крие зад своите колеги во Валонија. Но, можеби Германската заедница на Белгија, ДГБ, како што се вика овој сојузен ентитет, еден од трите во Белгија (покрај Фламанската и Француската заедница) има потреба да ѝ залепи шлаканица на сојузната влада во Брисел? Кого би го чудело тоа сега кога, по Валонија, и Регионот на главниот град Брисел во последен момент вложи вето? 

Бернд Ригерт

Трома и уценлива ЕУ

И Канада направи грешки. Канаѓаните во преговорите премногу се потпираа на ЕК и ги потценија поединечните интереси на 28-те членки. Кога се преговара со ЕУ, тогаш сепак мора да се склучат 28 поединечни спогодби, а не една единствена со целата ЕУ, тоа сега го увидоа и канадските експерти. Комисијата, правно гледано, има мандат за самостојно преговарање, но членките очигледно тоа не го сфаќаат премногу сериозно.

Драмата околу ЦЕТА ги покажува границите на ЕУ. Едногласноста, која е предуслов за донесување одлуки ја прави трома и подложна на уцени. Во преговорите со САД околу ТТИП и со Јапонија мора да постои подобра стратегија. Земјите членки и нивните региони мораат онаму каде е потребно, порано да бидат вклучени во преговорите. Тоа е макотрпно, но очигледно неизбежно.

ЕУ уште еднаш се претстави како дисфункционална заедница. Дури и оние нејзини граѓани кои негуваат симпатии кон неа, сега ќе се запрашаат: за што служи Унијата која ни таму каде би требало да е најјака и каде ѝ е главниот смисол, на полето на трговијата и заедничкиот пазар, не функционира? Дали на крајот таа ќе се задуши самата себе си?

Секако, одлагањето на потпишувањето на ЦЕТА е срамота. Но, сеуште не е крај на светот или крај на сите трговски спогодби. Конечно, и едната и другата страна имаат економски интерес договорот сепак да биде склучен. Уште трае фазата на „потпишување“. Фазата на ратификување во Европскиот и уште во 28 национални парламенти, како и цела низа регионални и покраински, меѓу другите и валонскиот, допрва следи.

Страв од глобализацијата

Ако се погледне малку наназад, може да се види дека Валонците можеби само отворено го искажаа она што потајно го мислат бројни граѓани на ЕУ: страв од последиците на глобалната трговија и економија. Вовлекувањето во сопствената полжавска куќичка и враќањето кон националните вредности моментно е во мода. И излезот на Велика Британија од ЕУ е израз на оваа мрачна состојба на европскиот дух. Но, и во  традиционално проевропски ориентираната Германија, популистите од лева и десна ориентација ја напаѓаат слободната трговија  и ЕУ. Резултатот на референдумот за  спогодбата меѓу ЕУ и Украина во Холандија, успехот на националистите на претседателските избори во Австрија, унгарското „не“ за бегалците, сето тоа се симптоми на длабока криза на довербата во ЕУ.

А веќе претстои идно изјаснување на европските граѓани кои на ЕУ би можеле да ѝ зададат нов болен удар: италијанскиот премиер Матео Ренци ги повика италијанските граѓани на почетокот на декември да се изјаснат околу далекусежни и коренити уставни промени. Политичките противници на Ренци тој референдум го стилизираат во изјаснување за ЕУ, иако тоа воопшто не е споменато на гласачките ливчиња. Станува збор „само“ за уставни реформи.

 

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми