1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа (повторно) се врти кон Балканот

Александер Андреев/бг28 декември 2015

Во 2015 година Балканот како регион повторно се помести во центарот на интересот на Европската унија. Бегалската криза имаше клучна улога во тој третман.

Фотографија: BGNES

Донеодамна во Брисел преовладуваше мислење дека Балканот треба да се „замрзне“ и со него ЕУ да се занимава дури откако ќе се најде време за тоа. Така смета политикологот Иван Крстев. Но развојот на настаните беше сосема поинаков. Финансиската криза во Грција, агресивната руска политика и нејзините енергетски планови, бегството на бегалците од Блискиот Исток, стотиците илјади баратели на азил од Западниот Балкан, сиромашните мигранти од Бугарија и Романија - сите тие случувања го вратија регионот во центарот на вниманието на ЕУ.

Секој десетти Европеец (без Турција) живее на балканскиот полуостров. Регионот е хетероген, но во споредба со останатите региони неговите земји сепак поседуваат и изразени заеднички карактеристики: сиромаштија, економска и општествена заостанатост, недостаток на владеење на право, политичка нестабилност. Кризната година дополнително ги заостри постојните проблеми. Јохана Дајмел од германското Друштво за Југоисточна Европа регионот го нарекува „јадро на Европа“, па Европа под итно мора да пронајде нови решенија, стратегија и инструменти за Балканот.

Бегство од сиромаштијата

Аналитичарите се сложни во оценката дека е неопходно на регионот да му се посвети поголемо внимание и дека тоа е во севкупен европски интерес. Прво, бегалците кои од Балканот или преку него пристигнуваат во ЕУ го потврдуваат овој наод. „Сега мора да се разговара со тие земји. Не да се разговара за нив, туку со нив“, вели Душан Релјиќ од фондацијата Наука и политика. Тој потсетува дека најголем број бегалци во првата половина од годината во Германија дојдоа токму од Западниот Балкан. Германија е земја во која од Романија и Бугарија дојдоа и најмногу т.н. „доселеници од сиромаштија“, над 200 илјади во последните две години. Тие луѓе бегаат поради недостаток на перспектива во нивната татковина.

Иван КрстевФотографија: BGNES

„За целиот регион, независно од тоа дали се земји на ЕУ или не, карактеристичен е релативно нискиот животен стандард и пред сѐ големата невработеност меѓу младите. Сѐ поголем е јазот во приходите и благосостојбата меѓу европскиот север и југ. Протестите во Босна во 2014 и во Македонија во 2015, или актуелните протести во Црна Гора носат во себе и барање за нова политичка култура и економска, демократска и политичка перспектива“, вели Јохана Дајмел. Околу таквата перспектива ќе мора да се потрудат и балканските земји и ЕУ, во спротивно мигрантскиот притисок ќе остане константен.

Балканската бегалска рута

Во втората половина на годината Балканот повторно стана тема за главните вести. Стотици илјади блискоисточни бегалци го побараа патот кон северна Европа преку Грција, Македонија, Србија, а делумно и преку Бугарија, Хрватска и Словенија. Особено Србија и Македонија немаа лесна задача да го организираат транзитот. Сепак, поголеми инциденти и насилство не се случија. Бегалците не наидоа насекаде на добредојде, но беа пренасочени кон Австрија и Германија. Душан Релјиќ вели дека Македонија и Србија кон бегалците се однесувале далеку похумано од некои членки на ЕУ. „За чудо, членките на ЕУ од регионот повеќе придонесоа кон лошиот имиџ на Балканот, додека земјите кои не се членки дадоа позитивен придонес“.

Балканските влади не го увидоа проблемот навреме, па не се подготвија. Шверцерските банди добро заработуваа на човечката неволја сѐ додека не беше организиран каков-таков прием и превоз за бегалците. Квотите на ЕУ не наидоа на одобрување. Додуша, владите во Загреб, Софија и Букурешт се согласија на нив, но населението нема позитивен однос кон бегалците. Антилибералните и ксенофобични реакции беа особено забележливи во Бугарија, поради што бегалците и ја заобиколуваат оваа земја. Во однос на бегалците, Европа повторно се подели, а балканските земји главно беа во групата со Унгарија, Полска и балтичките земји кои не сакаат бегалци.

Страдањата на бегалците на македонско-грчката граница. Фотографијата на Ѓорѓи Личовски која ја доби годишната награда на УНИЦЕФФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Граници и безбедност

Големиот број бегалци на дневен ред го стави прашањето за надворешните граници на ЕУ. „ЕУ веќе десет до 15 години се обидува да ја заобиколи оваа тема. Сега мора да го реши проблемот, доколку сака да ја реши бегалската криза“, вели Иван Крстев. И НАТО мора да ги заштити своите граници на Балканот. Романија и Бугарија како членки на западната воена алијанса повеќе пати во текот на годината укажуваа на опасноста која за нив ја претставува конфликтот во Украина. Букурешт има дополнителен судир со Москва околу Молдавија и нејзиниот отцепен дел Придњестровје.
Геополитичките и енергетски планови на Кремљ во регионот треба да се сфатат сериозно, вели Јохана Дајмел. „Од една страна, Србија е во стратешко партнерство со Москва, а од друга, Црна Гора која тукушто доби покана да се приклучи кон НАТО. Конечно, миграциите и движењето на бегалците имаат безбедносна компонента, бидејќи можната верска радикализација на муслиманските заедници во регионот претставува потенцијална опасност и за тие земји и за Европа. Во однос на сите тие прашања, Балканот игра важна улога за цела Европа, сега уште повеќе од порано“, вели Дајмел.

Јохана ДајмелФотографија: Southeast Europe Association
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми