1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа може да се распадне

Бернд Ригерт / превод: ЕМФ4 септември 2015

Притисокот што го предизвикуваат бегалците се претвора во криза за ЕУ. Институциите молчат, земјите членки работат една против друга. На ЕУ и‘ се заканува политичка вонредна состојба, оценува Бернд Ригерт.

Фотографија: DW/L. Tomic/D. Milošević

Застрашувачки е колку брзо европските вредности се погазуваат под притисок на бегалската криза во ЕУ. Односот кон се‘ поголемиот број бегалци, баратели на азил и мигранти од европското соседство, доколку набрзо нешто не се случи, со невообичаено голема брзина ќе стане тест на издржливост за ЕУ.

Достоинствен однос кон бегалците веќе не е гарантиран. Преполни сместувалишта, шверцерски банди, поттикнување на омраза предизвикана од непријателство кон странци, диви кампови на железничките станици, кај Евротунелот или среде Брисел - сето тоа е горчлива реалност и нема ништо заедничко со многу истакнуваната Европа на солидарност и праведност.

Се чини дека план нема дури ни канцеларката Ангела Меркел. Од една страна, во интервјуа таа вели дека досегашните „Даблински правила“ на ЕУ веќе не функционираат. Од друга страна, таа инсистира на тоа Унгарија, Грција и Италија да се држат до дисфункционалните правила. Даблин пропишува за барателите на азил да се грижи земјата каде тие првпат стапнале на територија на ЕУ.

Даблин е мртов, да живее своеглавоста?

Вака веќе не може да се продолжи. Германија, Австрија и другите држави кои примаат големо мнозинство од барателите на азил бараат „праведна“ распределба на азилантите во сите 28 земји членки на ЕУ. Мнозинството држави, меѓутоа, не е погодено од актуелната криза и затоа нема интерес од реформи. Се‘ додека барателите на азил сакаат да стигнат во Германија, Шведска или Австрија, се‘ е во ред, си мислат Полска, Шпанија, Ирска, Финска и многу други. Солидарност? Тешко.

Досегашниот правен систем се топи под притисокот на состојбите, а ЕУ посматра без да преземе што било. Унгарската влада се обидува да излезе на крај со хаосот со изградба на ограда кон Србија и натамошно пропуштање на барателите на азил кон Австрија или Германија. Австрија и Германија се бранат со засилени контроли. Виена се заканува со финансиски консеквенции за несолидарните земји на ЕУ, кои конечно профитираат од нето-плаќачот Австрија.

Бернд Ригерт, автор на коментарот

Поштеди ме, оди кај соседот

Конфликтите меѓу ЕУ-државите може да избијат брзо и да доведат до ограничување на слободата на патување преку гранични контроли во т.н. „Шенгенски простор“. Ако не можеш да се потпреш на правната верност на останатите држави на ЕУ, мораш да се заштитиш сам - тоа е логиката која ги загрозува достигнувањата на Европа. По прашањето на бегалците одамна повторно важи т.н. „Св. Флоријан-принцип“: поштеди ја мојата куќа, запали ја таа на соседот.

Атина во делот на политиката кон бегалците уште пред многу години се откажа од секаква пристојност. Ниту има центри за прием на бегалци, ниту пак постапки за азил. Грција ги транспортира луѓето, за кои инаку е надлежна, на својата северна граница и ги испраќа на Балканската рута. Потоа луѓето од Србија повторно влегуваат во земја на ЕУ - Унгарија, иако веќе биле во земја на ЕУ - Грција. Во извесна мерка може и да се разбере зошто Будимпешта се спротивставува. Италија постапува слично, само во поблага форма. Велика Британија се обидува да се изолира и со Франција спори околу обезбедувањето на тунелот и на пристаништето во Кале. Уште еден срам среде Европа.

Криза со најава

Во Европа никој, па ни Германија, не се подготвуваше за порастот на бројот на бегалци кој можеше да се предвиди. Во Германија со години се намалуваа капацитетите за прием на бегалци. Сојузот има премалку персонал во институциите кои носат одлуки за азил.

Од централата на ЕУ во Брисел деновиве може да се чуе малку нешто што е од помош. Европската комисија тукушто се буди од летниот сон и мрмори дека уште во мај имало план од десет точки. Тој план, меѓутоа, не е спроведен од членките на ЕУ. Уште тогаш Комисијата увтрди дека во Грција и Шпанија владее вонредна состојба. Префрлањето на барателите на азил или на воените бегалци оттаму во други земји на ЕУ, не се случи до денес.

Ако министрите за внатрешни работи, кои имаат средба за десетина дена, не се договорат брзо за реформа на правилата од Даблин, како и за заеднички центри за азил и доколку не договорат клуч по кој ќе се распоредуваат бегалците, тогаш ЕУ ќе се врати во времето на рампи, огради и ѕидови. Тоа, независно од лошата судбина на бегалците, би значело вонредна состојба за европскиот проект.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми